Викимедија МКД постојано се стреми кон организирање на активности поврзани со Википедија во образовните институции низ Македонија. Oд особено големо значење е соработката со високообразованите институции. Ваквата соработка ќе доведе до поголема точност на она што се објавува на Википедија, поголем број на слободни содржини на Википедија и нејзините сестрински проекти, поголема приклученост на заедницата во работата на Викимедија МКД и промовирање на волонтерството како начин на придонесување кон општото добро на заедницата.
Конференциите за наставници се едни од проектните активности на Викимедија МКД преку кои наставниот кадар добива обука за користење на Википедија и насоки и подучувања како истата таа енциклопедија да се користи во образовниот процес. За прв пат ваква конференција се реализира и за професорите од највисокиот степен на образование – високото образование. Така на 14 ноември 2024 година Викимедија МКД одржа конференција за професори на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На конференцијата покрај професорите учествуваа и заинтересирани студенти кои сакаа да дознаат нешто повеќе за Википедија. Вкупно учествуваа 22 професори и студенти од УГД од Штип. Самата конференција започна во 10:00 часот во просториите на Кампус 2 при УГД Штип.
Конференцијата ја започна Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД која ги запозна учесниците за самата енциклопедија, како функционира Википедија, кои се придобивките од употребата на Википедија како наставно средство и како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации. Кон крајот на првиот дел се обрати Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма, која ги запозна учесниците на кој начин функционира образовната програма на Викимедија МКД, а потоа следуваше и уредување на Википедија. Учесниците, потпомогнати од организаторите, беа обучени и упатени како успешно да создадат корисничка сметка на Википедија. Дополнително, беа запознаени со основните принципи и начела на уредување на Википедија и беа запознани со начинот на започнување, уредување и објавување нови содржини.
По паузата започна вториот дел од конференцијата каде што Тони Ристовски, кој е вработен во хабот на Централна и Источна Европа на Викимедија, одржа обука за Википодатоци. Тој напомена дека Википодатоци е проект за соработно уредување врз база на податоци за Википедија. Ристотвски исто така напомена дека проектот го започнала Викимедија Германија со намера да овозможи заеднички извор на извесни видови податоци како датуми на раѓање, класа на заверени податоци, што ќе се користат на сите јазични изданија на Википедија. Ова претставува и прв нов проект на Фондацијата Викимедија од 2006 наваму.
Конференцијата помина во пријатна и работна атмосфера. Учесниците беа заинтересирани за начинот на работа на Википедија, но и можностите кои постојат за употреба на енциклопедијата како еден од наставните средства во образовниот процес во Македонија.
Фотографскиот материјал може да го погледнете на следнава врска.