Од 1 април па сѐ до 30 април 2025 се одржува уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет” проект на Викимедија МКД, Википедија на македонски јазик и сите заедници во Средна и Источна Европа, кое има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на различни теми од сите држави во рамките на регионот Средна и Источна Европа (СИЕ).
Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии кои се предложени во рамките на наведените списоци на проектната страница по земја од регионите на Средна и Источна Европа. Темите се обемни и може да придонесете со тема што вам ви се допаѓа од географија, култура и историја па сѐ до музички традиции и етнографски обележја. Изборот на темата ваш, а придонесот од големо значење за Википедија на македонски јазик.
Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале. Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик освен членовите на оценувачкиот одбор, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.
Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за техничка стока и ваучери за книги. Наградите ќе бидат купени по завршувањето на уредувачкиот натпревар во вид на ваучери од продавница со седиште во Македонија. Наградите се следниве:
- Прва награда за најдобар уредник – вредносен купон во висина од 10.000 денари.
- Втора награда за најдобар уредник – вредносен купон во висина од 5.000 денари.
- Трета награда за најдобар уредник – вредносен купон во висина од 3.000 денари.
Покрај овие три награди, овој уредувачки натпревар предвидува и:
- Награда за најдобра статија – вредносен купон во висина од 4.000 денари
- Награда најдобар постоечки учесник кој претходно не учествувал на уредувачките натпревари „СИЕ Пролет“ – вредносен купон во висина од 2.000 денари
- Награда за најмногу уредени статии од различни земји учеснички на натпреварот – вредносен купон во висина од 2.000 денари
За да може некој учесник да добие награда во некоја од категориите, мора да има напишано/подобрено најмалку 20 статии од списоците на другите учесници во натпреварот и истите да бидат оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на оценувачкиот одбор).
Нови статии, нови содржини, нови награди. Пријавете се и учествувајте!