Во светот на брзата дигитализација, пристапот до слободни информации и нивното споделување играат клучна улога во образованието и личниот развој. Во оваа насока, Википедија претставува еден од најголемите и највлијателните мрежни страници, нудејќи неограничени можности за учење и надградување на знаењето.
Зад овој глобален проект стојат посветени поединци, меѓу кои се и наставниците кои не само што активно учествуваат во создавањето и подобрувањето на содржините, туку и ги мотивираат своите ученици и колеги да станат дел од оваа заедница. Преку нивната работа, тие ја промовираат важноста на слободните информации, го негуваат македонскиот јазик и ги отвораат вратите на учениците кон светот на истражувањето и знаењето.
Во ова интервју, професорката Лили Арсова вработена во ОУ „Васил Главинов” во Велес која го води Вики клубот во Велес споделува како започнала со уредување на Википедија, што ја мотивирало и кои се придобивките од оваа активност, како за неа лично, така и за околината.
ВМ МКД: Што ве привлече за да се вклучите во Википедија?
- Лили Арсова: Ме привлече можноста за слободни информации и можноста за проширување на сите достапни информации. Голем број на уредувачки денови, викенди, месечни натпревари и можноста да ги заинтересирам учениците и колегите за информациите кои можат да ги користат од Википедија. Секако, тука се и патувања низ светот на Викиманија и останатите конференции кои се одржуваат секоја година во различни држави.
ВМ МКД: . Колку години сте активен википедијанец и што ве мотивираше да почнете да се занимавате со овој проект?
- Лили Арсова: Присуствував на првата обука на наставници, 20 април 2017 година која траеше околу пет часа, а се реализираше во „Порта Македонија“ во организација на „ГЛАМ Македонија“ . На конференцијата учествуваа околу 60-тина колеги-наставници од повеќе основни и средни училишта. За првпат дознав како функционира преведувањето и пишувањето на Википедија. Ни беше поделен прирачник со наслов „Основни упатства: Како се користи Википедија како наставно средство“. Во 2019 година по неколку контакти со Снежана Штрковска се договоривме и во Велес да се отвори Вики Клуб. На 20 февруари 2020 година се одржа обука за ученици во ООУ„Васил Главинов “ во Велес и се потпиша меморандум за соработка со општината. ГЛАМ Македонија како дел од своите активности започна и со реализација на новиот проект „Вики сениор“, кој има цел да обучува и да едуцира возрасни лица низ цела Македонија, за да се создадат нови статии и да се подобрат веќе постоечките. Голем број наставници од Велес што ги поминаа обуките се активно вклучени во „Вики сениор“. Во изминативе четири години на настаните што ги организира „ГЛАМ Македонија“, Вики клубот од Велес, младите членови википедијанци и членовите на „Вики сениор“ активно и успешно се вклучуваат на уредувачките денови, работилници и натпревари. Среќна сум што се одржаа потоа уште две обуки за наставници и колегите активно се вклучуваат на уредувачките денови.
ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водење на Вики клубот?
- Лили Арсова: Најголема придобивка според мене од вклучувањето во Википдедија е негување и зачувување на македонскиот јазик. Можност за учење и подобрување на правописот кај учениците додека ги преведуваат статиите. Википедија ќе му дојде како прозорец кон светот – има толку многу статии од кои може да се добијат многу информации и знаење. Некој само треба да ги насочи децата и да им каже отворете на Википедија и прочитајте и истражете. Кога преведуваме статии на македонски јазик од други јазици кај нив се појавува дека таа статија е преведена на македонски јазик, па ако привлече барем 10 посто од читателската публика за мене ќе значи многу. Дружењето со учениците, колегите википедијанци, уредувачки денови, викенди и месеци, дружењето на вики камповите е како едно големо семејство кое се стреми информациите да бидат достапни за сите.
ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот и заедничките уредувања имаат врз учениците?
- Лили Арсова: Заедничките уредувања освен што ја потикнуваат љубопитноста кај самите википедијанци, создаваат и натпреварувачки дух и желба да се преведат што поголем број на статии. Меѓусебната соработка и помош која си ја пружаат меѓусебно во споделувањето на информациите околу преведувањето секако дека многу му значи на секој од нас. Знаеш дека имаш поддршка и дека е некој тука да ти помогне ако ти треба помош.
- Лили Арсова: Сакам да им препорачам на младите и колегите да ја користат Википедија како извор на информации кои подоцна можат да ги споделуваат на часовите или при истражувачки активности на истите. Со преведување и пишување на статии на македонски јазик си го зачувуваме и негуваме македонскиот јазик. Убава можност е кога имате познавање на друг странски јазик со самото преведување лицето го збогатува и вежба својот зборовен фонд. И за крај една порака до сите кои ова ќе го прочитаат: Јазикот на секој народ е неприкосновен трезор на културната историја. Ние сме тие што треба да го чуваме и негуваме. Секој е добредојден во семејството на Википедија. Да се биде негов дел е голема привилегија и чест! Овде работиме со љубов, волонтерски, а создаваме статии на македонски јазик кои секојдневно се побројни.
Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk