Реализирана втората Викиекспедиција за 2026 година – низ долината на Црна Река

Викиекспедиции е проект чија цел е теренско истражување, фотографирање и документирање на населени места, природни предели, културно-историски знаменитости и други значајни објекти низ Македонија. Преку организирани експедиции се посетуваат различни региони и населени места, со посебен акцент на оние за кои недостигаат фотографии и други слободно достапни содржини.

За време на експедициите се фотографираат села, цркви, манастири, училишта, споменици, традиционални градби, природни знаменитости и други објекти од локално значење. Се користат и дронски фотографии за подобро документирање на населените места и нивната околина. Создадените материјали се објавуваат на проектите на Викимедија и придонесуваат кон збогатување и подобрување на содржините на Википедија.

Втората викиекспедиција за 2026 година беше насочена кон областа Железник и пошироката околина на Демир Хисар. Овој крај беше посетен и во рамките на претходните активности на Викиекспедиции, но дел од селата сè уште немаа соодветна фотодокументација, додека некои населени места воопшто не беа посетени. Оваа викиекспедиција беше реализирана од 10 до 12 јули 2026 година.

Главната цел на експедицијата беше да се надополнат постојните фотографии, да се документираат досега непосетени села и да се создадат нови фотографии од верски, историски и јавни објекти. Како база за дводневните теренски активности беше избрано Крушево, од каде екипата се упатуваше кон различни делови на Демирхисарско.

Прв ден

Првиот ден започна со посета на Журче, каде беа фотографирани селските цркви „Св. Илија“ и „Успение на Пресвета Богородица“, училиштето, задружниот дом, споменикот и други делови од селото. Беше направена и дронска фотографија со која селото беше документирано од воздух.

Патувањето продолжи кон Сладуево, Белче и Граиште. Во овие села беа направени нови фотографии од црквите, училиштата и самите населени места. Во Граиште беа посетени црквата „Св. Леонтиј“ и манастирската црква „Св. Тома“, а со дрон беше фотографирана и тврдината Градиште над селото.

Манастирската црква „Св. Тома“ во Граиште

Следуваа Бараково, Единаковци и Света, каде беа документирани повеќе верски и историски објекти, меѓу кои цркви, споменици, стар млин и некогашни воени гробишта. Од воздух беше фотографирана и местоположбата на историското село Метимирци.

Експедицијата потоа продолжи низ Вардино, Кутретино и Суводол. Покрај селските цркви и училиштата, беа фотографирани манастирски комплекси и џамијата во Суводол. Дронските снимки овозможија дополнително документирање на селата и нивната непосредна околина.

Во продолжение беа посетени Стругово и Загориче, а од воздух беа фотографирани и Утово, историското село Крагуево, како и повеќе објекти во околината. Во Обедник беа направени нови фотографии од црквата, џамијата и училиштето.

Една од последните станици во текот на денот беше Смилево, каде беа посетени манастирот „Св. Петар и Павле“, селските цркви и повеќе споменици. Бидејќи музејот и Спомен-паркот на Даме Груев веќе имаа квалитетна фотодокументација, вниманието беше насочено кон објектите за кои недостигаа фотографии.

Гнездо со штрк во Света

Првиот ден заврши со посета на манастирот кај Лесково. Оттаму, со помош на дрон беше документирана и местоположбата на напуштеното село, до кое денес пристапот е значително отежнат.

Втор ден

Вториот ден започна со патување од Крушево кон Демир Хисар. Најпрвин со дрон беше фотографирано историското село Мургашево, кое денес е целосно споено со градот Демир Хисар.

Потоа екипата се упати кон Слепче, со попатна посета на историското село Добромирово, каде денес е зачуван манастир. Во Слепче беа посетени и фотографирани манастирот, селската црква и училиштето.

Следуваа Суво Грло и Сопотница. Во Суво Грло беа документирани верските објекти, додека во Сопотница, како некогашно општинско средиште, имаше поголем број значајни објекти за фотографирање. Меѓу нив беше и зачуваната железничка станица, некогашна крајна станица на железничката линија Бакарно Гумно – Сопотница.

Летен пејзаж кај Жван

Од Сопотница патувањето продолжи кон Радово, село со голем број стари камени куќи, од кои многу денес се во лоша состојба. И покрај отежнатиот пристап и густата вегетација, беше документирана и селската црква.

Во Жван повторно беа фотографирани селските цркви, но и двата манастира во неговата околина. Поради времето и условите на теренот, првичниот план беше приспособен, а последниот дел од експедицијата беше посветен на Боиште и Церово, две села кои претходно не биле посетени во рамките на проектот.

Во Боиште беа фотографирани селските цркви, училиштето и други објекти, додека во Церово беше документирана селската црква и самото населено место. Со ова беше заокружена дводневната теренска работа во областа.

Резултати

Втората експедиција во Долината на Црна Река овозможи значително дополнување на фотодокументацијата за Демирхисарско. Во текот на двата дена беа посетени голем број населени места и беа создадени фотографии од села, цркви, манастири, училишта, споменици, историски локалитети и други значајни објекти.

Како непосреден резултат беа фотографирани 10 нови села и 3 историски села, а во текот на експедицијата беа поминати повеќе од 600 километри. Новосоздадените фотографии ќе придонесат кон подобро претставување на овој дел од Македонија и збогатување на содржините на Википедија и другите проекти на Викимедија.

Фотографскиот материјал од викиекспедицијата може да го погледнете на следнава врска.