Конференциите за наставници што ги организира Викимедија МКД претставуваат значаен сегмент од образовната програма на организацијата и имаат за цел да ги доближат можностите на Википедија до образовниот кадар. Преку овие настани, наставниците се запознаваат со концептот на слободно знаење, начинот на функционирање на Википедија и потенцијалот што го нуди како современа образовна алатка. Воедно, конференциите претставуваат простор за размена на искуства, идеи и добри практики, како и поттик за воспоставување долгорочна соработка меѓу училиштата и Викимедија МКД.
На 25.02.2026 година во просториите на СОУ „Богданци“ во Богданци се одржа конференција за наставници, на која учествуваа 16 наставници. Настанот се одвиваше во позитивна и интерактивна атмосфера, при што присутните имаа можност да поставуваат прашања и да дискутираат за практичната примена на Википедија во наставниот процес.

Најпрво, свое обраќање имаше Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД, која зборуваше општо за Википедија, нејзината мисија и основните принципи – неутралност, проверливост и користење доверливи извори. Таа ја истакна важноста од развивање на критичко размислување кај учениците и нивно насочување кон одговорно користење и создавање на онлајн содржини. Притоа беше нагласена улогата на наставниците како ментори во процесот на креирање квалитетни и енциклопедиски содржини.
Во рамки на конференцијата, Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД, ја презентираше образовната програма на организацијата, нејзината структура, тековните активности и постигнатите резултати. Таа ги информираше наставниците за можностите за вклучување во програмата, организирање обуки и формирање вики клубови во нивните училишта, со цел поттикнување на активно учество на учениците во создавање слободно знаење.
Валентина Трајковска, член на извршниот одбор на Викимедија МКД, сподели искуство од нејзината работа со вики клуб, посочувајќи конкретни примери за тоа како учениците преку вакви активности ги унапредуваат своите јазични и дигитални вештини. Таа зборуваше за предизвиците и придобивките од водењето на вики клуб, како и за позитивното влијание што ваквиот ангажман го има врз мотивацијата и самодовербата на учениците.

Конференцијата заврши со отворена дискусија и изразен интерес за идни соработки, при што наставниците ја истакнаа важноста од вакви едукативни иницијативи кои придонесуваат за модернизација на наставниот процес и активно вклучување на учениците во дигиталната средина.
Конференциите за наставници претставуваат значаен чекор кон градење посилна мрежа на соработка меѓу наставниците и Викимедија МКД, создавајќи основа за нови проекти, вики клубови и заеднички активности. Преку континуирана поддршка и едукација, се отвораат можности за активно учество на учениците во креирањето на квалитетна и слободна содржина на македонски јазик, со што директно се придонесува кон збогатување на Википедија и развој на дигиталната писменост во образованието.
Фотографскиот материјал од конференцијата може да го погледнете на следнава врска.