Викиекспедиција во Мавровскиот Регион – Документирани нови локации и знаменитости

Викиекспедициите претставуваат еден од значајните проекти на Викимедија МКД, чија главна цел е документирање на природното, културното и историското наследство на Македонија. Преку теренски посети на различни населени места, учесниците во проектот создаваат фотографии и собираат информации кои придонесуваат за збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик и на другите проекти на Викимедија. Особено внимание се посветува на помалку познатите и недоволно документираните населени места, како и на нивните културно-историски знаменитости.

Во рамките на овогодинешните активности, на 15 ноември 2026 година се одржа уште една викиекспедиција, овојпат во Мавровскиот Регион. Тимот на википедијанци посети повеќе населени места во околината на Мавровското Езеро и Галичник, со цел да документира нови локации и да го надополни постојниот фотографски материјал од претходните експедиции.

Активностите започнаа со посета на Врбенскиот манастир, кој се наоѓа во близина на регионалниот пат пред Маврови Анови. Беа направени фотографии од манастирскиот комплекс, по што продолжија кон Маврови Анови. Таму беа фотографирани селската црква, здравствената амбуланта, основното училиште, поштата и повеќе споменици, меѓу кои и споменикот посветен на загинатите работници при изградбата на браната на Мавровското Езеро.

Манастирската црква „Св. Петка“ во Врбен

По преминувањето на браната, тимот ја фотографираше новата црква, позната како „руска црква“, а потоа се упати кон Галичник. На патот беа направени дронски снимки од Мавровското Езеро и неговата околина, како и од карстното поле Тони Вода. Посебно внимание беше посветено и на црквата „Св. Петка“, која се наоѓа во близина на месноста Смедовица. Од оваа локација со помош на дрон беше документиран и просторот на некогашното село Сушица, од кое денес не се зачувани видливи остатоци.

Во Галичник, едно од најпознатите планински села во Македонија, беа посетени и фотографирани повеќе верски и културно-историски објекти. Меѓу нив беа новата селска црква, црквата „Св. Петар и Павле“ и црквата „Св. Петка“. Дополнително, беа направени фотографии од спомениците во централниот дел на селото, со што беше збогатена постојната фотографска документација за ова значајно населено место.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ или т.н. „руска црква“ во Маврово

Следната дестинација беше селото Маврово, каде што нашиот тим на википедијанци ја посети познатата потопена црква „Св. Никола“. Поради повлеченото ниво на водата во Мавровското Езеро, црквата во моментот на посетата се наоѓаше целосно на суво, што овозможи нејзино фотографирање од различни агли. Беа фотографирани и основното училиште, гробишната црква „Св. Јован Крстител“ и новоизградениот мал верски објект со истото име.

Во попладневните часови експедицијата продолжи кон Никифорово, каде што беа фотографирани манастирската црква „Св. Пантелејмон“, селската црква со истото име и повеќе поранешни општествени објекти. Последната населена точка на оваа експедиција беше Леуново, каде што тимот успеа да ги документира малиот параклис и селската црква пред целосното стемнување.

Дронски поглед на Мавровското Езеро со магла во Полог

Во текот на викиекспедицијата беа посетени 3 нови и 3 претходно посетени села, а тимот помина повеќе од 300 километри. Со оваа теренска активност беа опфатени дополнителни локации во Мавровскиот Регион и беше создаден нов фотографски материјал кој ќе биде достапен за јавноста.

Со експедицијата во Мавровско завршија овогодинешните теренски активности во рамките на проектот „Викиекспедиции“. Во текот на 2026 година, тимот на википедијанци посети бројни населени места низ Македонија, документирајќи природни знаменитости, верски објекти, споменици и други значајни локации. На овој начин, проектот продолжува да придонесува кон зачувување и промовирање на македонското културно и природно наследство преку слободното знаење.

Викимедија МКД и во иднина ќе продолжи со поддршка и реализација на вакви активности, со цел проширување на слободно достапните информации и фотографии за Македонија. Преку Викиекспедициите се создава вредна документација која останува достапна за сегашните и идните генерации, придонесувајќи кон поголема видливост на населените места и нивното наследство.

Фотографскиот материјал од викиекспедицијата може да го погледнете на следнава врска.