Викимедија МКД постојано работи на промовирање и зголемување на слободната содржина на македонски јазик. Еден од начините на кои тоа го прави е преку организирање на уредувачки маратони и натпревари, кои овозможуваат на учесниците не само да придонесуваат кон создавање квалитетна и проверена содржина, туку и да го зголемат своето знаење од разни области. Со различни теми, но со иста цел – поттикнување на создавање и подобрување на статии – овие активности овозможуваат учесниците да ја применат својата креативност, а истовремено и да се натпреваруваат за вредни награди. Овој пат, Викимедија МКД организира уредувачка седмица на тема „Риби“.
Уредувачка седмица „Риби” се одржува од 21 ноември до 27 ноември 2025 година. Овој натпревар има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на оваа тема.
Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да бидат поткрепени со соодветни извори. При уредување на натпреварот, или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да си го запишат своето корисничко име на проектната страница, заедно со статиите кои ги напишале. Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаат можност и значајно да надополнат некоја постоечка статија.
Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.
Награди ќе им бидат доделени на тројцата најплодотворни учесници во облик на вредносни купони, и тоа:
- Прва награда: купон во вредност од 4.000 денари.
- Втора награда: купон во вредност од 3.000 денари.
- Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.
За да се освои било која награда, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 20 статии!
Овој натпревар е одлична можност не само за натпреварување и освојување награди, туку и за практична работа со пишување и уредување, како и за придонес кон збогатување на македонската слободна енциклопедиска содржина. Вашиот придонес ќе биде траен и достапен за сите кои сакаат да учат, а учеството во уредувачката седмица „Риби“ може да биде почеток на долготрајно создавање на квалитетна содржина на Википедија на македонски јазик.