Белград- десетта Викилајв конференција

Во периодот од 16 до 17 мај 2026 година во Белград се одржа јубилејното десетто издание на регионалната конференција Викилајв 2026, која ги обедини членовите на вики-заедниците од регионот, претставниците на Викимедиините организации, уредниците и поддржувачите на слободното знаење. Настанот се одржа во Српско-корејскиот информатичко-пристапен центар, а програмата беше исполнета со бројни предавања, работилници и дискусии посветени на иднината на Википедија, вештачката интелигенција, образовните програми и ГЛАМ-активностите.

Конференцијата беше отворена од претседателот на Викимедија Србија, Филип Маљковиќ, и извршната директорка Горана Гомирац, кои се осврнаа на десетгодишниот развој на Викилајв и значењето на регионалната соработка меѓу вики-заедниците. Во рамките на отворањето, Филип Маљковиќ одржа и кратка презентација посветена на десетте години од постоењето на конференцијата.

Првиот ден од програмата беше исполнет со разновидни теми. Марко Адам говореше за употребата на вештачката интелигенција како алатка за уредниците на Википедија, додека Драгана Милојевиќ од Визиторскиот центар Лепенски Вир презентираше како Википедија може да придонесе за зајакнување и промоција на локалното наследство. Проф. д-р Милица Гашиќ од Универзитетот „Хајнрих Хајне“ во Дизелдорф одржа предавање за развојот на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз комуникацијата и дијалогот, а д-р Вања Суботиќ од Универзитетот во Белград зборуваше за улогата на генеративната вештачка интелигенција во продукцијата на знаење и дезинформации.

Во рамките на попладневната програма, Оја Кринуловиќ од Универзитетската библиотека „Светозар Марковиќ“ говореше за десетгодишниот развој на проектот „Вики библиотекар“, додека Небојша Ратковиќ одржа предавање посветено на конфликтите во заедницата и начинот на нивно решавање. Александра Димитријевиќ од Филозофскиот факултет во Нови Сад се осврна на улогата на Википедија како референтна точка во анализата на медиумскиот фрејминг, а Наташа Ристивојевиќ Рајковиќ и Лора Милутиновиќ говореа за видливоста на културите преку Википедија и значењето на образовните програми.

Од Македонија претставник беше координаторот за соработка со културни институции на Викимедија МКД, Орце Нинески кој ги претстави ГЛАМ активностите на Викимедија МКД, како и успешната реализација на ГЛАМ програмата за 2025 година. Во своето излагање тој говореше за соработката со музеи, библиотеки, архиви и други културни институции во Македонија, нагласувајќи ја важноста на дигитализацијата и слободниот пристап до културното наследство. Нинески презентираше повеќе реализирани активности преку кои фотографии, документи и други материјали биле поставени на Википедија и Заедничката ризница, со што македонското културно наследство станува подостапно за јавноста и за светската вики-заедница.

Неговото предавање предизвика интерес кај присутните учесници, особено поради практичните примери за успешна соработка со институции и можностите за развој на нови ГЛАМ-партнерства во регионот. Притоа беше истакнато дека ваквите активности претставуваат важен дел од мисијата на Викимедија МКД во зачувувањето и промоцијата на македонската култура и историја преку слободното знаење.

Вториот ден од конференцијата беше посветен на теми поврзани со развојот на заедницата и идните насоки на вики-движењето. Горана Гомирац и Небојша Ратковиќ зборуваа за хабовите и нивната улога во регионалната соработка, а Барбара Клен го претстави СИЕ хабот и неговите активности. Милена Миленковиќ говореше за натпреварите и уредувачките маратони како средство за подобрување на квалитетот на содржините, додека Милан Јовановиќ од Народната библиотека во Пирот презентираше проект за поврзување на дигиталните колекции со Википедија.

Конференцијата заврши со дискусија „На кафе со Викимедија Србија“ и свечено затворање, на кое беше доделена и наградата „Бранислав Јовановиќ“, која ја освои Ласло Варга. Викилајв 2026 уште еднаш ја потврди важноста на регионалната соработка и размената на искуства меѓу вики-заедниците, а учеството на Викимедија МКД и презентацијата на Орце Нинески претставуваа значајна промоција на македонските ГЛАМ-активности пред регионалната публика.