Трета викиекспидиција за 2024 година – Тетовски регион

Викиекспедициите се покажаа како еден од најуспешните проекти на Викимедија МКД, со значителен придонес во истражувањето на македонските предели и збогатувањето на содржините на Википедија. Овој проект има за цел да го документира и популаризира културното и природното наследство на Македонија преку подобрување на постоечките статии и создавање нови за градови, села, географски подрачја и карактеристични обележја од сите региони на државата.

На 21 јули 2024 година, нашиот тим на Википедијанци ја спроведе третата Викиекспедиција за оваа година. Овојпат, фокусот беше насочен кон истражувањето на Тетовскиот регион, кој е богат со историја, природни убавини и културни објекти.

Поради близината на Тетово и селата околу него, тимот на википедијанци тргна во раните утрински часови на 21 јули и најпрвин се упати кон високите планинските делови. Така, најпрвин беше посетено селото Бозовце.  Од Бозовце, истражувачите се упатиja кон Вешала, од каде претходно немаше никакви слободни фотографии. Покрај истражените работи за кои тимот знаеше претходно да ги фотографира, во селото имаше споменик од НОБ. По Вешала, следеше селото Бродец, каде беа фотографирани селската џамија и основното училиште. Потоа следеше поранешното општинско седиште Шипковица, кое имаше бројни општествени објекти, како и две селски џамии.

Од Шипковица, тимот се упати кон скијачкиот центар Попова Шапка, бидејќи истиот припаѓа на атарот на селото Лисец и со тоа претставува негов дел. Пред да се стигне до Попова Шапка, истражувачите влегоа и во самото село Лисец. Тука беа направени фотографии, а потоа и мала пауза во манастирот „Св. Ѓорѓи“ над селото Мала Речица.

По ова, тимот повторно се упати кон планинскиот дел, односно кон селото Вејце, а од од Вејце  се спуштија во Селце, во кое поради неговата поставеност претставуваше предизвик да се влезе и да се дојде до селската џамија и основното училиште. По него, беше посетено селото Лавце, каде се наоѓа Тетовското кале и кое има две цркви и една џамија.

Кога  тимот повторно дојде до градот, се упати на север во селото Ѓермо, планинско село до кое има асфалтен пат, како и основно училиште и селска џамија. Од Ѓермо, беа посетени македонските села Једоарце, Отуње и Сетоле, во кои селските цркви беа пронајдени релативно лесно, бидејќи се веднаш покрај асфалтниот пат.

Оваа Викиекспедиција не само што ги документираше убавините на Тетовскиот регион, туку и значително ја збогати Википедија со нови фотографии и податоци за селата, црквите, џамиите и другите обележја од овој дел на Македонија. Ова е уште еден успешен чекор во мисијата на Викимедија МКД за зачувување и споделување на македонското културно и природно богатство.