Во рамките на образовната програма на Викимедија МКД, која има за цел да го поттикне користењето и создавањето слободно знаење меѓу учениците и наставниците, редовно се организираат обуки и работилници за уредување на Википедија. Програмата е насочена кон развивање на дигитална писменост, преку нивно активно вклучување во збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик.
Па така, на 12 февруари 2026 година, Викимедија МКД одржа обука за уредување на Википедија со ученици од ООУ „Коле Неделковски“ во Скопје. Настанот се реализираше во пријатна и работна атмосфера, со цел учениците да се запознаат со основите на слободното знаење и начинот на функционирање на најголемата онлајн енциклопедија во светот – Википедија.
На обуката учествуваа вкупно 6 ученици, кои покажаа голем интерес и мотивација за активно вклучување во процесот на создавање и подобрување на енциклопедиски содржини на македонски јазик. Преку теоретски и практичен дел, тие се запознаа со принципите на Википедија, правилата за уредување, како и со техничките аспекти на креирање и уредување статии.

Во текот на обуката учениците имаа можност самостојно да работат на пишување нови статии, при што беа напишани вкупно 15 статии на различни теми. Притоа, тие научија како правилно да структурираат текст, да додаваат внатрешни и надворешни врски, да внесуваат наводи и да категоризираат содржина.
Обуката претставуваше одлична можност учениците да ги развијат своите дигитални вештини, како и критичкото размислување при користење на информации од интернет. Преку практичната работа тие стекнаа директно искуство во создавање слободна и достапна содржина, со што активно придонесоа кон збогатување на Википедија на македонски јазик.
Викимедија МКД продолжува со организирање на вакви едукативни активности со цел поттикнување на младите да станат активни создавачи на знаење и одговорни корисници на дигитални ресурси. Соработката со училиштата претставува важен чекор во ширењето на мисијата за слободно знаење и развој на заедницата на уредувачи во Македонија.
Фотографскиот материјал од обуката, може да го погледнете на следнава врска.