Викимедија МКД го прослави 24-от роденден на Википедија

На 15 јануари, во чест на роденденот на Википедија, македонската вики-заедница организираше специјална прослава. Настанот се одржа во пријатната атмосфера на кафулето „Пјаца Либерта“ во Скопје, со почеток во 17 часот. Оваа средба беше можност да се одбележи 24-годишнината од основањето на Википедија, еден од најголемите и највлијателни проекти на отворено знаење во светот.

На прославата присуствуваа активни вики-уредници, поддржувачи и љубители на слободното знаење, кои заеднички го одбележаа значењето на оваа глобална платформа за размена на информации. Настанот започна со неформални разговори, каде присутните имаа можност да споделат свои искуства, успеси и предизвици со уредувањето на статиите на Википедија.

Еден од најважните моменти на вечерта беше доделувањето на статуетки за траен придонес на двајца истакнати википедијанци. Овие статуетки се доделуваат како признание за уредувачи кои активно работат на Википедија повеќе од 10 години и имаат над 10.000 уредувања. Признанијата беа дочекани со големи аплаузи, како потврда за нивната неуморна работа и посветеност на слободното знаење.

Дружењето продолжи во опуштена атмосфера со вкусни закуски и пијалаци. Учесниците ја искористија можноста за неформално вмрежување, размена на идеи и планови за идни активности на заедницата. Радоста и ентузијазмот беа присутни кај сите, што уште еднаш ја потврди посветеноста на македонската вики-заедница кон унапредување на слободното знаење.

Покрај пригодните закуски и пијалaци, неминовна за овој настан беше и роденденската торта. Специјално подготвена за оваа пригода, тортата беше во централниот фокус на настанот со што и официјално се прославија 24 години дружење со Википедија.

Покрај самиот настан и преувкусната торта, Википедија доби и свои подароци. На самиот ден на роденденот, на 15 јануари 2025 година, Викимедија МКД објави повик да сите корисници на Википедија да објават статии, нови или подобрени, како роденденски подарок за Википедија. Повикот траеше преку целиот ден, и беа објавени 33 нови статии и 19 Википедијанци дадоа свој подарок на Википедија и ја подобрија содржината на енциклопедијата.

Оваа прослава беше уште еден доказ дека Википедија не е само платформа, туку вистинска заедница на луѓе кои веруваат во моќта на знаењето. Настанот заврши со ветување дека ќе се продолжи со уште поголема енергија во 2025 година.

Целиот фотографски материјал од настанот може да го погледнете тука.