Како дел од заложбите за збогатување на слободното знаење и зајакнување на културната размена помеѓу државите, Викимедија МКД во соработка со Словенечки центар – Скопје и со поддршка од Амбасадата на Република Словенија , го организираше уредувачкиот натпревар „Запознајте ја Словенија“. Натпреварот беше отворен за сите членови на Вики клубовите во Македонија, а неговата цел беше преку пишување и подобрување на статии да се приближи Словенија до македонската јавност и да се прошири слободното знаење за оваа држава.
На 15 април 2025 година, со почеток во 12:00 часот, во просториите на Викимедија МКД во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, се одржа официјалното доделување на наградите и сертификатите за петте најуспешните учесници од уредувачкиот натпревар „Запознајте ја Словенија“. Овој натпревар имаше за цел да се поттикне креирање и збогатување на содржини за Словенија — нејзината историја, култура, географија, знаменитости, познати личности и други теми поврзани со словенечкото општество. Преку натпреварот, волонтерите-уредувачи создадоа нови и квалитетни статии, со што придонесоа кон слободното и достапно знаење на македонски јазик.
На настанот присуствуваа добитниците на награди, претставници од Викимедија МКД, претставници од Словенечки центар-Скопје и претставници од амбасадата на Република Словенија. Најпрво се обрати Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД која ги поздрави присутните, по неа говор имаше извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска која ја назначи важната улога на ваквиот вид уредувачки натпревари и по неа се обрати и Сашо Стојковски од Словенечки центар- Скопје. Меѓу присутните беа и конзулот на Република Словенија во Македонија, г.Мартин Глажар како и Амбасадорот на Република Словенија, г. Грегор Прескер кој ги врачи наградите и сертификатите на петтемина најуспешни уредувачи и во своето обраќање ја нагласи важноста на дигиталната писменост, слободниот пристап до информации и заедничкото градење мостови меѓу културите преку соработка и знаење. Тој исто така ја изрази благодарноста за заложбите на уредувачката заедница и поддршката од Викимедија МКД.
Со ова свечено доделување, официјално заврши уште еден успешен проект наменет за ширење на слободното знаење, градење на врски меѓу народите и промоција на културната размена. Викимедија МКД се заблагодарува на сите учесници за нивниот придонес, како и на Словенечки центар – Скопје и Амбасадата на Република Словенија за соработката и поддршката во реализацијата на натпреварот.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.