Успешно заврши фотографскиот натпревар „Вики ја сака храната“, Википедија збогатена со 1299 фотографии

Фотографскиот натпревар Вики ја сака храната, организиран од Викимедија МКД беше дел од меѓународната иницијатива „Wiki Loves Food“, чија главна цел е збогатување на Википедија и нејзините сродни проекти со квалитетни, слободни фотографии од храна и јадења од различни култури. Натпреварот привлече голем број учесници кои со своите фотографии ја прикажаа разновидноста на традиционалната и современата кујна, локалните специјалитети и воопшто храна од целиот свет. Со ова, уште еднаш се покажа дека фотографијата може да биде моќна алатка за документирање и споделување на културното наследство.

Учествуваа вкупно 13 корисници, а како резултат на нивниот придонес, на Заедничката ризница беа подигнати вкупно 1299 фотографии, кои се објавени под слободна лиценца и се достапни за користење во статии на Википедија на македонски и на други јазици, како и на останатите проекти на Викимедија. Овие фотографии претставуваат значајно визуелно збогатување на енциклопедиските содржини и придонесуваат кон подобро разбирање и презентација на темите поврзани со храната и гастрономијата.

Дел од поставените фотографии веќе се искористени за илустрирање на постојни статии, додека други ќе послужат како основа за создавање нови статии или проширување на веќе постоечки содржини на Википедија. На овој начин, натпреварот директно придонесува кон зголемување на квалитетот и визуелната привлечност на слободното знаење.

По завршувањето на натпреварот, стручно жири ги разгледа сите пристигнати фотографии и ги оцени според утврдените критериуми, како што се квалитетот на фотографијата и бројноста и разновидноста на прикажаната храна. Па така, добитниците на  вредносни ваучери од Pix+ се:

  • Прва награда– за најголем број различни видови храна, традиционални јадења и специјалитети: Sentimentalna –  ваучер во бруто-износ од 400 евра
  • Втора награда– за бројност и разновидност:Тиверополник – ваучер во бруто-износ од 300 евра
  • Трета награда– за бројност и разновидност: Viktorija N. Ivanov – ваучер во бруто-износ од 100 евра
  • Награда за највисоко оценета фотографија – MartinSamarov  со фотографијата „Традиционален македонски пинџур со везена пиперка“ – ваучер во бруто-износ од 200 евра

Фотографскиот натпревар „Вики ја сака храната“ уште еднаш ја истакна важноста на волонтерскиот придонес во развојот на слободното знаење. Преку вакви иницијативи, Викимедија МКД продолжува да ги мотивира граѓаните активно да учествуваат во создавањето и збогатувањето на Википедија, како и да ја препознаат вредноста на слободните лиценци и отвореното споделување на содржини.

Викимедија МКД упатува искрена благодарност до сите учесници кои одвоија време и труд да придонесат со свои фотографии, како и до членовите на жири-комисијата за нивната посветеност и професионална евалуација. Благодарение на заедничкиот ангажман, Википедија е збогатена со нови визуелни содржини кои ќе им служат на читателите ширум светот.