Успешно заврши „Координирај ме 2026“- беа создадени и подобрени предмети на Википодатоци за Македонија

„Координирај ме 2026“ претставуваше третото издание на меѓународниот натпревар на Википодатоци посветен на создавање и подобрување на содржини со географски координати. Натпреварот опфаќаше широк спектар на објекти — од населени места и аптеки до јавна уметност и природни споменици.

Целта на иницијативата беше да се поттикне збогатување на Википодатоци преку создавање нови или подобрување на постоечки елементи што го содржат својството за географски координати (P625), при што тие требаше да се наоѓаат во некоја од земјите учеснички определени како фокус за натпреварот.

Натпреварот имаше за цел да ја подобри точноста, покриеноста и употребливоста на геопросторните податоци, со што се придонесува кон поквалитетна и подостапна слободна база на знаење. Натпреварот се одржуваше од 1 до 31 мај 2026 година.

Оваа година Македонија беше една од земјите опфатени со натпреварот, што овозможи бројни уредници од различни држави да придонесуваат кон подобрување на податоците поврзани со нашата земја. Во текот на натпреварот, вкупно 33 уредници од меѓународната вики-заедница работеа на создавање и подобрување на записи за Македонија, додавајќи и коригирајќи географски координати за населени места, културно-историски споменици, природни знаменитости, институции и други значајни објекти. Со над 3.540 уредувања на повеќе од 2.280 различни предмети, учесниците значително ја збогатија содржината поврзана со Македонија на Википодатоци.

Благодарение на учеството на Македонија во овој натпревар, значително беше подобрен квалитетот на географските податоци за Македонија на Википодатоци. Овие податоци се користат не само во проектите на Викимедија, туку и од истражувачи, програмери, образовни институции и бројни други корисници кои се потпираат на слободни и отворени податоци.

Ваквите меѓународни иницијативи покажуваат дека соработката помеѓу волонтерите од различни делови на светот може да донесе значајни резултати и да придонесе кон создавање поквалитетно и подостапно слободно знаење за сите.