Уредувачките натпревари претставуваат значаен дел од активностите на Викимедија МКД насочени кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Преку овие активности, уредниците добиваат можност да придонесат во создавањето и подобрувањето на статии од различни области, истовремено проширувајќи ја достапноста на слободното знаење за читателите. Ваквите настани не само што ја зголемуваат содржината на енциклопедијата, туку и поттикнуваат интерес за теми од историско, културно, научно и општествено значење.
Во тој контекст беше организирана и уредувачката седмица „Историја на човековите права“, посветена на една од најважните теми во развојот на современото општество. Историјата на човековите права ги опфаќа процесите, идеите и настаните кои низ вековите придонеле за признавање и заштита на основните права и слободи на секој човек. Од раните правни документи и филозофски идеи, па сè до современите меѓународни конвенции и институции, развојот на човековите права претставува важен дел од светската историја и од напорите за создавање поправедно и порамноправно општество. Уредувачката седмица се одржуваше од 1 до 7 јуни 2026 година.
За време на уредувачката седмица, учесниците работеа на создавање и подобрување на статии поврзани со различни аспекти од историјата на човековите права. Особено внимание беше посветено на значајни историски настани, декларации, конвенции, организации и личности кои одиграле важна улога во унапредувањето и заштитата на човековите права во различни периоди и делови од светот.
Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии требаше да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале.
Наградите за овој натпревар беа предвидени да бидат вредносни купони за книги/материјали, техничка стока или спортска опрема по избор на добитникот. За да се освоеше било која награда, потребно беше да се создадат или подобрат најмалку 20 статии. Па така добитниците на награди се следниве:
- Прва награда: Тиверополник – купон во вредност од 4.000 денари.
- Втора награда: 19user99 – купон во вредност од 3.000 денари.
- Трета награда: Dandarmkd – купон во вредност од 2.000 денари.
Вкупно учествуваа 16 уредници и беа создадени 321 статии, со што се збогати содржината на Википедија на македонски јазик и се овозможи поширока достапност на информации поврзани со историјата на човековите права. Викимедија МКД и понатаму продолжува да поддржува активности кои придонесуваат за развој на слободното знаење и за подобро информирање на јавноста за теми од општествено значење.