На 13 февруари 2026 година, Викимедија МКД организираше обука за уредување на Википедија, наменета за ученици од училиштата ООУ „Невена Георгиева- Дуња“ и ООУ „Свети Климент Охридски“. Обуката се одржа во просториите на Викимедија МКД, сместени во рамките на Младински културен центар (МКЦ) во Скопје, во пријатна и инспиративна атмосфера која поттикнува учење, креативност и тимска работа. На настанот учествуваа вкупно 9 ученици, кои имаа можност да се запознаат со основите на уредување статии и со начинот на функционирање на Википедија како слободна и заеднички уредувана енциклопедија.

Во текот на обуката беше објаснето дека најчестиот начин на создавање нови статии, особено за почетници, е преку преведување содржини од други јазични изданија на Википедија. Учениците научија како правилно да преведуваат, да ја прилагодуваат содржината на македонски јазик и да внимаваат на јазичната точност и енциклопедискиот стил. Посебен акцент беше ставен на зачувување на структурата на статијата – вовед, поднаслови и категории – со цел новосоздадените статии да бидат уредни, прегледни и во согласност со стандардите на македонската Википедија.
Практичниот дел од обуката им овозможи на учениците самостојно да започнат со работа на статии по сопствен избор, под менторство и поддршка од тимот на Викимедија МКД. Како резултат на обуката, беа напишани вкупно 14 нови статии. Со тоа, учениците дадоа конкретен придонес во збогатувањето и проширувањето на содржините Википедија на македонски јазик, зголемувајќи ја достапноста на информации на мајчин јазик.

Покрај практичните вештини за уредување и преведување, учениците ја унапредија и својата дигитална писменост, способноста за јазична прецизност и внимателност при пренесување информации. Обуката претставува значаен чекор во нивното активно вклучување во заедницата на уредувачи и во процесот на создавање слободно знаење.
Со ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ја остварува својата мисија за едукација и поттикнување на младите да станат активни придонесувачи во развојот на Википедија на македонски јазик, градејќи одржлива и мотивирана заедница на нови уредувачи.