Работилниците што се реализираат во рамки на програмите на Викимедија МКД претставуваат значајна форма на неформално образование преку која се поттикнува развојот на дигиталната писменост и критичкото размислување кај младите. Исто така преку директно вклучување во процесот на создавање и уредување на енциклопедиски содржини, учесниците имаат можност да се запознаат со концептот на слободно знаење и неговото значење за современото општество. Ваквите активности истовремено придонесуваат за збогатување на Википедија на македонски јазик со нови и релевантни содржини од различни области.
Па така, на 1 мај 2026 година се одржа работилница за членовите на вики клуб Куманово на тема „Растенијата околу нас: Куманово“. Настанот беше посветен на запознавање на растителниот свет кој е присутен во локалната средина, со посебен акцент на видовите кои се среќаваат во урбаните и руралните делови на кумановскиот регион. Целта на работилницата беше да се поттикне поголема свест кај учениците за значењето на растенијата во секојдневниот живот, како и за нивната улога во одржување на еколошката рамнотежа.

Работилницата започна со воведен говор од страна на координаторката на вики клуб Куманово, Стојна Арсовска Доневска во кој учесниците беа запознаени со основни поими поврзани со ботаниката и со начинот на кој се класифицираат растенијата. Се дискутираше за најчестите видови растенија кои растат во и околу Куманово, при што се посочи нивната присутност во паркови, дворови, шуми и други природни живеалишта. Особено внимание беше посветено на значењето на локалната флора како дел од природното наследство кое треба да се истражува, документира и зачува.
Во текот на теоретскиот дел, учениците покрај тоа што активно учествуваа во дискусии, имаа можност и да ја разледуваат природата во нивната околина. Ова придонесе за создавање интерактивна атмосфера во која знаењето се гради преку размена на идеи и заедничко размислување.

Во вториот дел од работилницата се одвиваше практична активност посветена на уредување на содржини на Википедија. Учесниците, под менторство на координаторката на Вики клуб Куманово, пишуваа на Википедија за различни растителни видови. Преку оваа практична работа, учениците имаа можност да ја применат стекнатата теоретска основа во конкретна дигитална активност. Воедно, тие развиваа вештини за преведување, селекција на релевантни информации, нивна обработка и јасно и структурирано претставување во пишана форма. На работилницата учествуваа 10 ученици и беа напишани 30 статии.
Работилницата заврши со кратка заедничка дискусија во која се сумираа стекнатите искуства и знаења. Учесниците истакнаа дека ваквиот тип на активности им помага подобро да ја разберат природната средина во која живеат, но и да се чувствуваат како активни придонесувачи во создавањето на слободно знаење.
Овој настан претставува уште еден пример за успешно поврзување на образованието, локалната средина и дигиталните платформи, при што младите добиваат можност не само да учат, туку и активно да придонесуваат кон развојот на заеднички достапни образовни ресурси.