Викимедија МКД во текот на годината спроведува различни уредувачки натпревари со цел збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик, подобрување на квалитетот на постоечките статии и поттикнување на активно учество на уредувачката заедница. Преку овие активности, уредниците имаат можност да дадат свој придонес во создавањето и ширењето на слободното знаење на македонски јазик.
Во рамките на овие активности, од 25 ноември до 24 декември 2026 година се одржува уредувачкиот натпревар „1000 статии што секоја Википедија мора да ги има“. Целта на натпреварот е создавање на статии што недостасуваат, како и дополнување и подобрување на постоечките статии од официјалниот список на илјада најзначајни енциклопедиски теми.
Списокот опфаќа теми од различни области, меѓу кои историјата, географијата, науката, технологијата, уметноста, културата и филозофијата. Станува збор за статии што меѓународната википедијанска заедница ги определила како основни содржини што треба да бидат застапени во секое јазично издание на Википедија.
Пред почетокот на натпреварот, Википедија на македонски јазик се наоѓа на 40. место на светската ранг-листа според застапеноста и обемот на овие статии. Од вкупно 1000 статии, 21 статија недостасува, додека 351 статија има големина помала од 10.000 бајти. Натпреварот претставува одлична можност за подобрување на овие показатели.
Право на учество имаат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, со исклучок на членовите на Оценувачкиот одбор. Статиите треба да бидат уредени во согласност со начелата и правилата на Википедија, да бидат напишани во енциклопедиски стил и да бидат јазично и содржински соодветно обработени.
Член на Оценувачкиот одбор може да даде и оцена 0 доколку смета дека статијата воопшто не ги задоволува условите на натпреварот (на пример, да има различна тема од зададената). Оцена 0 автоматски ќе биде доделена во следните случаи:
- утврдено е дека статијата е создадена со помош на алатката за превод без учесникот да вложи напори за нејзино средување;
- статијата содржи зборови коишто се напишани на странски јазик и со странско писмо, а се јавуваат во текстот, инфокутијата или категориите (Внимание: Наводите се оставаат во првобитниот облик и не се преведуваат.); и
- статијата содржи неразбирливи реченици коишто немаат смисла во македонскиот јазик.
Важно: На натпреварот не се признаваат статии напишани автоматски, односно со помош на бот.
Како материјали се користат другите јазични изданија наведени на официјалниот список на Мета, како и сета друга литература издадена на македонски јазик со соодветно наведување.
Награди
Наградите за овој ќе бидат вредносни купони. Наградите ќе бидат купени по завршувањето на уредувачкиот натпревар во вид на ваучери од продавница со седиште во Македонија. За да се освои било која награда за плодотворност, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 25 статии оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 на Оценувачкиот одбор.
Наградите се следниве:
- Прва награда: купон во вредност од 12.000 денари
- Втора награда: купон во вредност од 6.000 денари
- Трета награда: купон во вредност од 3.000 денари
- Награда за најдобра статија – вредносен купон во вредност од 3.000 денари.
- Награда за најмногу подобрени статии – вредносен купон во вредност од 4.000 денари.
Со организирањето на овој натпревар, Викимедија МКД продолжува да придонесува кон подобрување на квалитетот на Википедија на македонски јазик, со посебен акцент на достапноста на основните енциклопедиски содржини. Збогатувањето на овие статии е од особено значење, бидејќи тие опфаќаат теми што претставуваат основа на општото човечко знаење.
Преку ваквите активности се поттикнува континуираното учество на википедијанската заедница, се развива соработката меѓу уредниците и се создаваат услови за понатамошен развој на Википедија на македонски јазик. Секоја новосоздадена или подобрена статија претставува значаен придонес кон достапноста на поквалитетни и посеопфатни информации за читателите на македонски јазик.
Викимедија МКД ги повикува сите заинтересирани уредници да се вклучат во натпреварот, да ги искористат своите знаења и вештини и да придонесат кон остварувањето на заедничката цел – создавање поквалитетна и посеопфатна енциклопедија, достапна за секого.