Пишувај статии на Википедија и освои награди!

Во текот на 2024 година Викимедија МКД организира уредувачки денови и ќе се одржуваат секој вторник и четврток. Уредувачките денови се изведуваат во текот на денот од 24 часа, со почеток во 00:00 ч. и крај во 23:59 ч. истиот ден. Предвид се земаат сите создадени или подобрени статии на зададената тема од корисници на Википедија на македонски јазик кои ги пријавиле во уредувачкиот ден.

Исто така Во текот на 2024 година е планирано да се одржуваат и уредувачки викенди. Уредувачките викенди се изведуваат во текот на еден викенд, со почеток во 00:00 ч. во сабота и крај во 23:59 ч. во недела.

На крајот на годината ќе им бидат доделени награди на тројцата најплодотворни учесници кои ќе имаат највисок успех при заедничкото и споено бодување од уредувачките денови и уредувачките викенди. Наградите се во облик на вредносни купони за книги или техничка опрема, и тоа:

-Прва награда: купон во вредност од 15.000 денари.

-Втора награда: купон во вредност од 9.000 денари.

-Трета награда: купон во вредност од 6.000 денари.

За да се освои било која награда, потребно е да се исполнат следните критериуми:

-да се учествува во најмалку 100 изданија на уредувачките денови и/или викенди;

-да се учествува во барем 10 од 12-те календарски месеци; и

-да се создадат или подобрат најмалку 150 статии, предлошки или модули.

Бидете дел од најголемата мрежна енциклопедија во светот! Бидете дел од Википедија!

Среќна Нова година во ново руво!

Уште една година помина од заедничкото дружење, создавање, придонесување и делување на полето на споделување на слободни содржини. За многу од нас Википедија и активностите поврзани со Википедија и сродните проекти оставија добар впечаток, дадоа добри резултати и одлично поминати моменти работејќи заедно.
 

2023 година како успешна приказна ја привршуваме и активностите планирани за оваа календарска година се успешно завршени. Успешната приказна која траеше во текот на целата година сакаме да ја продолжиме заедно и тимски. Се стремиме сите заедно да работиме уште повеќе и да добиеме уште поголеми резултати – сите ние заедно тоа го можеме. Секој член е незаменлив за Движењето Викимедија, а секој придонес огромно богатство. Се гордееме на нашата работа и нашиот труд – на сите ние кои сме дел од ГЛАМ Македонија и Движењето Викимедија.
 

Новата 2024 година ја почнуваме со ново име, ребрендиран организациски облик и со здружени сили одиме кон поголеми успеси. ГЛАМ Македонија и Споделено Знаење стануваат ВИКИМЕДИЈА МКД. Ново име, поголеми цели, достижни стремежи!

 

Среќна нова 2024 на сите членови на ГЛАМ МАКЕДОНИЈА!