Одржана работилница на тема „Климатски промени” во Охрид

Активностите на годишната „ГЛАМ“ програма се посветени на подобрување на постоечката и создавање нови содржина на Википедија на македонски јазик и нејзините сродни проекти на тема „Клима и климатски промени“. Важноста на оваа тема за секојдневниот живот на луѓето е мотивација плус за придонес на нашата заедница кон оваа област. Следствено на тоа, Викимедија МКД продолжува со реализација на проекти и активности посветени на климатските промени.

На ден 26.6.2024 година (среда) членовите на Вики клуб Охрид одржаа работилница на тема Климатски промени. Работилницата се одржа во просториите на селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ во село Рамне, Охрид. Работилницата започна во 9:00 часот, при што на членовите на Вики клубот им се обрати нивниот ментор и едукатор за образование, Наташа Неданоска. На учесниците им беше одржано пригодно предавање на истата тема , со елаборирање на глобалното затоплување и последиците од истото и начините на кои што може да се намалат последиците од глобалното затоплување.

 

По воведното предавање членовите на Вики клубот во Охрид своите активности ги продолжија со заедничко уредување на Википедија на македонски јазик. Учесниците пишуваа и преведуваа статии на тема „климатски промени“ со што дадоа свој придонес за свеста на јавноста при борбата со овој голем светски проблем. Работилницата заврши во 12 часот. Вкупно беа направени 5 статии, а учесниците ќе продолжат да уредуваат на истата тема од дома. Дел од атмосферата ви ја доловуваме преку фотографски материјал кој може да се погледне на следната врска.

Серијата настани и активности посветени на климатските промени продолжува и понатаму во втората половина на 2024, кога не очекуваат нови проекти и нови резултати. Следете ја Викимедија МКД и заедно да ја подигнеме свеста на јавноста за овој проблем преку збогатување на содржината на Википедија на македонски јазик.

Започнува „Статии без илустрација”- нова можност да придонесете за Википедија и да освоите награди

Викимедија МКД секогаш промовира квалитетно и веродостојно уредување на Википедија и нејзините сродни проекти. Создавањето добро напишана статија, со дообро внесени наводи и визуелно-графички прикази на податоците кои се презентираат со статијата се основните приципи на Википедија според кои се води енциклопедијата. Недостатокот на еден од овие принципи остава простор за дополнително доуредување на статијата, и тука настапуваме сите ние!

Статии без илустрација е кампања на меѓународно ниво за вметнување на илустрации во статиите на кои им недостигаат. Илјадници фотографии се поставени на Заедничката ризница преку разни проекти на организацијата, како и преку фотографските натпревари низ годиниве. Идејата е да се искористат фотографиите и останатите илустрации во соодветните статии. Ова е огромен јаз кој оваа кампања се обидува да го премости. Викимедија МКД и оваа година ви овозможува да дадете свој придонес и да бидете дел од потенцијалните добитници на награди.

Кога и како?

Кампањата се одржува од 1 јули 2024 година до 31 август 2024 година. Нема ограничување во врска со бројот на илустрации што може да ги употребите. Фотографијата што ја користите мора да биде поставена под слободна лиценца или во јавна сопственост. Учесниците мора да го вклучуваат записот #WPWPMK на секое зачувување на промени кога внесуваат илустрација, и на секоја статија на која внесуваат илустрација. Исто така поставете го записот #WPWP за да учествувате за меѓународните награди.

Награди!

За македонските учесници се обезбедени посебни локални награди. Вкупно има на располагање 5 награди поделени на следниов начин:

  1. Прва награда – ваучер во вредност од 12.000 денари (се доделува 1 ваучер на еден корисник)
  2. Втора награда – ваучер во вредност од 6.000 денари (се доделуваат 4 ваучери на четири различни корисници)

Наградите ќе бидат доделени на најплодните учесници, кои имаат поставено илустрација на најмалку 100 различни статии на Википедија на македонски јазик. Доколку овој услов не биде постигнат, организаторите го задржуваат правото да не ги доделат наградите. За македонските награди, поените ќе се пресметуваат по принципот: една статија еден поен за илустрациите, без разлика колку илустрации сте поставиле во таа статија. Важно е да се напомене дека илустрации се вметнуваат на веќе постоечки статии, новосоздадени статии за целите на вметнување фотографии не се земаат во предвид.

Учествувајте, придонесете за Википедија и освојте награди!

Уредувачка недела „Право на домување“ – многу нови статии, многу нови награди!

Уредувачките маратони кои ги организира Викимедија МКД секогаш постигнуваат голем успех. Покрај тоа што ја збогатуваат Википедија на македонски јазик даваат и различни можности за добивање награди на учесниците кои пишуваат статии. Се стремиме да им овозможиме на корисниците на Википедија почесто да имаат можност да освојуваат награди при уредување на Википедија. Нашата посветеност на овој план и овој пат се покажа успешна со постигнување на резултати кои се значајни за нашата енциклопедија.

Овој пат од 3 јуни до 9 јуни 2024 година се одржуваше уредувачката седмица на тема „Право на домување“. Потфатот беше дел од меѓународната иницијатива „Вики за човековите права 2024“. Во натпреварот имаа можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик. Корисниците, преку самото пријавување и создавање статии на задената тема стануваа потенцијални кандидати за освојување награди, а при тоа и големи придонесувачи за развојот на Википедија на македонски јазик. За за да се освои било која награда, од пријавените корисници беше потребно да создадат или подобрат најмалку 20 статии на зададената тема.

Оценувањето на статиите беше задача на оценувачкиот одбор, составен од искусни Википедијанци, кои внимателно ги анализираа и оценија содржините според стандардите и правилата на Википедија. Процесот на оценување беше траен и темелен, осигурувајќи објективност и квалитет во изборот на победниците. Така, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:

  • Прва награда, корисник:Тиверополник – добитник на вредносен купон во вредност од 4.000 денари
  • Втора награда, корисник:Lili Arsova  – добитник на вредносен купон во вредност од 3.000 денари
  • Трета награда, корисник:Dandarmkd – добитник на вредносен купон во вредност од 2.000 денари

Уредувачката седмица заврши успешно и, така, Википедија на македонски јазик се стекна со 195 нови статии поврзани со „правото на домување“ создадени од 11 различни корисници на Википедија на македонски јазик.

Честитки за вредните корисници и добитници на награди!

Универзитетот „Гоце Делчев“ и Викимедија МКД со меморандум за соработка!

Викимедија МКД постојано се стреми кон организирање на активности поврзани со Википедија во образовните институции низ Македонија. Покрај тоа што одлично се одржуваат партнерстваат за соработка со институции со кои веќе има меморандум за соработка, Организацијата остварува и нови контакти и нови соработки сè со цел идеите и целите на здружението да допрат до што поголема маса на луѓе и организации.

Најновото партнерство за соработка беше остварено на  4 јуни 2024 година со потпишувањето на  Меморандумот за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Соработката е наочена кон публикување на слободни и проверени содржини на Википедија, како и промовирање на слободен пристап на податоци. Во однос на новопотпишаната соработка, проф. др. Зоран Здравев, раководител на дигитални ресурси и отворен пристап на УГД наведува:

„ Генерално соработката со „Викимедија“ е започната порано. Лабораторијата за дигитални ресурси и отворен пристап е формирана во 2010 година, оттогаш имаме некои активности, а минатата година и конкретно имавме публикување на наслови од нашата електронска библиотека. Тоа резултира со иницијатива да потпишеме Меморандум за подолгорочна соработка и веќе имаме планови како од наредната учебна година да почнеме да формираме тимови за креирање на содржини во Википедија, за публикување на други отворени содржини, да промовираме отворен пристап на податоци.“

Снежана Штрковска, извршен директор на Здружението „Викимедија МКД“, признат огранок на Фондацијата „Викимедија“, која ги финансира сите викимедиски проекти низ цел свет, се осврна на новото потпишано партнерство за соработка:

„ Википедија е енциклопедијата, Викимедија е сѐ друго, затоа што покрај енциклопедијата која е слободна, секој може да пишува и секој може да ја чита, постојат други, што ги викаме сестрински проекти, како што се вики-податоци, Викикниги, Викиуниверзитети и така натаму, на кои се работи за да може да се збогатува слободното знаење. Фондацијата се наоѓа во Сан Франциско и таму се наоѓаат сите сервери, од кои зрачат овие интернетски страници. Бенефитот за двете страни во секој случај е оној кој сите луѓе ќе го имаат како корист, да ја направиме Википедија на македонски јазик место на коешто можат да се прочитаат сигурни и точни податоци.“

Соработката на Викимедија МКД со високото образование е од огромно значење. Ваквата соработка ќе доведе до поголема точност на она што се објавува на Википедија, поголем број на слободни содржини на Википедија и нејзините сестрински проекти, поголема приклученост на заедницата во работата на Викимедија МКД и промовирање на волонтерството како начин на придонесување кон општото добро на заедницата.

Уредувачка седмица „Право на домување“-нова можност за награди

Викимедија МКД  постојано организира уредувачки маратони со цел да ја зголеми слободната содржина на македонски јазик. Со различни теми, но со иста цел, уредувачките натпревари и маратони даваат и различни можности за добивање награди на учесниците кои се пројавиле. Овој пат, Викимедија МКД организира уредувачка седмица на тема „Право на домување“. Потфатот е дел од меѓународната иницијатива „Вики за човековите права 2024“.

Уредувачка седмица „Право на домување” се одржува од 3 јуни 2024 година и завршува на 9 јуни 2024 година. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да бидат поткрепени со соодветни извори. При уредување на натпреварот, или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да си го запишат своето корисничко име на проектната страница, заедно со статиите кои ги напишале. Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаат можност и значајно да надополнат некоја постоечка статија.

Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.

Награди ќе им бидат доделени на тројцата најплодотворни учесници во облик на вредносни купони, и тоа:

  • Прва награда: купон во вредност од 4.000 денари.
  • Втора награда: купон во вредност од 3.000 денари.
  • Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.

За да се освои било која награда, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 20 статии!

Се надеваме дека оваа иницијатива не само што ќе ја збогати Википедија на македонски јазик, туку и ќе ја зголеми свеста за човековите права со особено осврнување кон правото на сопствен дом!

Климатски промени – ново заедничко уредување во Музејот на македонската борба

Соработката со Македонското еколошко друштво (МЕД) и овој пат се покажа како продуктивна и ефикасна. Имајќи го на ум фактот дека Викимедија МКД ја посвети својата ГЛАМ програма за 2024 на климатските промени, соработката со МЕД беше одлична можност да се пружат нови знаења и да се запознаат учесниците и пошироката јавност за суштината на овој глобален проблем.

На 30.5.2024 година во просториите на Музејот на македонската борба во Скопје, Викимедија МКД организираше предавање и уредувачки маратон за учениците од средното училиште „Јосип Броз“ од Скопје. Во заедничка соработка со Македонското еколошко друштво, настанот овозможи и едукативен дел, но и уредувачки дел каде учениците дадоа свој придонес за оваа тема преку пишување статии на Википедија на македонски јазик. Вкупно 10 средношколци предводени од професор Ирена Трајковска Стерјовска учествуваа на овој настан.

Настанот започна во 12:00 часот со предавањето на Фросина Пандуроска Драмиќанин – проектен координатор на Македонското еколошко друштво. Предавањето, кое траеше околу еден час, се осврна на почетните активности за заштита на животната средина, преку претставување на краток историски осврт кон оваа тематика. Самото предавање продолжи со елаборирање на глобалното затоплување и последиците од истото, за да заврши со движењата и организациските облици кои се борат против ваквиот голем светски проблем. Самото предавање беше проследено од дебата помеѓу учесниците и предавачите, која пак се покажа доста суштинска и сеопфатна.

Учесниците на настанот своите активности ги продолжија со заедничко уредување на Википедија на македонски јазик. Учесниците пишуваа и преведуваа статии на тема „климатски промени“ со што дадоа свој придонес за свеста на јавноста при борбата со овој голем светски проблем. Вкупно 13 нови статии беа напишани за време на овој настан.

Викимедија МКД продолжува со реализација на нови проекти и давање на свој придонес за оваа светска кауза преку научно-енциклопедиски активности и настани. Фотографскиот материјал е достапен и сакаме да ја споделиме атмосферата и со вас.

„Фотолов“ – уште една можност за придонесување

Ќе посетите некој концерт, изложба или фестивал? Сакате да споделите фотографии од настанот за образовно-информативни цели? Фотолов е проект токму за вас!

Што е „Фотолов“?

„Фотолов 2024“ e проект наменет за поединци и групи заинтересирани да организираат посета на место или настан со цел да создадат фотографии коишто би ги објавиле под лиценца за слободна документација за да може да се користат на проектите на Викимедија. Важно е содржините да содржат точни описи и подоцна истите да бидат употребени во статии на Википедија на македонски јазик.

Како да учествувате?

Секој кој е заинтересиран да спроведе фотолов потребно е да поднесе предлог во полето „Назив на предлогот“ или со пополнување на следниот Формулар за пријавување. Предложувачот треба јасно да ги претстави своите планови, образложувајќи кој настан ќе го фотографира, со кое превозно средство ќе патува (доколку е ова важно), колку време ќе трае потфатот (дали е еднодневен и неколкучасовен настан или трае повеќе дена), колку членови ќе учествуваат во екипата (ако ги има) и колкави се проценетите трошоци. Заинтересираниот поединец или група ќе треба да ја најави својата намера за одење на фотолов најмалку 7 дена пред тргнувањето. Врз основа на содржината на барањето, заедницата ќе донесе одлука за тоа дали предлогот треба да биде одобрен. Сите фотографски материјали под лиценца за слободна документација да бидат подигнати на Заедничката ризница.

 

Имам трошоци?

Право на надомест за направените трошоци за време на фотоловот има секој предлагач на фотолов одобрен од страна на заедницата на Википедија на македонски јазик. Трошоците што подлежат на надомест вклучуваат: патни трошоци, трошоци за локален превоз, трошоци за храна и пијалаци доколку е настан што трае повеќе дена, и трошоци за влезници, сето ова во висина до 4.000 денари, под услов да има подигнато најмалку 30 фотографски записи и да се приложат соодветни докази за трошоци.

Викимедија МКД ви овозможува преку забава да документирате настани за корист на општата читателска публика!

 

Белград – осма Викилајв конференција

На 18 и 19 мај 2024 година се одржа осмата по ред „Викилајв конференција“ во Белград, Србија.

Конференцијата беше одржана во СКИП центарот, во рамки на Министерството за државна управа и локална самоуправа. Викилајв конференцијата беше под мотото „Споени во знаењето“, а учествуваа околу 70 уредувачи и соработници на проектите. Се одржаа многубројни предавања, панел дискусии, дружење и споделување на проекти поврзани со Википедија, сè до разговори за тоа како алатките на вештачката интелигенција може да помогнат за Википедија.

Оваа година, од Македонија учествуваа Нино Богдановски и Кирил Симеоновски, и двајцата членови на Извршниот одбор на Викимедија МКД, како и Тони Ристовски, кој беше учесник како претставник на ЦИЕ хаб. Предавањата со кои Кирил и Нино претставија дел од активностите на македонската заедница беа: Содржини на знаковен јазик како нова форма на знаење, и претставувањето на Викиобука што ќе се одржи во Преспа на почеток на септември.

„Мене лично ми е второ учество на оваа конференција која има и мал регионален карактер. Лично сметам дека ваквиот тип на настани се одличен начин да се види што се работи во регионот на тема Википедија и сите Викимедини проекти, можност е да се добие некоја идеја плус, како и потенцијал да се склучи или разработи некој проект кој би имал меѓуграничен карактер“ – ијзави Нино Богдановски.

Конференцијата заврши со сесијата „На кафе со Викимедија“, кога присутните имаа можност да поставуваат прашања на членовите на Управниот одбор на Викимедија Србија, а потоа со доделување на наградата Викимедија „Бранислав Јовановиќ“. Ова е годишна награда која Викимедија Србија ја доделува на уредниците на Википедија на српски јазик за нивниот придонес во ширењето на слободното знаење. Овогодинешниот добитник на наградата е Бранка Вучиќевиќ Вучковиќ, која го води проектот „Надгробни споменици во Србија“.

Учесниците се здобија со сертификати за следење и присуство на конференцијата.

На фотографиите може да ги видите сите учесници на Викилајв, дел од атмосферата, како и претставниците од Македонија.

 

Уредувачки маратон „Чајанка“ – нова награда и многу нови статии!

Со организирањето на уредувачки натпревари и уредувачки маратони, Викимедија МКД создава нови можности за поголемо збогатување на Википедија на македонски јазик. Преку ваквите програмски активности, Викимедија МКД се обидува да ја зголеми слободната содржина на македонски јазик. Со различни теми, но со иста цел, уредувачките натпревари и маратони даваат и различни можности за добивање награди на учесниците кои се пројавиле.

Овој пат, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон на тема „Чајанка“. По повод Светскиот ден на чајот, 21 мај 2024, Викимедија МКД ги повика сите свои членови и уредници на Википедија да учествуваат на овој повик и да напишат статии на тема „чај“. Уредувачкиот маратон траеше преку целиот ден, а за овој маратон беше предвидена и една награда доделена по случен избор на некој од учесниците. Новина која беше воведена за прв пат беше емитување во живо преку Инстаграм профилот на Викимедија МКД. Емитувањето се одвиваше на 23 мај 2024 и по случаен избор со влечење беше прогласен еден добитник на награда.

Уредувачкиот маратон се покажа доста успешен и Википедија на македонски јазик се стекна со 56 нови статии за чајот.

Добитник на награда е корисник Драгана Васил со статијата „Дегустација на чај”.

Штипската околија – прва Викиекспедиција за 2024

Викимедија МКД продолжува со реализација на нови програми, понуда на нов едукативен материјал и слободни содржини за македонската публика. Преку својот проект „Викиекспедиции“, Викимедија МКД истражува, документира и енциклопедиски презентира места и локалитети од сите делови на Македонија.

Оваа година во периодот од 26 до 28 април 2024 година тимот на Викимедија МКД ја одржа својата прва викиекспедиција за 2024. Штипската околина, со своите преубави села, природни убавини и историско-културни споменици беше мета на нашите истражувачи кои собраа голем број податоци, фотографии и видео записи. Тимот составен од пет члена, Википедијанци и членови на Викимедија МКД, својот истражувачки поход го започнаа со сместување во Свети Николе, како најпогодно место за целите на истражувањето.

Првиот ден започна со посета на градот Штип. По краткиот престој тимот набрзо се упати кон најоддалеченото село во општината, село Брест. По фотографирањето на локалниот манастир и месноста Пилав Тепе, тимот се упати кон документирање на историското село Ново Село. Понатака, екипата се упати кон селото Горачино, но и селото Танатарци. По документирањето на овие села, истражувачите се упатија кон селото Патрик, кое  е историско село, а потоа и селото Пиперево кое е сместено на Серта. Документирањето продолжи со сликање, снимање и собирање на податоци на селата Лесковица, Суво грло, Степанци, Балталија, Лакавица, Пухче, Селце, Драгоево, Пенуш и на крај на денот селото Софилари.

По помината ноќ во Свети Николе, тимот продолжи со истражување на спротивната страна – Плачковица. Првото село од следниот ден кое беше снимено и забележано од камерите беше селото Шашаварлија, а потоа следни за соодветен видео и фотографски запис беа селата Никоман, Калапетровци, Кошево и кањонот Камник. Експедицијата продолжи кон селата Почивало, Стар Караорман, Чардаклија, Судик, Врсаково, историското село Крњевци, Долани, Љуботен, Чифлик и на крај Липов Дол

Експедицијата, како и минатите, беше продуктивна и голем број материјали беа собрани за селата од овој регион. Со посетени 30 села, 2 историски села и поминати 600 километри пат, тимот детално и сеопфатно открива на нашата заедница уште едно парче убавина и историско-културна целина на Македонија.