Одржана работилница „Растенијата околу нас: Велес“ во организација на Вики клуб Велес

Уредувачките маратони претставуваат една од најзначајните активности на Викимедија МКД, преку кои се поттикнува создавање, подобрување и споделување на слободно знаење на македонски јазик. Овие настани обединуваат ученици, студенти, наставници и волонтери кои, преку заедничка работа, придонесуваат кон збогатување на содржините на Википедија, истовремено развивајќи дигитални вештини. Уредувачките маратони често се тематски насочени и овозможуваат поврзување на теоретското знаење со практична примена, како и поттикнување на интересот за различни научни и општествени области.

Во таа насока, на 17. 03.2026 година, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон на тема „Растенијата околу нас: Велес“, за Вики клуб Велес,со цел да се поттикне интересот кај младите за природните науки, но и да се збогатат содржините поврзани со локалната флора на Википедија. Настанот беше реализиран под менторство на координаторката на Вики клуб Велес, Лили Арсова и на професорката по биологија Елизабета Николовска со учество на ученици од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес, кои активно се вклучија во сите фази од активноста — од теренско истражување до креирање на енциклопедиски содржини.

Првиот дел од маратонот се одвиваше на терен, во природна средина, каде учениците имаа можност директно да ја истражуваат вегетацијата во својата околина. Преку практична работа и набљудување, тие се запознаа со разновидноста на растителниот свет, со посебен фокус на тревестите растенија, различните видови цветови и нивните карактеристики. Учениците ги анализираа формите на листовите, структурата на растенијата и начинот на нивно размножување, при што стекнаа подлабоко разбирање за биолошките процеси.

Дополнително, беше обработена и темата за иглолисните дрвја и нивните специфични карактеристики, како и за ползечките растенија и нивното ширење во природата. Ваквиот пристап им овозможи на учениците да го поврзат теоретското знаење стекнато во училница со реални примери од терен, што значително ја зголеми нивната заинтересираност и активност во процесот на учење.

Во рамки на настанот, учесниците се запознаа и со процесот на изработка на хербариум — од собирање и селекција на растителни примероци, до нивно сушење и соодветно чување. Инспирирани од ова, тие започнаа со изработка на сопствени хербариуми, користејќи материјали собрани за време на теренската работа. Оваа активност придонесе за развој на нивната внимателност, систематичност и одговорност кон природата, како и за поттикнување на научната љубопитност.

По завршувањето на практичниот дел, учениците се вклучија во уредувачкиот маратон, каде што стекнатите сознанија ги преточија во нови статии на Википедија. Преку овој процес, тие научија како да структурираат енциклопедиски текст и како да придонесуваат кон слободната база на знаење. Нивниот ангажман резултираше со креирање на содржини поврзани со биографии на ботаничари, со што овие информации станаа подостапни за пошироката јавност. Вкупно беа напишаани 6 статии.

Овој уредувачки маратон уште еднаш ја потврди важноста на ваквите иницијативи, кои успешно ги поврзуваат образовниот процес, практичната настава и дигиталните алатки. Преку вакви активности, младите не само што стекнуваат нови знаења, туку и се охрабруваат да бидат активни создавачи на содржини и учесници во современото дигитално општество.

Вики клуб Велес и понатаму продолжува со реализација на вакви настани, со што придонесува за развој на локалната заедница и за унапредување на културата на споделување знаење. Овие активности претставуваат пример за успешна соработка меѓу образовните институции и Викимедија МКД, како и за ефективно вклучување на младите во процесите на учење, истражување и креирање на слободна и достапна содржина за сите.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.