Младите википедијанци од Велес учеа за растенијата преку теренска работилница

На 13 март 2026 година се одржа едукативна теренска работилница за учениците – членови на Вики клуб Велес во рамки на ГЛАМ програмата на Викимедија МКД за 2026 година. Овогодишната тема на програмата е „Ботаника на Македонија“, со која се поттикнува истражување и документирање на растителниот свет во државата, како и збогатување на слободното знаење на интернет со информации поврзани со растенијата, нивната употреба и значење.

Работилницата се одржа во Велес, каде учениците имаа можност преку директна теренска работа да се запознаат со различни аспекти од растителниот свет, традиционалните знаења за лековити билки и основите на локалното земјоделско производство. Целта на оваа активност беше младите википедијанци преку практично искуство да стекнат нови знаења и идеи кои подоцна ќе можат да ги искористат при создавање и подобрување на содржини на Википедија.

Во текот на работилницата учениците најпрво го посетија локалниот пазар, каде имаа можност да разговараат со искусен билкар кој со години собира и продава лековити растенија. Тој им објасни како се препознаваат различните видови билки во природата, кога е најсоодветното време за нивно собирање и на кој начин правилно се сушат и чуваат. Посебно внимание посвети на традиционалната употреба на билките во народната медицина, споделувајќи примери за тоа како одредени растенија се користат за подготовка на чаеви, тинктури и други природни препарати.

Учениците со голем интерес ги следеа објаснувањата и поставуваа прашања поврзани со препознавањето на растенијата, нивните лековити својства и разликите помеѓу дивите и култивираните видови. Оваа средба им овозможи одблиску да се запознаат со богатството на природните билки и со знаењата што со генерации се пренесуваат меѓу луѓето.

Во рамки на посетата учениците разговараа и со локални производители на зеленчук, кои им го објаснија целиот процес на одгледување на растенијата – од подготовка на почвата и садење семе, па сè до негување на растението и добивање на финалниот производ. Тие им раскажаа колку е важна правилната грижа за растенијата, како се одржува почвата плодна и колку труд и посветеност се вложуваат во земјоделското производство.

Особено интересна беше и средбата со локален пчелар, кој им зборуваше за значењето на медоносните растенија и нивната поврзаност со животот на пчелите. Тој објасни дека пчелите се едни од најважните опрашувачи во природата и дека голем број растенија зависат токму од нив за да дадат плод. Учениците научија дека без пчелите би се нарушила природната рамнотежа и би се намалило производството на многу видови овошје и зеленчук.

Теренската работилница продолжи со посета на локална земјоделска аптека, каде учениците се запознаа со различни овошни и зеленчукови садници, како и со семиња од повеќе видови култури. Таму имаа можност да научат како се препознаваат младите растенија, на кој начин се подготвуваат за садење и какви услови се потребни за нивен правилен раст и развој. Дополнително, тие разгледаа и различни видови семиња и луковици на цветови, како и други производи што се користат во земјоделството.

Преку оваа теренска работилница учениците стекнаа нови практични знаења за растителниот свет, земјоделството и традиционалните начини на користење на лековитите растенија. Воедно, ваквите активности им помагаат подобро да ја разберат природата и нејзиното значење, но и ги поттикнуваат да фотографираат и да создаваат нови содржини поврзани со ботаниката.

Теренските активности се важен дел од работата на Вики клубовите, бидејќи им овозможуваат на учениците знаењето да го стекнат преку директно искуство. На тој начин тие не само што учат за природата и растенијата, туку се мотивираат и активно да придонесуваат кон слободното знаење преку уредување и збогатување на содржините на Википедија.

Фотографскиот материјал од работилницата може да го погледнете на следнава врска.