На 25 декември 2025 година се одржа обука за уредување и пишување статии на Википедија, наменета за студенти на Природно-математичкиот факултет (ПМФ), со цел нивно запознавање со принципите на слободното знаење и практичната работа на Википедија како најголема онлајн енциклопедија. Настанот беше дел од пошироките образовни активности насочени кон јакнење на дигиталната и академската писменост кај младите, како и нивно активно вклучување во создавање квалитетни енциклопедиски содржини на македонски јазик.
На обуката учествуваа 3 студенти, кои преку внимателно осмислена програма имаа можност да се стекнат со теоретски и практични знаења за уредување на Википедија. Студентите напишаа вкупно 3 статии. Обуката ја одржаа Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма, и Јован Тасевски, менаџер за заедница, кои на јасен и интерактивен начин ги запознаа учесниците со основните правила и насоки на Википедија, енциклопедискиот стил на пишување, значењето на користење релевантни и проверливи извори, како и со техничките алатки потребни за успешно уредување и објавување статии.

Посебен акцент беше ставен на практичниот дел од обуката, при што студентите имаа можност директно да работат на подготовка и пишување статии, применувајќи ги стекнатите знаења во реална средина. Преку ваквиот пристап, учесниците се охрабрија критички да пристапуваат кон изворите на информации и да создаваат содржини кои ги исполнуваат стандардите на Википедија.
Оваа обука е и директен резултат на меморандумот за соработка со Природно-математичкиот факултет (ПМФ), кој им овозможува на студентите својата студентска пракса да ја реализираат преку пишување и уредување статии на Википедија. На овој начин, студентите добиваат можност да ги применат своите академски знаења и вештини во практична форма, а истовремено да придонесат кон збогатување на Википедија со квалитетни содржини од научни и образовни области.
Преку ваквите образовни активности се поттикнува развојот на важни компетенции како што се критичко размислување, структурирано пишување и дигитална писменост, кои се од суштинско значење за современото образование. Воедно, ваквата соработка претставува значаен чекор кон зајакнување на врската помеѓу академската заедница и проектите на Викимедија, како и кон унапредување на слободниот пристап до знаење на македонски јазик.