Викимедија МКД го промовираше пристапот до слободно знаење пред студентите на ПМФ

На 16 октомври 2025 година, Викимедија МКД учествуваше на едукативно-забавен настан што се одржа во дворот на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Настанот, организиран од Факултетско студентското собрание на ПМФ, имаше за цел да ги поттикне студентите на активно учество во академскиот и општествениот живот преку запознавање со организации кои нудат можности за неформално образование, волонтирање и личен развој.

Викимедија МКД беше една од организациите кои се претставија пред студентите, заедно со Red Bull Македонија, ИАЕСТЕ Македонија и Црвениот крст – ОО Гази Баба. На штандот на Викимедија МКД, присутните студенти имаа можност да дознаат повеќе за мисијата и активностите на организацијата, за нејзините тековни програми и проекти, како и за начинот на кој можат да станат дел од вики-заедницата.

Претставниците на организацијата ги информираа студентите за образовната програма на Викимедија МКД, како и ГЛАМ програмата и уредувачките маратони, преку кои се поттикнува создавањето и споделувањето на слободно знаење. Особено внимание беше посветено на можностите за соработка со факултетите и студентите кои сакаат да придонесат во збогатувањето на содржините на Википедија на македонски јазик.

Атмосферата на настанот беше одлична – пријатна, динамична и исполнета со позитивна енергија, разговори и дружење. Студентите со голем интерес поставуваа прашања и се вклучуваа во дискусии околу значењето на слободниот пристап до информации и користа од уредувањето на Википедија како едукативна алатка.

Со своето присуство, Викимедија МКД уште еднаш ја потврди својата посветеност кон промовирање на слободното знаење и градење мостови меѓу академската заедница и вики-заедницата. Настанот претставуваше одлична можност за воспоставување нови контакти, потенцијални партнерства и инспирирање на младите да придонесат во создавање на поквалитетни и подостапни информации за сите.

Одржана обука за ученици од МУ „Нова“

Викимедија МКД континуирано работи на промовирање на Википедија како алатка за учење, истражување и развој на критичко размислување кај младите. Една од нашите клучни цели е да ги запознаеме учениците со основите на уредувањето на најголемата енциклопедија на светот, да ги охрабриме да придонесуваат кон слободното знаење, и да им покажеме дека и тие можат да остават траен отпечаток со своето знаење и истражувачки труд.

Во таа насока, на 14 октомври 2025 година, беше одржана обука за уредување на Википедија со група ученици од Меѓународното училиште „Нова“. На обуката учествуваа пет ученици кои се запознаа со основите на Википедија: како функционира оваа платформа, кои се правилата за уредување, како се пишуваат неутрални и добро поткрепени статии и како се користат веродостојни извори.

Во текот на обуката, учениците активно учествуваа со поставување прашања, дискутирање идеи и избирање теми за нивните први статии. Тие пишуваа на темата „Реки и езера“, која е тема на тековниот уредувачкиот маратон за средношколци. Преку оваа тема, учениците имаа можност да истражуваат за природните богатства, географските карактеристики и значењето на водените површини – како во Македонија, така и во поширок регионален и светски контекст.

Како резултат на обуката, беа создадени 5 нови статии на Википедија на македонски јазик. Учениците покажаа интерес, сериозност и посветеност во работата, а дел од нив изразија желба и понатаму да уредуваат и да се вклучат во идни проекти.

Оваа активност претставува само уште еден чекор во нашата мисија да ги поттикнеме младите да станат активни создавачи на знаење, а не само негови корисници. Веруваме дека со секоја нова обука го шириме кругот на млади ентузијасти кои ќе придонесуваат за градење на квалитетна и достапна енциклопедиска содржина на македонски јазик.

Одржана обука за ученици од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“-Скопје

Викимедија МКД, на 9 октомври 2025 година одржа едукативна обука за уредување на Википедија со ученици од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје. Обуката се одржа во просториите на Викимедија МКД во МКЦ со ученици од меѓународната паралелка при гимназијата, при што вкупно осум ученици се запознаа со основите на уредување содржини на Википедија на македонски јазик.

Учениците пишуваа статии за тековниот уредувачки натпревар за средношколци на тема „Реки и езера“, кој има за цел да ги поттикне младите да истражуваат, пишуваат и придонесуваат кон збогатување на слободното знаење поврзано со природното богатство на Македонија и пошироко. Учениците кои учествуваа на обуката започнаа со пишување статии поврзани со реките и езерата, следејќи ги правилата и насоките на Википедија за користење проверливи извори, енциклопедиски стил на пишување и лиценцирање на содржината.

Обуката опфати повеќе сегменти: запознавање со мисијата на Википедија и движењето на Викимедија, технички аспекти на уредување на статии, користење на наводи и медиумски материјали, како и етички аспекти при уредувањето. Учениците покажаа голем интерес, ангажираност и љубопитност, и активно учествуваа со свои прашања и идеи.

Целта на овој натпревар, а и на самата обука, е не само да се создаде нова квалитетна содржина на Википедија, туку и да се охрабрат младите да станат активни создавачи на знаење, а не само негови потрошувачи. Уредувањето на Википедија е одлична можност за развивање на дигитални и истражувачки вештини, критичко размислување, како и зајакнување на свеста за важноста на слободниот пристап до информации.

Вкупно беа напишани 7 статии. Викимедија МКД ќе продолжи со вакви активности и во иднина, со цел поголемо вклучување на ученици и наставници во образовните проекти на Викимедија, и со тоа придонесување кон слободно и достапно знаење за сите.

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Викимедија МКД и Природно-математичкиот факултет во Скопје

На 7 октомври, во просториите на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Викимедија МКД и оваа високообразовна установа. Овој чин претставува значаен чекор кон воспоставување на долгорочно партнерство посветено на развојот на образованието, научното истражување и унапредувањето на слободниот пристап до знаење.

Со потпишувањето на меморандумот, двете институции ја истакнаа својата заложба за заедничко делување во насока на интегрирање на дигиталните алатки и ресурси во академската средина, со цел создавање на поквалитетни, достапни и проверени образовни содржини. Соработката се темели врз заедничката визија за општество во кое знаењето е слободно, отворено и достапно за сите, и каде што академската заедница активно учествува во неговото создавање и ширење.

Викимедија МКД, како организација која активно работи на промовирање и развивање на слободни знаења преку проектите на Викимедија, и Природно-математичкиот факултет, како една од водечките академски институции во земјата, преку потпишувањето на меморандумот ја изразија својата подготвеност за меѓусебна поддршка и заедничко делување во областите каде што образованието и дигиталното знаење се среќаваат.

На свеченото потпишување присуствуваа претставници од двете институции. Од страна на Викимедија МКД беа присутни Снежана Штрковска – извршен директор на организацијата, Орце Нинески – координатор за соработка со културни институции, и Боса Филиповиќ – менаџер за образовна програма. Од Природно-математичкиот факултет присуствуваше деканот проф. д-р Д-р Даворин Трпески, кој ја истакна важноста на ваквите партнерства како можност за зближување на академската заедница со глобалното движење за слободно знаење и за поттикнување на научната и истражувачката работа во насока на отвореност и достапност.

Со потпишувањето на меморандумот се воспоставува рамка за разгледување на различни можности за идни активности и заеднички проекти. Во наредниот период, двете институции ќе работат на идентификување на области каде што може да се спојат академското искуство и практичните можности што ги нуди Викимедија, со цел да се поттикне развој на дигитални и истражувачки вештини, како и создавање на квалитетни и проверени образовни содржини достапни за сите.

Овој меморандум претставува почеток на соработка која има потенцијал да донесе долгорочни придобивки за академската заедница, студентите и општеството во целина. Викимедија МКД и Природно-математичкиот факултет ја делат истата визија – создавање на општество засновано на отворено, достапно и квалитетно знаење, каде што секој има можност да учи, да споделува и да придонесува кон слободниот проток на информации.

Уредувачки натпревар за средношколци на тема „Реки и езера“

Дали си љубител на природата и сакаш да пишуваш? Дали сакаш твоето знаење да остане достапно за сите, засекогаш? Оваа есен, имаш шанса да станеш дел од заедницата што ја гради најголемата енциклопедија на светот – Википедија. Придружи ни се на уредувачкиот натпревар на тема „Реки и езера“, наменет исклучиво за средношколци, и освои вредни награди додека учиш, истражуваш и споделуваш знаење.

Уредувачки натпревар на тема „Реки и езера“ има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на тема „Реки и езера“. Право на учество на натпреварот ќе имаат исклучиво ученици средношколци, на возраст од 15 до 18 години. Сите останати немаат право на учество на натпреварот!

Натпреварот започнува на 6 октомври 2025 година и завршува на 26 октомври 2025 година.  

Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии, кои недостигаат на Википедија на македонски јазик и да подобруваат веќе постоечки. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале.

Напомена: На крајот од секоја седмица ќе биде прогласена најдобрата статија создадена во тој временски период, а не најголем број на создадени статии. Сепак можете да учествувате со повеќе добри статии, со што ќе си ја зголемите можноста да добиете една од наградите.

Статиите ќе ги прегледува жири, кое ќе биде составено од тројца википедијанци. Жирито ќе ја донесе конечната одлука за победниците.

Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за книги/материјали, техничка стока или спортска опрема по избор на добитникот. На натпреварот ќе се доделат три награди за најдобрите статии по седмица, како и три награди за најдобрите уредници по завршување на трите недели. Еден учесник има можност да добие повеќе награди, на пример награда за најдобра статија по седмица, како и награда за најдобар вкупен придонес. Наградените ќе бидат прогласени по оценувањето на статиите од страна на жири-комисијата. Наградите се следниве:

  • Прва седмица –  Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
  • Втора седмица – Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
  • Трета седмица – Вредносен купон во вредност од 2.000 денари.

На крајот од трите седмици:

  • Прва награда: вредносен купон во вредност од 6000 денари.
  • Втора награда: вредносен купон во вредност од 4000 денари.
  • Трета награда: вредносен купон во вредност од 2000 денари.

Приклучи се и направи разлика

Ова не е само натпревар – ова е можност да оставиш свој траен печат во дигиталниот свет на знаењето. Учествувај, научи нешто ново, запознај се со начелата на Википедија и најважно – помогни на заедницата да стане побогата со квалитетни информации.

Твоето знаење заслужува да биде споделено. Учи, уредувај, освој.

 

Солун домаќин на најголемиот собир на википедијанци од Централна и Источна Европа

Од 26 до 28 септември 2025 година, во Солун, Грција се одржа „CИЕ Викимедија конференцијата“ – најголемиот регионален собир на википедијанци од Централна и Источна Европа. Настанот се одржува еднаш годишно и има за цел да создаде простор за соработка, размена на искуства и развој на нови идеи што ќе го унапредат движењето на Викимедија на регионално и глобално ниво.

Оваа година, конференцијата собра претставници од повеќе од дваесет земји, меѓу кои беа присутни и претставници на Викимедија МКД. Нашата организација беше претставена од Снежана Штрковска, извршен директор, Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма, Јован Тастевски, менаџер за заедница, како и од Нино Богдановски и Кирил Симеоновски, членови на Извршниот одбор на Викимедија МКД. Претставник од Македонија беше и Тони Ристовски кој е вработен во СИЕ Хабот на Централна и Источна Европа на Викимедија.

Програмата на конференцијата беше исполнета со предавања, работилници и панел-дискусии посветени на најразлични теми – од образованието и културното наследство, па сè до соработки со институции и технолошки новини во движењето. Во рамки на официјалната програма, македонската делегација имаше значајно и забележително присуство преку учество во неколку различни сесии каде беа презентирани клучни проекти и иницијативи што ги спроведува Викимедија МКД. Претставниците говореа за успешни примери од практиката во Македонија, како што се активностите поврзани со образованието, теренските истражувања, соработките со локални институции и градењето на заедницата.

Во своите обраќања, тие детално ги споделија искуствата стекнати преку години посветена работа, опишувајќи како проектите на Викимедија МКД придонесуваат за збогатување на слободното знаење, поттикнување на младите за активно учество во Википедија, како и за зачувување на културното и природното наследство преку дигитална документација. Македонските активности беа прикажани како успешен модел кој може да се адаптира и примени и во други земји од регионот, а интересот што го предизвикаа презентациите резултираше со конкретни предлози за идна соработка и вмрежување.

Покрај официјалните сесии, нашата делегација активно учествуваше и во неформалните дискусии, каде се разменуваа идеи за идни иницијативи, соработки и зајакнување на мрежата на википедијанци од регионот. Атмосферата беше исполнета со ентузијазам, колегијалност и чувство на заедништво, а македонските учесници се вклучија во повеќе работни групи каде беа отворени важни прашања поврзани со иднината на движењето.

Присуството на Викимедија МКД на овој значаен настан уште еднаш го потврди нашето активно место во меѓународната википедијанска заедница. Со своите излагања, проектни искуства и идеи, нашите претставници дадоа видлив придонес во дискусиите и ја зацврстија улогата на организацијата како важен партнер во регионот на Централна и Источна Европа. Ова учество претставуваше одлична можност за градење нови пријателства, воспоставување на соработки и инспирирање на идни проекти што ќе придонесат за унапредување на мисијата на Википедија – создавање и ширење на слободното знаење достапно за сите.

Викимедија МКД се претстави на Саемот на организации во МУ „Нова“

Викимедија МКД и оваа година беше дел од Саемот на организации што се одржа на 30 септември 2025 година во просториите на Меѓународното училиште „Нова“. Настанот, кој традиционално се организира во рамки на програмата „CAS“ (Креативност, Активност, Сервис), има за цел да им понуди на учениците можност да се запознаат со различни општествено-одговорни иницијативи и да се вклучат во активности кои придонесуваат за пошироката заедница.

Претставниците на Викимедија МКД, Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма и Јован Тасевски, менаџер за заедница пред учениците ја презентираа мисијата и целите на организацијата, со особен акцент на тоа како младите можат да придонесат во развојот на Википедија на македонски јазик и во ширењето на слободното знаење. Штандот на организацијата привлече значителен интерес – голем број ученици прашуваа за можностите за волонтирање, начинот на кој се уредуваат статии и проектите во кои можат активно да се вклучат.

Преку разговори со младите учесници, тимот на Викимедија МКД доби нови идеи и предлози за идни активности што би можеле да се спроведат во соработка со училиштата и младинските клубови. Овој дијалог е особено важен, бидејќи токму учениците се тие што носат свежи перспективи и креативни пристапи во создавањето и споделувањето на знаење.

Со своето учество на овој настан, Викимедија МКД уште еднаш ја потврди својата заложба за вклучување на нови генерации во движењето за слободно знаење. Веруваме дека преку нивната енергија, љубопитност и посветеност ќе продолжиме заеднички да ја градиме Википедија и да го шириме опфатот на слободната енциклопедија, достапна за сите.

Прекин на уредувањето на Викимедија проектите на 24 септември поради префрлање на сообраќајот меѓу серверите

Ве известуваме дека Фондацијата Викимедија ќе го префрли интернет сообраќајот меѓу своите сервери. Оваа промена е неопходна за да се осигураме дека Википедија и другите Викимедија проекти ќе останат достапни дури и во случај на технички проблем или катастрофа.

Сите проекти ќе бидат префрлени на 24 септември 2025 година, со почеток во 17:00 часот по македонско време.

Важно: Краток прекин на можноста за уредување

Поради ограничувања во платформата MediaWiki, уредувањето ќе биде оневозможено за краток временски период додека трае префрлањето. Ќе можете да ги читате сите проекти, но нема да можете да уредувате до еден час на среда, 24 септември 2025.

Доколку се обидете да зачувате страница во тој период, ќе видите порака за грешка. Препорачуваме да зачувате копија од вашите уредувања пред да се обидете повторно, откако ќе заврши прекинот.

Како ќе изгледа тоа?

  • Банер ќе биде прикажан на сите вики проекти 30 минути пред почетокот на операцијата, и ќе остане видлив сè додека не заврши префрлањето.

  • Може да придонесете со превод или лекторирање на текстот на банерот.

  • Техничките задачи (background jobs) ќе се извршуваат побавно и некои може да бидат прекинати. На пример, црвените врски може да не се ажурираат веднаш.

  • Некои скрипти кои траат подолго ќе мора да бидат запрени.

  • GitLab ќе биде недостапен приближно 90 минути.

  • Кодот ќе продолжи да се применува како и секоја недела, иако во одредени случаи може да има привремено „замрзнување“ на промените.

Можни измени

Оваа операција може да биде одложена доколку е потребно. Распоредот и евентуалните промени можете да ги следите на: wikitech.wikimedia.org

Фондацијата Викимедија се извинува за непријатностите и работи на тоа ваквите прекини да бидат што поретки во иднина.

Википедија на македонски јазик достигна 155.000 статии – значаен чекор напред за слободното знаење на македонски јазик

На 17 септември 2025 година, Википедија на македонски јазик официјално ја достигна бројката од 155.000 енциклопедиски статии, поставувајќи уште една важна пресвртница во развојот на слободното знаење достапно на македонски јазик. Овој успех претставува резултат на две децении посветена работа од страна на заедницата на волонтери, уредници, поддржувачи и ентузијасти, кои постојано придонесуваат кон зголемување на квалитетот и обемот на содржините на македонската верзија на најголемата онлајн енциклопедија во светот.

Од идеја до енциклопедиска реалност

Википедија на македонски јазик беше започната во септември 2003 година како дел од глобалното движење за слободно знаење. Првата статија беше создадена со многу ентузијазам, а денес, повеќе од 20 години подоцна, проектот се разви во респектабилен дигитален ресурс кој опфаќа теми од сите области на човековото знаење – историја, наука, уметност, култура, географија, технологија, биографија, и многу други.

Со секоја нова статија, Википедија на македонски јазик станува се подостапна и покорисна алатка за ученици, студенти, наставници, новинари, истражувачи, и сите граѓани кои сакаат брзо и лесно да дојдат до веродостојни информации на својот мајчин јазик.

Зад бројките стои заедница

Иако бројката од 155.000 статии сама по себе е импресивна, уште поважно е тоа што зад ова достигнување стои заедница – група луѓе кои веруваат во мисијата на слободното знаење. Википедија на македонски јазик е целосно базирана на волонтерска работа. Секој уредник, без оглед на својата возраст, професија или искуство, има еднаква можност да уредува, подобрува или креира нови содржини.

Оваа отвореност и соработка е клучниот фактор што овозможи Википедија на македонски јазик не само да опстане, туку и да прерасне во значаен национален и регионален ресурс.

Што значи 155.000 статии? 

Оваа бројка не е само симболичен доказ за раст. Таа претставува:

  • Зголемена покриеност на теми од македонскиот и светскиот контекст

  • Подобра застапеност на македонската култура, историја и јазик на интернет

  • Поголема достапност на едукативни материјали за ученици и наставници

  • Јакнење на дигиталната писменост и критичкото размислување кај корисниците

Повикуваме на учество!

Секој може да стане дел од овој проект. Не мора да сте експерт или професионален писател. Доволно е да имате желба да споделите знаење, да придонесете за заедницата, и да помогнете во подобрување на содржините достапни за сите.

Доколку сакате да се приклучите кон уредувањето на Википедија, да учествувате во проекти, уредувачки маратони или обуки – ве охрабруваме да го направите првиот чекор. Почнете со читање, потоа пробајте да уредите, а наскоро можеби и вие ќе ја напишете 156.000-тата статија!

Благодарност до заедницата

Овој успех е заеднички. Благодарност до сите досегашни уредници, поддржувачи, организации и институции кои на кој било начин придонеле за развојот на Википедија на македонски јазик. Вашиот труд и посветеност се дел од нешто многу поголемо – светската мрежа на слободно знаење.

Продолжуваме понатаму

Растот на Википедија на македонски јазик не застанува тука. Напротив, ова е само уште една станица на патот кон уште поголема покриеност, квалитет и достапност на информации на македонски јазик. Заедно, можеме да создадеме енциклопедија што ќе им служи на идните генерации.

Придружете ни се! Википедија ја градиме заедно.

„Фотографирање на историјата“ – Викиекспедиција во Струшко

Викиекспедициите се теренски активности организирани од волонтери на Википедија и сродните проекти, со цел да се истражуваат и документираат различни подрачја од Македонија. Овие експедиции претставуваат важен спој меѓу теренското истражување, културолошката евиденција и дигиталното волонтерство, преку кои на јавноста ѝ се овозможува пристап до точни, ажурирани и визуелно богати информации за населените места, историските објекти, верските храмови, природните реткости и локалната архитектура.

Идејата зад овие експедиции е не само да се создаде и збогати енциклопедиска содржина на Википедија и нејзините сестрински проекти, туку и да се придонесе кон зачувување на културното наследство преку дигитална документација, особено на објекти и места кои често се изоставени од јавниот фокус или се недоволно истражени.

По официјалното завршување на летните активности во рамки на викиекспедициите во август 2025 година, дел од учесниците одлучија да го искористат викендот пред големиот празник Голема Богородица (23-24 август) за третата викиекспедиција за 2025 година, овој пат на територијата на Струшко Поле и околните планински села на масивот Караорман. Оваа теренска експедиција имаше за цел дополнително да се обработи општина Струга, која првпат беше посетена во рамки на викиекспедиција во 2018 година.

Во попладневните часови на 22 август, петок, тимот на википедијанци пристигна во Струга, каде што беше организирано сместувањето за дводневната работа на терен.

Поглед на главната манастирска црква „Рождество на Пресвета Богородица“ кај Калишта

Првиот ден од експедицијата започна со посетата на селото Калишта, кое претходно беше вклучено во експедицијата во Дримкол во 2018 година. Сепак, поради ограниченоста на таа претходна посета, овојпат селото беше подетално документирано, вклучително и сите цркви, како и викенд-населбата Елен Камен, каде се наоѓа пештерната црква „Св. Атанасиј“. Потоа беше посетено селото Радожда, познато по своите бројни црковни објекти. За жал, и покрај обидите, не беше пронајдена една од црквите која според податоците се наоѓа над селото, па нејзината документираност ќе остане за некоја идна прилика.

По Радожда, експедицијата продолжи кон селото Мали Влај, сместено веднаш под граничниот премин „Ќафасан“. Иако претходно постоеја податоци за повеќе цркви, на терен беа забележани помалку од очекуваното, а отсуството на мештани дополнително го отежна истражувањето. Следуваа кратки посети на селата Франгово и Радолишта. Во последното беа документирани бројни објекти, меѓу кои училиште, џамија, турбе и археолошки локалитет со ранохристијанска базилика, која беше фотографирана од воздух со дрон.

Воздушен поглед на базиликата кај Радолишта

Во продолжение беа посетени и селата Шум и Заграчани, а потоа и Долна Белица, која исто така беше вклучена во експедицијата во 2018 година. Две од трите цркви тогаш не беа документирани, па сега повторно беа побарани. Успешно беше пронајдена една од нив, кај која се наоѓаат и селските гробишта, како и споменик на загинати австро-унгарски војници — објект што за првпат се регистрира во рамките на нашите истражувања.

Понатамошните посети опфатија неколку села на јужниот дел од Струшко Поле: Добовјани, Ташмаруништа, Горно и Долно Татеши и Поум. Во Ташмаруништа, поради почетокот на дождот, беше оневозможено целосно документирање на сите цркви. Времето остана нестабилно и при посетата на селата Татеши, каде сепак се овозможи фотографирање. Денот заврши со посета на селата Џепин и Корошишта, по што учесниците пристигнаа во селото Рамне, каде беа гости во селското домаќинство „Пирустија Неданоски“.

Вториот ден започна со Мислешево, каде имаше отворена пекарница. Следеа кратки, но ефикасни посети на селата Мороишта и Драслајца, каде објектите беа добро означени. Во селото Ливада беше регистрирана и фотографирана една стара кула, налик на куќа, покрај останатите објекти. Во Биџево имаше кратка недоразбирање со мештани околу користењето на дрон, кое брзо беше разрешено, по што продолжи документирањето. Следеше посета на селото Ложани, каде поради бројот на верски објекти, екипата се задржа подолго. По дополнително фотографирање на џамијата во Биџево, се продолжи кон Ново Село, уште едно во низата села со тој назив.

Кула во селото Ливада

Со тоа беше завршено истражувањето во Струшко Поле и екипата се упати кон планинските села на Караорман. Најпрвин беше забележано напуштеното село Тоска, а потоа беше посетено селото Богојци. Во Брчево, каде тимот се задржа најдолго, прво неуспешно се обиде да ја пронајде црквата „Св. Димитриј“, која беше означена на погрешна локација. По разговор со мештани, беше откриена точната местоположба, а исто така беше посетен и новоизградениот параклис „Св. Петка“.

Потоа беше посетено селото Мислодежда, а потоа експедицијата се насочи кон областа Малесија, започнувајќи со селото Присовјани. Таму беа фотографирани три цркви, од кои една немаше претходна визуелна документација. Селото беше сликано и со дрон. Следуваа селата Збажди и ’Ржаново, до кои се стигна по земјен пат со отежнати делници. Во двете села беше направена фотографска документација со дрон, а со тоа официјално заврши теренската работа. Денот заврши со вечера во ресторанот „Куќата на Мијаците“.

Глисер во Охридското Езеро

Со документирани 27 нови села и три повторно посетени, како и повеќе десетици верски, културни и историски објекти, оваа дводневна експедиција претставува значаен придонес во документирањето на Струшко Поле и планинските села на Караорман. Поминати беа над 600 километри, фотографирани објекти за кои не постоеше претходна документација и ажурирани постоечки податоци.

Оваа теренска активност уште еднаш потврди колку е важна улогата на волонтерските викиекспедиции во зачувување и пренесување на локалното знаење преку слободни и јавни платформи. Воедно, покажа дека со ентузијазам, тимска работа и упорност, може да се постигне многу во насока на дигитална архива на културното наследство на Македонија.