Одржана обука за ученици во МУ „Нова“ во Скопје

Викимедија МКД вложува значителни напори во развојот на својата образовна програма, посветувајќи особено внимание на вклучувањето на младите во процесот на уредување на Википедија на македонски јазик. Нашата мисија е да ги обучиме и инспирираме новите генерации да станат активни волонтери и придонесувачи во збогатувањето на слободното знаење. Учениците се сржта на оваа наша визија, бидејќи тие се идните носители на слободната енциклопедија.

На 26 септември 2024 година, во приватното меѓународно училиште „Нова“, Викимедија МКД организираше обука наменета за учениците. Овој едукативен настан беше отворен од менаџерот за образовна програма на Викимедија МКД, Боса Филиповиќ, која ги запозна учениците со основите на Википедија, нејзиниот начин на функционирање и значењето на волонтерството за глобалната енциклопедија.

По воведот, започна практичната обука за уредување на Википедија, каде што учениците, со поддршка од организаторите, научија како да креираат кориснички сметки и добија детални инструкции за основните принципи на уредувањето. Покрај тоа, беа водени низ процесот на создавање, уредување и објавување нови статии, при што практично ги применија научените вештини.

Обуката започна во 14:30 часот и траеше еден час, во текот на кој беа напишани вкупно пет нови статии. Учениците покажаа исклучителен интерес и мотивираност, со силна желба да продолжат со уредување на Википедија и понатаму, придонесувајќи кон зголемувањето на квалитетните и слободни содржини на македонски јазик.

Фотографиите од настанот може да ги погледнете на следната врска.

Истанбул домаќин на најголемиот собир на Википедијанци од Средна и Источна Европа

Викимедија СИЕ 2024“ е годишна конференција која ја обединува Википедијанската заедница и други ентузијасти на проектите на Викимедија од Средна и Источна Европа, а во поново време и од Централна Азија. Оваа конференција претставува одлична можност за вмрежување, размена на искуства и презентирање на идеи, сè со цел да се промовира и развива концептот на слободни содржини. Секоја година, настанот носи нови можности за споделување на успешни приказни и иновативни пристапи во рамките на Викимедија проектите како што се Википедија, Википодатоци, Викиизвор и многу други.

Оваа година, Викимедија СИЕ 2024 се одржа во еден од најфасцинантните градови на светот, Истанбул, познат по својата уникатна позиција на два континента – Европа и Азија. Од 20 до 22 септември, оваа метропола беше домаќин на конференцијата, која ја организираше турската википедијанска заедница. Во текот на тридневниот настан, учесниците имаа можност да учествуваат на разновидни предавања, работилници и дискусии насочени кон продлабочување на нивните знаења и разбирање за активностите на википедијанската заедница.

Македонија беше претставена од петмина членови, кои со гордост ги презентираа своите достигнувања и идеи, Снежана Штрковска, Бојан Велковски, Нино Богдановски, Кирил Симеоновски и Тони Ристовски. Кирил Симеоновски и Нино Богдановски го споделија своето искуство од проектот „Викиекспедиции“ – иницијатива која има за цел да документира културни и историски знаменитости низ Македонија. Нивните презентaции предизвикаа голем интерес кај присутните, кои имаа можност да се запознаат со методите и техниките што ги користат македонските активисти при собирање на нови податоци и фотографии за Википедија. Покрај тоа, извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска,  зборуваше за образовната програма која ја спроведува здружението, нагласувајќи го нејзиното значење за младите генерации и промовирањето на слободните образовни ресурси.

Тематиката на конференцијата беше многу разновидна, опфаќајќи широк спектар на прашања како што се развој на заедницата, образовни програми, ГЛАМ иницијативи (музеи, библиотеки, архиви и галерии), како и напори за намалување на јазовите во содржините на проектите на Викимедија. Присутните имаа можност да разменат мислења, идеи и да научат од успесите и предизвиците на своите колеги од различни земји.

Последниот ден од конференцијата беше резервиран за незаборавен настан – крстарење по Босфорот. Ова исклучително доживување им овозможи на учесниците да се опуштат и да го разгледаат Истанбул од водите што ги поврзуваат двата континента. Додека пловеа по Босфорот, учесниците уживаа во глетките на импресивните архитектонски зданија на градот, како и во богатата историја што овој град ја има во себе. Овој момент на релаксација и восхитливи сцени ја заокружи конференцијата на најдобар можен начин, создавајќи посебни спомени за сите присутни. Дополнително, гостопримливоста на турските домаќини направи секој момент да биде исполнет со топлина и пријатна атмосфера, оставајќи траен впечаток кај сите учесници.

Викимедија СИЕ 2024 не само што беше платформа за вмрежување и размена на знаења, туку и одличен пример за тоа како заедниците можат да работат заедно кон една заедничка цел – создавање и промоција на слободни знаења достапни за сите.

 

Наташа Старделова – Како станав дел од википедијанскиот свет

Личните мотиви и перцепцијата кон нештата се двигателите за тоа на кој начин ние допринесуваме за општото добро на заедницата. Дали тоа се некои образовни придобивки, хуманирани дела или социјално-политички делувања, луѓето имаат различни двигатели што ги тераат на кој начин и со каква цел да го искористат слободното време и преку делување да дадат нешто корисно за заедницата. Нашата заедница, Википедијанска, покрај посветеноста за овозможување на слободна содржина достапна за сите, има и дополнителни мотиви и цели за нејзиното делување.

Професорката Наташа Старделова, вработена во ООУ„Св Климент Охридски“  во Драчево, Скопје, ни ја доловува личната мотивација и причините за тоа зошто станала дел од википедијанската заедница на Македонија. Дополнително, нејзината посветеност и задлабочување во активностите и ги откриле и вики клубовите во организација на Викимедија МКД.

Тимот на Викимедија МКД преку кратко интервју сака да ви ја претстави поголемата слика за Вики клубовите, нејзините бенефити и потенцијали.

ВМ МКД:  Колку години го водите Вики клубот во вашето училиште и што ве мотивираше да почнете да се занимавате со овој проект?
  • Н.С.: Веќе 4 години го водам Вики клубот во моето училиште, но пред тоа мојата колешка 5 години водеше Вики Клуб во нашето училиште, така што може да кажеме дека Вики клубот кај нас е присутен уште во самиот зародиш на Клубовите во училиштата. Учениците кои тогаш започнаа сега се веќе студенти и изградени Википедијанци.  Главната мотивација да започнам ја наоѓам во проширување на знаењата на учениците и понудата да се излезе од рамките на класичното образование и програмите.
ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водење на Вики клубот?
  • Н.С.:Вики клубот нуди бројни придобивки. Врската на наставникот/ библиотекарот со учениците се гради на ново ниво, тука наставникот покрај тоа што е ментор е и соработник на една заедничка платформа.
ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот има врз учениците?
  • Н.С.: Учениците сакаат да припаѓаат во една ваква глобална платформа како што е Википедија, а уште повеќе ги поттикнува тоа што можат да придонесат да се збогати Википедија на мајчиниот македонски јазик. Секогаш уште на првите средби  ги упатувам на основната премиса на Википедија, „Што ако како човештво создадеме место каде целокупното знаење може да биде на дофат на прстите на секој кој сака да научи“. Учениците покрај тоа што се градат како членови на Вики заедницата, се оспособуваат за критичко мислење и проверка на фактите, напоредно со збогатувањето на енциклопедијата.
ВМ МКД: Што би им препорачале на наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб или нешто за крај ваше размислување?
  • Н.С.: Наставникот кој има ентузијазам да се посвети на своите ученици тука ќе наиде на вистинска поддршка од тимот на Википедијанци, особено образовната програма на Викимедија МК, кои се секогаш спремни да помогнат и да мотивираат со различни активности во текот на целата година, а организирањето на Вики камповите претставува дополнителна мотивација и за наставниците, но посебно за учениците. Секој кој има потреба да излезе надвор од кутијата и да проба да создаде посветена група на ученици кои ќе претставуваат лидерски тим во училиштето, е добредојден да се приклучи.

Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk

Општина Демир Хисар и Викимедија МКД – новопотпишан меморандум за соработка!

Викимедија МКД ја проширува својата мрежа на партерства и соработки. Организацијата има за цел да стапи во контакт и да оствари плодна соработка со голем број институции и организациски единици кои имаат волја и потенцијал да помогнат при креирањето на слободни соджини и да го направат пристапот до информации бесплатен за целата македонска читателска и образовно-научна јавност.

Најновата формализирана соработка доаѓа од Демир Хисар. Општина Демир Хисар и Викимедија МКД на 11 септември 2024 година потпишаа Меморандум за соработка. Овој меморандум ги потврдува заложбите на двете организации да соработуваат заедно, а поконкретно Општина Демир Хисар со својот потенцијал да помогне на Викимедија МКД при достигнување на своите зацртани цели – бесплатен пристап до слободни содржини и знаење. Преку културни, научни, историски, музејски и општествено-политички материјали, Демир Хисар ќе даде значајна помош и поддршка за остварување на целите на организацијата. Градоначалникот г-дин Никола Најдовски и извршниот директор на Викимедија МКД г-ѓа Снежана Штрковска во просториите на Општина Демир Хисар го потпишаа овој значаен документ за Викимедија МКД со што потенцијалите за делување на Викимедија МКД се значајно зголемени.

Викимедија МКД останува посветена на својот план за организациски и програмски раст. Сржта на својот развој го гледа во волонтерските капацитети на организацијата, како и соработката со македонските институции, организации, научно-културни и општествени органи. Зголемениот број на соработки ветува поголеми резултати за Викимедија МКД и организацијата стои на тој пат и ќе се води од тие принципи и понатаму во иднина.

Заврши кампањата „Статии без илустрации”- нови илустрации, нови награди!

Викимедија МКД продолжува со кампањите кои имаат за цел да ја збогатат содржината на Википедија, но исто така создавањето добро напишана статија, со добро внесени наводи и добри илустрации за нас е од големо значење. Недостатокот на илустрации во статиите остава простор за дополнително доуредување на статијата, и токму тоа овој пат беше наша цел.

Статии без илустрација или на англиски јазик: Wikipedia Pages Wanting Photos (WPWP) е кампања на меѓународно ниво за вметнување на илустрации во статиите на кои им недостигаат. Илјадници фотографии се поставени на Заедничката ризница преку разни ГЛАМ проекти, како и преку фотографските натпревари низ годиниве. Идејата е да се искористат фотографиите и останатите илустрации во соодветните статии. Ова е огромен јаз кој оваа кампања се обидува да го премости. Викимедија МКД и оваа година им овозможи на уредувачите да дадат свој придонес и да бидат дел од потенцијалните добитници на награди.

Кампањата се одржа од 1 јули 2024 година до 31 август 2024 година. Наградите беа предвидени за најплодните учесници, кои имаат поставено илустрација на најмалку 100 различни статии на Википедија на македонски јазик. Поените се пресметуваа по принципот: една статија еден поен за илустрациите, без разлика колку илустрации се поставиле во таа статија. Важно е да се напомене дека илустрации се вметнуваа на веќе постоечки статии, новосоздадени статии за целите на вметнување фотографии не се земаа во предвид. Немаше ограничување во врска со бројот на илустрации што можеа да се употребат. Фотографијата која беше користена мораше да биде поставена под слободна лиценца или во јавна сопственост. Учесниците исто така го вклучуваа записот #WPWPMK на секое зачувување на промени кога внесуваа илустрација, и на секоја статија на која внесуваа илустрација. Така, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:

– I награда – добитник е Тиверполник : 1622 бодови- вредносен купон во вредност од 12.000 денари

– II награда – добитници се следните корисници:

  • SirGoldenBlade :160 бодови– вредносен купон во вредност од 6.000 денари.
  • Lili Arsova  :155 бодови- вредносен купон во вредност од 6.000 денари.
  • P.Nedelkovski: 152 бодови- вредносен купон во вредност од 6.000 денари.

Учествуваа 5  уредници и беа поставени 2165 илустрации. Благодариме на сите учесници за нивните напори и нивниот придонес.

 

 

Втора Викиекспидиција за 2024 година – долините на реките Бабуна и Тополка

Викиекспидициите“ продолжуваат со истражување на Македонија и збогатување на содржините на Википедија. Проектот има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за градовите, селата, географските области и особености во областите низ целата територија на Македонија.

Во периодот од 7 до 9 јуни 2024 нашиот тим на Википедијанци ја одржа втората Викиекспидиција за 2024 година. Овој пат предмет на истражување беа долините на реките Бабуна и Тополка.

Првиот ден експидицијата започна во селото Ореше, каде што беше посетена и фотографирана гробишната црква „Св. Јован“. Потоа тимот се упати во соседното село Папрадиште, каде што беа фотографирани Марково Стопало и малата црквичка „Св. Никола“. Потоа селото Нежилово кое е речиси напуштено село и во него се останати само уште неколку куќи и главната селска црква „Св. Илија“. По овие три планински села, тимот се спушти во во поранешното општинско седиште Богомила, од таму во селото Бистрица каде што беше фотографирано железничкото стојалиште „Бистрица“. Прекрасно искуство беше посетата на селото Согле и познатиот манастир Согле каде што Википедијанците беа пречекани од монахињата Вероника  која ги прошета низ целиот манастир, кој моментално се обновува. Иститот ден беа посетени селата: Теово, Габровник и Оморани.

Вториот ден тимот најпрво се упати во селото Извор, а потоа  селото Владиловци, каде што беше фотографирана селската црква и манастирот „Св. Ѓорѓи“ над селото. Воедно, тимот беше и во историското село Јасеново, каде што исто така беа направени прекрасни фотографии. На крајот на оваа експедиција беа посетени селата  Горно и Долно Јаболчиште, кои се најголеми во општината Чашка и до кои има асфалтен пат. На враќање од нив тимот отиде и до селото Дреново, како и до историски познатото село Горно Врановци, во кое помина доста време за да ги фотографира сите знаменитости, зачуваните спомен-куќи, стариот хотел и селската џамија.

Крајниот исход на оваа Викиекспидиција беа посета и фотографирање на 9 нови села, 10 повторно посетени, 1 историско село и поминати над 600 километри.

Започнува уредувачкиот натпревар „Ѕвезди“-пишувајте статии и освојте награди!

Нова можност за збогатување на содржините на Википедија и одлична шанса да станете еден од добитниците на наградите предвидени за новиот уредувачки натпревар. Викимедија МКД, како и секогаш, се стреми да создаде што поголем број проектни активности за да се збогати содржината на Википедија, но и да обезбеди награди за неуморните уредници.

Така, во периодот од  23 август до 22 септември 2024 година, Викимедија МКД го организира уредувачкиот натпревар „Ѕвезди“ кој има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на тема „ѕвезди“.

Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале. Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик освен членовите на оценувачкиот одбор, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.

За да освоите награда на овој уредувачки натпревар условот е да имате објавени најмалку 25 статии оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на Оценувачкиот одбор. Наградите кои се предвидени за овој уредувачки натпревар се:

  • Прва награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 12.000 денари.
  • Втора награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 6.000 денари.
  • Трета награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 3.000 денари.

Покрај овие три награди, овој уредувачки натпревар предвидува и:

  • Награда за најдобра статија – вредносен купон во висина од 5.000 денари
  • Награда најдобар нов учесник – вредносен купон во висина од 2.000 денари

Пријавете се, учествувајте и освојте награди!

Катовице домаќин на 19-та Викиманија!

Википедијанскиот свет повторно се собра на едно место! Катовице во Полска беше град-домаќин на 19-та по ред Викиманија во организација на Фондацијата Викимедија.  Википедијанците од целиот свет се собраа за споделување на искуства, знаења, вештини и размена на идеи сѐ со цел создавање слободни содржини и бесплатно знаење.

Викиманија 2024 се одржа од 5 до 11 август 2024 година, во Катовице, Полска. На оваа голема и значајна конференција за Движењето Викимедија околу 2000 учесници од 130 земји во светот беа пристутни и споделија искуства и проектни активности. Викимедија МКД, а воедно и Македонија, ја претставуваа петмина активисти на здружението, кои пренесуваа искуства и споделуваа идеи и визии со останатите Викимедијанци од светот. Интетресно е да се напомене дека еден од членовите на Викимедија МКД кој беше дел од тимот испратен во Полска замина со велосипед на релација Скопје – Катовице. Подвигот кој Тони Ристоски со поминатите 1.100 километри беше за голема почит и пофалби.

Википедијанци, волонтери и проектни лидери од целиот свет на оваа конференција разменуваат идеи, дискутираат за проектните активности што ги спроведуваат. Видот на предавањата или презентациите се од различен тип, како што се тренинзи, обуки и работилници, а се вклучуваат и на разни состаноци. Темите варираат и се разликуваат, па така се споделуваат искуства и стекнати вештини од областа на развојот на заедницата, програмата ГЛАМ, образованието, но и теми како што се намалување на јазови во однос на содржината на проектите на Викимедија, подобрување на технички и технолошки карактеристи за подобро создавање на слободни содржини и посебен осврт кон волонтерството како основен двигател при создавањето на слободното знаење.

Покрај бројните настани, предавања и обуки, за време на коференцијата, традиционално секоја година, Џими Велс, основачот на Википедија, ја доделува наградата за Викимедијанец на годината, како и неколку други почесни награди. Ова е дополнителена мотивација на целокупната Вики-заедница за постигнување поголеми резултати и реализација на бројни проекти и програми.

Новина која за прв пат беше реализирана на оваа Викиманија беше формирањето на Вики Оркестарот. Тоа е аматерски оркестар на Викимедијанци-музичари кои заедничката љубов кон музиката ја пренесуваат и викимедијанско поле. Оркестарот се претстави со две нумери, „Ноктурно“ од Фредерик Шопен и една шлеска народна песна.

Викиманија 2024 и оваа година се покажа како успешен собир каде волонтерството беше во фокусот на над 2.000 луѓе од светот, сплотени со една цел и една визија – создавање на слободни содржини!

Познати добитниците на награди на „СИЕ Пролет”!

Со организирањето на уредувачки натпревари и уредувачки маратони, Викимедија МКД создава нови можности за поголемо збогатување на Википедија на македонски јазик. Со различни теми, но со иста цел, уредувачките натпревари и маратони исто така даваат и различни можности за добивање награди на учесниците кои се пројавиле.

Во периодот од 1 април до 30 април 2024 година се одржуваше уредувачкиот маратон „СИЕ Пролет”.  На натпреварот учествуваа повеќе уредници кои придонесоа со своите знаења и вештини. Овај натпревар имаше за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на различни теми од сите држави во рамките на регионот Средна и Источна Европа (СИЕ). Со ваквото објавување на нови содржини и подобрување на постоечките, учесниците овозможуваат пристап до квалитетни информации од оваа област за сите корисници на Википедија.

Оценувањето на статиите беше задача на оценувачкиот одбор, составен од искусни Википедијанци, кои внимателно ги анализираа и оценија содржините според стандардите и правилата на Википедија. Процесот на оценување беше траен и темелен, осигурувајќи објективност и квалитет при изборот на победниците. Така, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:

  • I награда: Тиверполник– вредносен купон во вредност од 10.000 денари.
  • II награда: Dandarmkd  – вредносен купон во вредност од 5.000 денари.
  • III награда: Emilija Dobreva – вредносен купон во вредност од 3.000 денари.

Покрај овие награди, се доделуваат и следните дополнителни награди:

Вкупно учествуваа 14 уредници и беа напишани 650 статии.

Оваа иницијатива го зголеми интересот за различни теми од сите држави во рамките на регионот Средна и Источна Европа (СИЕ) на Википедија и го збогати нашето знаење за овие земји.

Благодариме на сите учесници за нивните напори и нивниот придонес.

Одржана конференција за наставници во ООУ „Страшо Пинџур” во Скопје

Стремежот на Викимедија МКД да обучи што повеќе луѓе да уредуваат на Википедија на македонски јазик е една од главните цели на организацијата. Преку разните активности и  проекти, Викимедија МКД не само што се труди да ја збогати содржината на македонската Википедија, туку и се стреми да оформи големо волонтерско тело кое ќе делува како еден тим кон остварувањето на целите на движењето Викимедија.

Конференциите за наставниците се едни од проектните активности на Викимедија МКД преку кои наставен кадар добиваат обука за користење на Википедија и насоки и подучувања како истата таа енциклопедија да се користи во образовниот процес. Така, на 9 јули 2024 година Викимедија МКД одржа конференција за наставници во ООУ „Страшо Пинџур” во Скопје. Оваа конференција беше посетена од 15 учесници, наставен кадар на училиштето кој пројави силна желба за користење на Википедија, како средство за наставни цели, така и како место  каде се создаваат нови слободни содржини. Конференцијата започна во 9 часот во просториите на училиштето. Самата конференција беше составена од два дела, теоретски дел и практична работа или обука за правилно користење на Википедија.

Конференцијата ја започна Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма при Викимедија МКД, која одржа воведен говор пред учесниците на конференција. Филиповиќ ги запозна учесниците со својата работа и за достигнувањето на вики клубовите кои функционираат во рамките на здружението. По неа, се обрати Николче Стојаноски, претседател на Викимедија МКД кој ги запозна учесниците со идеите за креирање и споделување на слободни содржини достапни за сите, првенствено преку користењето на проектите на Викимедија.  Кон крајот на првиот дел се обрати Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД  која ги запозна учесниците за самата енциклопедија, како функционира Википедија, кои се придобивките од употребата на Википедија како наставно средство и како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации.

 

По паузата, следеше вториот дел од конференцијата. Овој дел всушност беше обука и начелно уредување на Википедија како еден од најголемите проекти на Викимедија. Учесниците, потпомогнати од организаторите, беа обучени и упатени како успешно да создадат корисничка сметка на Википедија. Дополнително, беа запознаени со основните принципи и начела на уредување на Википедија и беа запознани со начинот на започнување, уредување и објавување нови содржини.

Конференцијата помина во пријатна и работна атмосфера. Учесниците беа заинтересирани за начинот на работа на Википедија, но и можностите кои постојат за употреба на енциклопедијата како еден од наставните средства во образовниот процес во Македонија. Направени беа вкупно 15 нови кориснички имиња и напишани 5 нови статии. Дел од атмосферата ви ја доловуваме преку фотографски материјал кој може да се погледне на следната врска.