Вики камп и Вики тим билдинг 2026 – најголемиот собир на википедијанци во Македонија

Од 11 до 13 септември 2026 година, во Охрид се одржаа „Вики камп“ и „Вики тим билдинг 2026“, кои годинава за првпат беа споени во еден заеднички настан. Во текот на три исполнети дена, учесниците имаа можност да уредуваат, да создаваат нови содржини, да стекнат нови знаења за проектите на Викимедија, но и да поминат време заедно и подобро да се запознаат меѓусебно. Хотелот „Метропол“ беше местото каде што се собраа над 40 уредници со различно искуство, но со иста желба – да придонесат кон развојот на Википедија на македонски јазик и слободното знаење.

Овогодишното заедничко издание на двата настана донесе разновидна програма во која уредувањето на Википедија се надополни со предавања, разговори, размена на искуства и дружење. Во текот на програмата, учесниците имаа можност да ги прошират своите знаења, да откријат нови области за придонесување и активно да се вклучат во различните предвидени активности.

Главната тема на овогодишниот „Вики камп“ беше „Ботаничари со авторски кратенки“, во чии рамки учесниците преведуваа, уредуваа и создаваа нови статии. Работната атмосфера и заедничката посветеност резултираа со повеќе од 400 нови статии на Википедија на македонски јазик. Зад оваа бројка стојат часови уредување, но и меѓусебна помош и споделување знаење меѓу учесниците.

Посебно место во програмата имаа предавањата, преку кои беа отворени повеќе теми поврзани со Викимедија и нејзините проекти. Тие беа можност учесниците да излезат од рамките на секојдневното уредување на Википедија и да погледнат пошироко кон различните проекти, активности и можности што ги нуди движењето Викимедија.

Претседателот на Викимедија МКД, Николче Стојановски зборуваше за Викиизвор, проект кој овозможува дигитализирање, обработка и слободно споделување изворни текстови. Преку предавањето беше претставено што претставува Викиизвор, какви содржини можат да се најдат и создаваат таму и на кој начин уредниците можат да се вклучат во неговото збогатување. На тој начин учесниците имаа можност подобро да се запознаат со еден од сестринските проекти на Википедија и неговото значење за зачувувањето и достапноста на пишаното наследство.

Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД го претстави здружението Викимедија МКД, неговата работа и активностите што се реализираат во текот на годината. Предавањето даде поширок поглед кон она што стои зад бројните уредувачки, образовни, ГЛАМ и други активности, како и кон улогата на здружението во поддршката и развојот на заедницата. За дел од учесниците ова беше можност подобро да се запознаат со организацијата, нејзината мисија и различните начини на кои можат да се вклучат во идните активности.

Кирил Симеоновски, активен википедијанец и член на извршниот одбор на Викимедија МКД го насочи вниманието кон Заедничката Ризница (Wikimedia Commons) и огромната збирка на слободни фотографии, видеозаписи, аудиозаписи и други мултимедијални содржини што секојдневно се користат на Википедија и останатите Викимедиини проекти. Учесниците се запознаа со начинот на поставување и организирање на содржините, значењето на слободните лиценци и правилното користење на мултимедијалните материјали. Предавањето воедно покажа колку една фотографија или друг визуелен материјал може да придонесе една статија да стане поцелосна и покорисна за читателите.

За уредувачките натпревари зборуваше Јован Тасевски, менаџер за заедница на Викимедија МКД кој го претстави овој начин на организирано вклучување на заедницата во создавањето нови содржини. Беше разговарано за различните теми околу кои може да се организира еден натпревар, за мотивирањето на уредниците и за резултатите што може да ги донесе заедничката работа во определен временски период. Ваквите активности не се само можност за создавање поголем број статии, туку и начин за откривање нови области за уредување и за поттикнување на учесниците да продолжат активно да придонесуваат.

Бојан Јанкуловски, активен викпедијанец се осврна на основните правила и начела при создавањето и уредувањето статии на Википедија, со посебен акцент на тоа како треба да изгледа една правилно структурирана статија. Тој ги претстави основните насоки за обликување  и организирање на содржината, како и добрите уредувачки практики што придонесуваат за квалитетни и прегледни статии.

Сепак, трите дена во Охрид не беа исполнети само со работа пред компјутерите. Важен дел од „Вики камп“ и „Вики тим билдинг“ беше токму времето поминато заедно. Разговорите меѓу уредувачките сесии, споделените искуства, идеите за идни активности и дружењето создадоа простор за подобро меѓусебно поврзување. Заедницата не ја сочинуваат само статиите и уредувањата, туку пред сè луѓето кои стојат зад нив, а ваквите средби се можност тие врски дополнително да се зацврстат.

Беа доделени и вкупно шест награди на учениците кои создадоа најголем број нови статии на Википедија на македонски јазик, како признание за нивниот труд и посветеност за време на Вики кампот. Наградите претставуваа дополнителен поттик за нивната активност и придонес во збогатувањето на слободното знаење.

По три дена исполнети со уредување, предавања, разговори и дружење, „Вики камп“ и „Вики тим билдинг 2026“ завршија со нови знаења, нови идеи и повеќе од 400 нови статии зад себе. Заедничкото одржување на двата настана покажа дека создавањето слободно знаење оди најдобро кога покрај работата постојат простор за споделување искуства, меѓусебна помош и градење заедница.

Охрид беше местото на кое во текот на овие три дена се пишуваа нови статии, се откриваа проектите на Викимедија, се разменуваа идеи и се создаваа нови спомени. Учесниците си заминаа со повеќе знаење и искуство, но и со нов поттик за следните активности. Создадените содржини остануваат како траен резултат од една средба чија најважна вредност е заедничката желба Википедија на македонски јазик да продолжи да расте и да се збогатува.

Фотографскиот материјал од вики кампот може да го погледнете тука, а од вики тим билдингот на следнава врска.