Одржана обука за ученици во СОУ „Коле Нехтенин” во Штип

Викимедија МКД постојано ја покажува својата посветеност кон образованието и развојот на младите преку организирање обуки, кои им даваат на младите луѓе не само можност да научат нови вештини, туку и да ги применат на начин кој е од корист за заедницата. Фокусот е насочен кон нивното активирање и поттик да станат волонтери и придонесувачи на Википедија, со што стануваат значаен дел од глобалното движење на слободното знаење. Со овие обуки, Викимедија МКД има за цел да ги инспирира младите генерации да го прифатат концептот на слободно знаење и да станат активни учесници во создавањето на содржини достапни за сите.

Во духот на таа мисија, на 24 октомври 2024 година, во просториите на СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип, се одржа обука за учениците од ова училиште, со цел да се охрабрат и да се вклучат во уредувањето на Википедија. Настанот започна во 10:00 часот и беа присутни 17 ученици, кои со голема заинтересираност присуствуваа на обуката, подготвени да го надградат своето знаење и да стекнат практични вештини во користењето и уредувањето на најпознатата слободна енциклопедија. Првиот дел од обуката започна со обраќање на извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска, која ја истакна важноста на слободната енциклопедија Википедија и улогата на здружението во развојот на македонската верзија на оваа платформа. Таа на присутните им ги претстави главните активности на Викимедија МКД, како и придобивките кои ги носи слободниот пристап до знаењето за општеството. По воведното обраќање на Снежана Штрковска, збор зеде и менаџерот за образовна програма на Викимедија МКД, Боса Филиповиќ. Таа ја истакна важноста на Вики клубовите како можност на младите да се вклучат во уредувањето на статии и да станат дел од една динамична заедница на уредници.

По воведните говори, се премина на практичниот дел од обуката, каде што учениците, водени од своите ментори, започнаа со уредување на статии на Википедија. Овој дел од обуката се покажа како многу инспиративен за учениците, кои активно се вклучија во процесот на уредување, изразувајќи голем ентузијазам и мотивираност. Учениците се запознаа со техниките на уредување, научија како се истражува и структурира содржина и на кој начин се применуваат правилата на Википедија во создавањето на квалитетни статии. Секој ученик имаше можност самостојно да уреди статија, со што на учениците им се овозможи да ја почувствуваат важноста на нивниот придонес кон слободното знаење достапно на македонски јазик.

Вкупно беа напишани 19 нови статии. Преку оваа обука, учениците не само што научија како да уредуваат на Википедија, туку и го почувствуваа значењето на волонтерската работа и на заедничката мисија за создавање и проширување на слободните информации. Многумина од нив изразија желба и во иднина да продолжат со уредување, станувајќи дел од заедницата на уредници на Википедија, со цел да придонесат кон подобрување на квалитетот и квантитетот на содржините достапни на македонски јазик.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

 

Лили Арсова – Како станав дел од википедијанскиот свет

Во светот на брзата дигитализација, пристапот до слободни информации и нивното споделување играат клучна улога во образованието и личниот развој. Во оваа насока, Википедија претставува еден од најголемите и највлијателните мрежни страници, нудејќи неограничени можности за учење и надградување на знаењето.

Зад овој глобален проект стојат посветени поединци, меѓу кои се и наставниците кои не само што активно учествуваат во создавањето и подобрувањето на содржините, туку и ги мотивираат своите ученици и колеги да станат дел од оваа заедница. Преку нивната работа, тие ја промовираат важноста на слободните информации, го негуваат македонскиот јазик и ги отвораат вратите на учениците кон светот на истражувањето и знаењето.

Во ова интервју, професорката Лили Арсова вработена во ОУ „Васил Главинов” во Велес која го води Вики клубот во Велес споделува како започнала со уредување на Википедија, што ја мотивирало и кои се придобивките од оваа активност, како за неа лично, така и за околината.

ВМ МКД: Што ве привлече за да се вклучите во Википедија?

  • Лили Арсова: Ме привлече можноста за слободни информации и можноста за проширување на сите достапни информации. Голем број на уредувачки денови, викенди, месечни натпревари и можноста да ги заинтересирам учениците и колегите за информациите кои можат да ги користат од Википедија. Секако, тука се и патувања низ светот на Викиманија и останатите конференции кои се одржуваат секоја година во различни држави.

 ВМ МКД: . Колку години сте активен википедијанец и што ве мотивираше да почнете да се занимавате со овој проект?

  • Лили Арсова: Присуствував на првата обука на наставници, 20 април 2017 година која траеше околу пет часа, а се реализираше во „Порта Македонија“ во организација на „ГЛАМ Македонија“ . На конференцијата учествуваа околу 60-тина колеги-наставници од повеќе основни и средни училишта. За првпат дознав како функционира преведувањето и пишувањето на Википедија. Ни беше поделен прирачник со наслов „Основни упатства: Како се користи Википедија како наставно средство“. Во 2019 година по неколку контакти со Снежана Штрковска се договоривме и во Велес да се отвори Вики Клуб. На 20 февруари 2020 година се одржа обука за ученици во ООУ„Васил Главинов “ во Велес и се потпиша меморандум за соработка со општината. ГЛАМ Македонија како дел од своите активности започна и со реализација на новиот проект „Вики сениор“, кој има цел да обучува и да едуцира возрасни лица низ цела Македонија, за да се создадат нови статии и да се подобрат веќе постоечките. Голем број наставници од Велес што ги поминаа обуките се активно вклучени во „Вики сениор“. Во изминативе четири години на настаните што ги организира „ГЛАМ Македонија“, Вики клубот од Велес, младите членови википедијанци и членовите на „Вики сениор“ активно и успешно се вклучуваат на уредувачките денови, работилници и натпревари. Среќна сум што се одржаа потоа уште две обуки за наставници и колегите активно се вклучуваат на уредувачките денови.

ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водење на Вики клубот?

  • Лили Арсова: Најголема придобивка според мене од вклучувањето во Википдедија е негување и зачувување на македонскиот јазик. Можност за учење и подобрување на правописот кај учениците додека ги преведуваат статиите. Википедија ќе му дојде како прозорец кон светот – има толку многу статии од кои може да се добијат многу информации и знаење. Некој само треба да ги насочи децата и да им каже отворете на Википедија и прочитајте и истражете.  Кога преведуваме статии на македонски јазик од други јазици кај нив се појавува дека таа статија е преведена на македонски јазик, па ако привлече барем 10 посто од читателската публика за мене ќе значи многу.  Дружењето со учениците, колегите википедијанци, уредувачки денови, викенди и месеци, дружењето на вики камповите е како едно големо семејство кое се стреми информациите да бидат достапни за сите.

ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот и заедничките уредувања имаат врз учениците?

  • Лили Арсова: Заедничките уредувања освен што ја потикнуваат љубопитноста кај самите википедијанци, создаваат и натпреварувачки дух и желба да се преведат што поголем број на статии. Меѓусебната соработка и помош која си ја пружаат меѓусебно во споделувањето на информациите околу преведувањето секако дека многу му значи на секој од нас. Знаеш дека имаш поддршка и дека е некој тука да ти помогне ако ти треба помош.
 ВМ МКД: Што би им препорачале на наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб или  нешто за крај ваше размислување?
  • Лили Арсова: Сакам да им препорачам на младите и колегите да ја користат Википедија како извор на информации кои подоцна можат да ги споделуваат на часовите или при истражувачки активности на истите. Со преведување и пишување на статии на македонски јазик си го зачувуваме и негуваме македонскиот јазик. Убава можност е кога имате познавање на друг странски јазик со самото преведување лицето го збогатува и вежба својот зборовен фонд. И за крај една порака до сите кои ова ќе го прочитаат: Јазикот на секој народ е неприкосновен трезор на културната историја. Ние сме тие што треба да го чуваме и негуваме. Секој е добредојден во семејството на Википедија. Да се биде негов дел е голема привилегија и чест! Овде работиме со љубов, волонтерски, а создаваме статии на македонски јазик кои секојдневно се побројни.

Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk

Уредувачки натпревар „Ѕвезди“- нови статии, нови награди!

Уредувачките натпревари се активности кои ги организира Викимедија МКД за да ги мотивира уредниците и корисниците на Википедија при самото придонесување на енциклопедијата. Проектите со уредувачки натпревари се составени од организирање на тематски натпревари во уредување кои имаат за цел да помогнат во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на Википедија на македонски јазик од страна на пријавените учесници.

Уредувачкиот натпревар на тема „Ѕвезди“ беше осмислен да даде придонес при подобрување и создавање на нови содржини за темата „ѕвезди“. Натпреварот траеше од 23 август 2024 година до 22 септември 2024 година.

Главна тема на натпреварот беа ѕвездите и сите статии поврзани со нив. Темата вклучуваше статии за одделни ѕвезди, видови ѕвезди, но и теоретски поими во врска со ѕвездите. Статиите беа прегледани од страна на оценувачкиот одбор којшто беше составен од тројца корисници.

На натпреварот можеа да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, освен членовите на оценувачкиот одбор. Вкупно беа напишани 325 статии. Најдобрите учесници ги добија следниве награди:

  1. Прво место освои корисникот Тиверополник со освени 1.816 поени – вредносен купон во вредност од 12.000 денари.
  2. Второ место освои корисникот Dandarmkd со освоени 1.494 поени – вредносен купон во вредност од 6.000 денари.
  3. Трето место освои корисникот Bjankuloski06 со освоени 453 поени – вредносен купон во вредност од 3.000 денари.

За најдобра статија беше избрана статијата „Супернова“ објавена од корисникот Тиверополник – и добитник е на вредносен купон во вредност од 5.000 денари.

Им честитаме на добитниците, а на сите останати учесници им се заблагодаруваме за нивните придонеси. Заедно ја правиме Википедија подобра, поквалитетна и подобро напишана енциклопедија!

Започнува уредувачкиот натпревар „Музика“ наменет за средношколци

Викимедија МКД продолжува со уредувачките маратони кои имаат за цел да ја збогатат нашата заедничка енциклопедија Википедија. При тоа секогаш се трудиме да опфатиме различни теми, но и теми кои ќе бидат интересни за различни категории на уредувачи.

Затоа овој пат организираме уредувачки натпревар наменет за средношколци. Уредувачкиот натпревар на тема „Музика“  започнува на 21 октомври 2024 година и завршува на 10 ноември 2024 година. Овој натпревар има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на темата „Музика“.

Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии, кои недостасуваат на Википедија на македонски јазик. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале. Статиите ќе ги прегледува жири, кое ќе биде составено од тројца искусни википедијанци.

Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за книги/материјали, техничка стока или спортска опрема по избор на добитникот. На натпреварот ќе се доделат три награди за најдобрите статии по седмица, како и три награди за најдобрите уредници по завршување на трите недели. Еден учесник има можност да добие повеќе награди, на пример награда за најдобра статија по седмица, како и награда за најдобар вкупен придонес. Наградите се следниве:

  • Прва седмицa– вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
  • Втора седмицa – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
  • Трета седмица – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.

Наградите на крајот од трите седмици се следниве:

  • Прва награда: вредносен купон во вредност од 6000 денари.
  • Втора награда: вредносен купон во вредност од 4000 денари.
  • Трета награда: вредносен купон во вредност од 2000 денари.

Ајде да ја збогатиме Википедија со статии од областа на музиката. Пишувајте статии, забавувајте се и освојте награди!

 

„WikiOutdoor Training 2024“: Развивање вештини за водење експедиции

Викимедијанците од Централна и Источна Европа се собраа во Преспа, Македонија на првата обука за WikiOutdoor што се одржа во периодот од 7 до 8 септември 2024 година. Вкупно 23 избрани специјализанти од 12 земји имаа можност да научат вештини и способности за тоа како да се спроведат активности на отворено од четиричлениот тим кој е задолжен за македонските Викиекспедиции од 2015 година. Примарната цел на обуката беше да се поддржи спроведувањето на експедиции насочени кон документирање на места во други земји, како и да се поттикне организирање настани за развивање универзални вештини.

Учество и формат на настанот

Обуката беше планирана за вкупно 28 учесници – 24 избрани специјализанти и 4 обучувачи. Учесниците беа избрани преку повик за аплицирање, кој беше отворен од 22 април до 20 мај 2024 година, врз основа на одговорите дадени во формуларот за апликација. Од избраните учесници, 20 добија стипендија, а 4 беа самофинансирани учесници. Учесниците (учесници и обучувачи) беа поделени во седум тимови од по четири члена, и секој член имаше однапред одредена улога – возач, истражувач, фотограф и оператор на дрон. Возачите ги превезуваа тимовите за време на обуката, истражувачите беа одговорни за истражување на целната област на експедицијата, фотографите фотографираа за време на обуката, а операторите со дронови правеа воздушни снимки и снимаа видеа со помош на дрон. Еден од тимовите немаше истражувач бидејќи избраниот учесник не можеше да пристигне на настанот поради проблеми со визата.

Како течеше настанот?

Обуката започна со воведно обраќање на обучувачите и воведна тркалезна маса на која учесниците го споделија своето искуство, интересот за учество на настанот и идните планови за тоа како да ги користат новите вештини и знаења во нивните земји и заедници. По сесијата на отворањето, настанот продолжи со воведна презентација за активности на отворено во која слушателите научија за добрите и лошите страни на активностите на отворено во споредба со внатрешните активности, како и за различните видови активности на отворено кои можат да се имплементираат во движењето Викимедија. Следеше работилница за истражувачко планирање и истражување, на која подетално беше претставен процесот од шест чекори на организирање експедиции. Оваа сесија беше особено забележлива за истражувачите и возачите бидејќи помогна подобро да се разберат активностите што треба да се спроведат и сите логистички потреби што треба да се задоволат за успешно спроведување на експедициите. Следната работилница се занимаваше со фотографија за експедиции во кои специјализантите во улоги на фотографи и оператори со дронови имаа можност да стекнат знаења за тоа како да направат документарни слики од места и објекти, зошто воздушната фотографија понекогаш е супериорна во однос на фотографијата од земја и каква фотографска опрема е потребна за тоа. Во текот на оваа работилница, учесниците во улоги на истражувачи работеа заедно за да ја испланираат рутата и местата од интерес за експедицијата следниот ден. Последната сесија беше работилница на која беше претставена експедицијата во Преспа, а со ждрепка беа формирани истражувачки тимови.

Во втората половина од првиот ден, беше организирано истражување на блиската планина Галичица. За време на истражувањето беа направени вкупно четири застанувања. На почетокот групата застана на гледна точка на источните падини на планината, од која се пружи убав поглед на Преспанското Езеро. Потоа беше направена постојка во месноста Асан Ѓура, која е длабоко во планината и има напуштен ски-лифт. Потоа групата го посети планинскиот премин Липова Ливада, кој ги дели Преспанскиот и Охридскиот регион. Ова беше најдолгата станица бидејќи нудеше прекрасен воздушен поглед на Преспанското и Охридското Езеро од дрон. Конечно, истражувачите застанаа на западните падини на планината, во близина на малата православна христијанска капела посветена на Свети Ѓорѓи, со поглед на зајдисонце на Охридското Езеро. По ова истражување, учесниците вечераа во ресторан во манастирот Свети Наум на Охридското Езеро. Првиот ден заврши со астроекспедиција која се одржа на планинскиот премин Липова Ливада, при што учесниците можеа да набљудуваат небо полно со ѕвезди благодарение на поволните временски услови.

Вториот ден беше одбележан со експедицијата во најсеверниот дел на регионот Преспа, која беше намерно избрана поради слабата покриеност со содржини на проектите на Викимедија. Беа посетени и документирани вкупно шест села – Горно Крушје, Лева Река, Избишта, Јанковец, Кривени и Златари. Тимот на секој истражувач беше одговорен за едно село, а нивното возило го водеше конвојот до сите места од интерес во тоа село. Првото село беше целосно покриено од тимот во кои практично ги објаснија сите потребни активности, како навигација со возилото низ селото, разбирање на архитектонските елементи на православна христијанска црква кои вреди да се документираат и да се управува со дрон над селото со цел да се направат документарни воздушни снимки. Покрај шесте села, една екипа ја продолжи експедицијата со посета и документирање на селото Болно. Документацијата вклучуваше пребарување на места од интерес (на пр. цркви и манастири, споменици на културата, училишта итн.) врз основа на информациите за селата подготвени од истражувачите еден ден претходно и фотографирање на тие места. Како и првиот ден, вториот ден заврши со вечера во локален ресторан.

Учесниците исто така добија инструкции како да ги прикачат сликите направени за време на различните активности со цел да се комплетира документацијата на обуката.

Идни планови

Главниот план во блиска иднина е да се водат и да им се помогне на слушателите да ги користат вештините и знаењата стекнати за време на обуката за да иницираат експедиции и други активности на отворено во нивните земји и заедници. Понатаму, овој настан се надеваме дека ќе ги инспирира заедниците од другите региони да размислат за организирање слични обуки кои нудат универзални практични вештини. Конечно, важно е да се задржи доследноста во развивањето на вештини за водење експедиции, така што долгорочен план е оваа обука да стане повторлив настан во регионот на Централна и Источна Европа.

Започнува „Макпортрет“ – нова можност за ваш придонес!

Викимедија МКД секогаш се труди да ги зголеми слободните содржини на Википедија и нејзините сродни проекти. Заложбата на организацијата е да се создадат што повеќе слободни содржини на македонски јазик, содржини кои ќе бидат достапни за целата општа јавност.

Макпортрет 2024 е фотографски натпревар кој се одржува од 15 октомври до 15 ноември 2024 година и чија главна цел е да се соберат фотографии од личности од Македонија што се занимаваат со култура, наука, просвета, уметност, музика, спорт, телевизија, политика, медицина и други полиња. Овој настан го организира „Викимедија МКД“, со цел обезбедување на слободни фотографии на значајни македонски современи дејци, кои ќе бидат користени на Википедија и други слободни проекти.

Цел на натпреварот?

Со овој натпревар собираме фотографии од познати македонски личности, кои ќе бидат слободно достапни за документирање и информирање на пошироката јавност преку Википедија.

Како да учествувате?

1. Прочитајте ги правилата за учество и погледнете го видео-упатството.

2. Направете фотографии од личности кои делуваат во областа на културата, науката, спортот, уметноста, и др., или прикачете постоечки фотографии на Ризницата со слободна лиценца.

3. Пријавете се преку образецот за учество.

Најуспешните учесници според оценката на стручно жири ќе бидат наградени со ваучери од Pix+, и тоа:

  • Прва награда: 400 евра (во ваучер)
  • Втора награда: 300 евра (во ваучер)
  • Трета награда: 100 евра (во ваучер)
  • Специјална награда за најдобра фотографија: 200 евра (во ваучер)

Не пропуштајте ја можноста да учествувате во „Макпортрет 2024“ и да дадете свој придонес во документирањето на македонските истакнати личности. Секој ваш кадар може да стане дел од трајното наследство достапно за сите!

Вики Камп Струга – шестиот по ред Вики Камп на Викимедија МКД!

Збогатувањето на содржината на Википедија и нејзините сродни проекти со слободни содржини достапни за секого е примарната цел на целата заедница на Викимедија МКД. Преку здружување на волонтерските сили сите активни членови на Викимедија МКД се стремат да постигнат што поголеми резултати и успеси. Викимедија МКД токму тоа ја води напред, заедничка визија и стремеж кон целта.

Вики камповите, како еден од големиот број проекти на организацијата, има за цел токму тоа: достигнување големи резултати преку заеднички вложен труд пропратено со забава и заедничко дружење. По шести пат активните членови на Вики клубовите имаа можност заедно да се дружат, да се забавуваат, да придонесуваат на Википедија и да учат нови знаења и вештини.

Во периодот од 11 октомври до 13 октомври 2024 година, Викимедија МКД во хотел „Бисер“ во Струга го одржа шестиот по ред Вики камп. Тродневниот настан се покажа успешен, ги надмина очекуваните резултати и знаењето кое беше презентирано на кампот ги едуцираше сите 40 учесници на овогоднишниот камп. Бидејќи секој камп на Викимедија МКД е тематски, така и оваа година, кампот имаше тематски карактер. Климатските промени беа главната тема на уредување на Википедија, се создаваа голем број статии на Википедија на македонски јазик на оваа тема, и се учеа голем број нови работи и вештини. Неуморните учесници вложија големи напори и сето тоа се исплатеше! Википедија на македонски јазик се стекна со нови 215 статии!

Покрај придонесувањето, кампот имаше и едукативен карактер. Учесниците имаа можност да научат голем број работи за климатските промени од предавањето на проф. д-р Игор Кузмановски, како и за идеите на зелената транзиција од предавањето на м-р Ненад Шундовски. Дополнително, учесниците имаа одлична можност да научат како да ја зајакнат својата семрежна безбедност преку предавањето на м-р Валентина Трајкоска.

 

Вики камп Струга 2024 година го покажа својот шарм и успех. Кампот произведе голем број нови содржини на Википедија, се стекнаа голем број пријателства, а волонтерството и заедничкото помагање беа издигнати на највисоко ниво. Петте најплодни и најквалитетни учесници се стекнаа со награди, на кои од срце им честитаме, а на сите учесници им се заблагодаруваме за секој придонес и подобрување на нашата омилена енциклопедија!

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следната врска.

Стојна Арсовска Доневска- Како станав дел од википедијанскиот свет

Начинот на кој размислуваме и мотивите кои ги носиме со себе директно влијаат врз нашиот придонес кон заедницата. Без разлика дали тоа се образовни иницијативи, хуманитарни активности или општествени ангажмани, секој има своја причина зошто и како да го користи своето време за да остави позитивен белег. Во википедијанската заедница, освен стремежот кон обезбедување на слободна информација, постојат и различни лични и колективни поттици кои го водат нашиот ангажман.

Професорката Стојна Арсовска Доневска, која предава српски јазик во ООУ „Светозар Марковиќ“ во Старо Нагоричане, ни ги сподели своите размислувања за тоа што ја инспирирало да стане дел од википедијанската заедница во Македонија.

Преку нејзината вклученост, таа ги открива и можностите што ги нудат вики клубовите организирани од Викимедија МКД. Со ова кратко интервју, тимот на Викимедија МКД сака да ви ги претстави придобивките од вики клубовите и да ве запознае со нивниот потенцијал за развој на заедницата.

        ВМ МКД:  Колку години го водите Вики клубот во вашето училиште и што ве мотивираше да почнете да се занимавате со овој проект?

  • Стојна Арсовска Доневска: Вики клубот го водам од 2017-та година. Она што ме мотивираше да почнам да се занимавам со овој проект беше не само тоа што учениците можеа да научат нешто ново преку преведување и правење на нови статии туку и можноста да се дружат со други ученици на Вики камповите.
       ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водење на Вики клубот?
  • Стојна Арсовска Доневска: Најголемите придобивки за мене како наставник по српски јазик ги гледам во тоа што учениците ги подобрија своите знаења и од српскиот и од македонскиот јазик преку преведување на статии.
        ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот има врз учениците?
  • Стојна Арсовска Доневска: Вики клубот има позитивно влијание во подобрување на нивните социјални вештини и продлабочување на нивните знаења од различни области.
     ВМ МКД: Што би им препорачале на наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб или  нешто за крај ваше размислување?
  • Стојна Арсовска Доневска: Секако би им препорачала да се вклучат во водење на свои или помагање во веќе постоечките клубови во поголемите училишта каде има повеќе заинтересирани ученици за создавање нови статии или преведување/ подобрување на веќе постоечките статии на Википедија. Освен работа Википедија нуди можности и за дрижења на Вики камповите  како и патувања низ светот на Викиманите кои се одржуваат секоја година во различни држави.

Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk

 

Вики клуб Велес зголемен со 4 нови ученици

Викимедија МКД продолжува со својата мисија за едукација и ангажирање на младите преку иновативната образовна програма. Главен фокус на програмата се младите генерации, со цел да се поттикне нивната љубов кон знаењето и слободната енциклопедија, Википедија.

Преку Вики клубовите, кои веќе подолго време успешно функционираат, младите уредувачи се обучуваат да создаваат и подобруваат статии на македонски јазик, придонесувајќи кон збогатувањето на дигиталната библиотека на слободни информации. Еден од истакнатите Вики клубови е Вики Клуб Велес, кој е активен од 2020 година под водство на координаторката Лили Арсова.

На 2 октомври 2024 година, клубот доби нови членови, со што се организираше обука за четири млади уредувачи. Обуката започна со запознавање на учениците со основите на Википедија, како функционира, и колку е важно волонтерството за глобалната енциклопедија. Координаторката Лили Арсова ги водеше низ процесот, обезбедувајќи им детални упатства за тоа како да креираат кориснички профили и да ги совладаат основните принципи на уредувањето. По воведниот дел, следуваше практичната обука за уредување, каде што новите членови имаа можност самите да создаваат и уредуваат нови статии, со поддршка од организаторот.

Учениците покажаа голема посветеност и желба да придонесат кон збогатувањето на содржините на Википедија, со што клубот доби нова енергија и ентузијазам. Со оваа обука, Вики клубот во Велес се зголеми со нови амбициозни уредувачи кои ќе продолжат да придонесуваат и во иднина. Им посакуваме топло добредојде и успех во нивната волонтерска работа, додека тие ја шират слободната едукација и го збогатуваат знаењето на глобалната сцена.

Викимедија МКД успешно се претстави на Саемот на организации во МУ „Нова”

Викимедија МКД постојано вложува напори да го прошири кругот на волонтери кои придонесуваат кон развојот на Википедија на македонски јазик. Наша цел е да ги вклучиме новите генерации и да ги инспирираме да станат активни учесници во збогатувањето на слободното знаење. Веруваме дека токму младите се иднината на оваа иницијатива, која овозможува достапност на знаењето за сите.

На 30 септември 2024 година, извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска, и менаџерот за образование, Боса Филиповиќ, ја претставија Викимедија МКД на Саемот на организации, организиран во Mеѓународното училиште „Нова“. Овој саем, кој се одржува по вторпат, е дел од програмата CAS (Креативност, Активност, Сервис), чија цел е да ги поттикне учениците да излезат од своите комфорт зони и да се вклучат во општествено-одговорни активности. Овие проекти имаат за цел да создадат позитивно влијание во различни сфери на општеството и да ја развијат свеста кај младите за нивната улога во заедницата.

Настанот започна во 10:30 часот и привлече големо внимание од страна на учениците. Тие со голем ентузијазам го посетија штандот на Викимедија МКД, каде што имаа можност да се запознаат со различни проекти на организацијата. Многу од нив покажаа интерес да се вклучат како волонтери и да придонесат во збогатувањето на содржините на Википедија. Дополнително, учениците споделија свои идеи за идни проекти, што е од особено значење за нашата организација. Слушањето на новите идеи од најмладите ни помага да ја оформиме нашата визија за иднината и да создадеме проекти кои се релевантни и инспиративни за новите генерации.

Фокусот на Викимедија МКД останува на младите, бидејќи тие се идните носители на слободната енциклопедија. Со нивната енергија, креативност и иновативни идеи, веруваме дека заедно ќе продолжиме да го шириме слободното знаење и да градиме една глобална заедница каде секој има пристап до информации.