Работилница на тема „Климатски промени“ во Велес

Програмата „ГЛАМ“ на Викимедија МКД оваа година, како и изминатите, има тематски карактер. Активностите од оваа програма се посветени на подобрување на постоечката и создавање нови содржина на Википедија на македонски јазик и нејзините сродни проекти на тема „Клима и климатски промени“. Викимедија МКД ги следи актулените заложби на пошироката околина и светски движења и дава свој придонес кон глобалната цел на зададената тематика.

Викимедија МКД во соработка со Здружението „Вила Зора“ од Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ и ученици од Еколошката секција од ООУ „Васил Главинов” под раководство на координаторот Лили Арсова, во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев” во Велес на 18.04.2024 година, со почеток во 10 и 30 часот се одржа предавање и работилница на тема „Клима и климатски промени”.

На самата работилницата, покрај членови и поддржувачи на Викимедија МКД, учествуваа и ученици од Вики клубот во Велес, како и членови на клубот Вики Сениор. На работилницата присутни беа вкупно 27 лица. Работилницата, која е дел од серијата настани и активности посветени на климатските промени, беше составена од теоретски дел на кој беа одржани предавања на темата, како и практичен дел посветен на активно придонесување на Википедија со преведување на статии за клима и климатски промени.

На работилницата воведно предавање одржа Олгица Наумоска, вработена во здружението „Вила Зора” која се осврна на климатските промени и нивната улога во екосистемот и начините за заштита на животната средина од климатските промени. По неа се обрати претседателката на здружението Сашка Коцевска која зборуваше за активностите на здружението во заштитата на животната средина. На крај се обрати Лили Арсова, член на извршниот одбор на Викимедија МКД која зборуваше за активностите на Викимедија МКД и спомна дека годишната ГЛАМ програма е темата „Клима и климатски промени” со цел подигање на свеста кај граѓаните.

По предавањата учесниците заеднички почнаа да уредуваат и придонесуваат на Википедија на македонски јазик на тема „Клима и климатски промени“. Вкупно се напишаа 36 статии од 14  уредници.

Ви пренесуваме дел од атмосферата на работилницата која беше доста продуктивна и едукативна.

 

 

Македонската википедијанска заедница го одбележа Меѓународниот ден на Ромите

Секоја година на 8-ми април, Викимедија МКД се приклучува на глобалната иницијатива за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите. Оваа иницијатива има за цел да ја подигне свеста и да ја зголеми покриеноста за ромската култура на Википедија. Меѓународната иницијатива е во времетраење во периодот 1-15 април 2024 година, а заедницата на Википедија на македонски јазик се вклучи во уредувачки потфати, со цел создавање и подобрување на содржини поврзани со Ромите и нивната култура.

Во рамките на оваа иницијатива, се организираа различни активности како што се уредувачки викенд и уредувачки ден посветени на теми поврзани со Ромите. Така, уредувачкиот викенд на тема „Ромска култура“ се одржа на 6 и 7 април 2024 година. Дополнително, Викимедија МКД одржa уредувачки ден на тема „Роми“ на 9 април 2024 година. Овие активности се дел од широката глобална иницијатива и се спроведуваат во повеќе земји низ светот.

Крајниот исход на глобалната иницијатива Меѓународен ден на ромите 2024 е 18 нови статии од страна на 15 различни корисници на Википедија. Преку овие уредувачки активности, Викимедија МКД ја поддржува мултикултурната разновидност и ги засилува напорите за вклучување на ромската заедница во дигиталниот простор.

Викимедија МКД го одржа своето прво собрание

Со завршувањето на организациската и административна поставеност на Викимедија МКД, организацијата ги продолжува своите проекти и планирани настани зацртани со годишната програма. Меѓу многубројните проекти и активности од кои е составена програмата на Викимедија МКД, собранијата се исто така активности или настани кои ја трасираат иднината на здружението и развојот на заедницата.

На 30 март 2024 година Викимедија МКД го одржа своето прво собрание за 2024 година. Настанот беше организиран со почеток во 14:00 часот во ресторанот „Форца“ во Скопје.

Собранието на организацијата имаше за цел дискусија на неколку важни точки за иднината на Викимедија МКД. Главната цел за собирот беше развивање дискусија за иднината на здружението, идниот развој во однос на волонтерски корпус, програмски содржини и активности кои може да се вклопат во целите на здружението.

 

 

Покрај тоа, присутните членови на Викимедија МКД разговараа и за техничко-административни и организациски промени кои може да се очекуваат во блиската иднина.

Покрај овие точки, за време на собранието беа претставени и новите избрани членови на извршниот одбор на Викимедија МКД. Така збогатен со уште 4 нови членови, извршниот одбор заедно со сите волонтери, подржувачи и активисти на Викимедија МКД ќе се стремат кон поголеми успеси и достигнувања за општите цели на „Движењето Викимедија “ во  Македонија.

 

Започнува „СИЕ Пролет”-нова можност да пишувате статии и освоите награди!

Од 1 април па сѐ до 30 април 2024 се одржува уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет”- проект на здружението на граѓани „Викимедија МКД“, Википедија на македонски јазик и сите заедници во Средна и Источна Европа, кое има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на различни теми од сите држави во рамките на регионот Средна и Источна Европа (СИЕ).

Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии кои се предложени во рамките на наведените списоци на проектната страница по земја од регионите на Средна и Источна Европа. Темите се обемни и може да придонесете со тема што вам ви се допаѓа од географија, култура и историја па сѐ до музички традиции и етнографски обележја. Изборот на темата ваш, а придонесот од големо значење за Википедија на македонски јазик.

Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале. Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик освен членовите на оценувачкиот одбор, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.

Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за техничка стока и ваучери за книги, а ќе бидат доделени три награди за најдобрите тројца уредници, кои ќе бидат прогласени по оценувањето на статиите од страна на оценувачкиот одбор.

Исто така награди ќе биде доделени и за најдобрата статија, најдобар постоечки или нов корисник и најмногу уредени статии од различни земји.

Повеќе за уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет” може да прочитате на следниов линк.

Нови статии, нови содржини, нови награди. Пријавете се и учествувајте!

Конференција за наставници во Кочани – прва во овој македонски град!

На 15 март 2024 година Викимедија МКД ја одржа првата конференција за наставници во Кочани. Оваа конференција се одржа во основното училиште „Никола Карев“, каде функционира и Вики Клуб Кочани предводен од координаторот Љупка Стојменова. Оваа конференција беше посетена од 21 учесник.

Конференцијата започна во 11 часот во просториите на училиштето. Самата конференција беше составена од два дела, предавања и практична работа или обука на Википедија.

Конференцијата ја започна Снежана Штрковска, која одржа говор пред учесниците на конференција. Штрковска ги запозна учесниците за самата организација, целите на Викимедија МКД, како и со основните цели и задачи на Движењето Викимедија. Покрај тоа, учесниците се запонаа и со идеите за креирање и споделување на слободни содржини достапни за сите, првенствено преку користењето на проектите на Викимедија. По обраќањето на Штрковска, следеше предавање на координаторот на Вики Клуб Велес – Лили Арсова. Арсова ги започна учесниците за работата и достигнувањето на Вики Клуб Велес. Дополнително, Арсова претстави каков вид на проекти сработил Вики Клубот и потенцијалот на Википедија за употреба во образованието. Кон крајот на првиот дел од конференцијата говор одржа и координаторот на Вики Клуб Кочани, Љупка Стојменова, која се осврна на нејзините искуства и видувања за Викимедија МКД и нејзината работа.

По паузата за освежување, следеше вториот дел од конференцијата. Овој дел всушност беше обука и начелно уредување на Википедија како еден од најголемите проекти на Викимедија. Учесниците, потпомогнати од организаторите, беа обучени и упатени како успешно да создадат корисничка сметка на Википедија. Дополнително, баа запознаени со основните принципи и начела на уредување на Википедија и беа запознани со начинот на започнување, уредување и објавување нови содржини. Учесниците успешно објавија 14 нови содржини до крајот на конференцијата, што е голем успех и збогатување за самата Википедија.

Ви прикажуваме дел од настанот преку нашите фотографски записи кои можат да се видат и на нашата Заедничка ризница.

Викимедија МКД го одбележува меѓународниот ден на жената

Промовирањето на еднаквоста помеѓу луѓето, родовата, половата, возрасната, етничката и јазичната, е меѓу највисоките приоритети на организацијата при нејзиното делување. Намалувањето на родовиот јаз во однос на содржините на Википедија и нејзините проекти било и е цел која секоја година се обидува Викимедија МКД да го достигне.

По повод меѓународниот ден на жената, 8 март, Викимедија МКД, организираше уредувачки маратoн со кој на соодветен начин се одбележува овој значаен ден за жените во нашата земја и во светот воопшто. Уредувачкиот маратон беше составен од неколку настани кои се одржаа на 7 март 2024 година со заеднички напори и труд на македонската вики-заедница. Темата на овогодинашниот уредувачки осмомартовски маратон беше „Жената низ историјата“.

Викимедија МКД објави повик до сите членови на организацијата и корисници на Википедија да дадат свој придонес во облик на објавување нови статии на Википедија на македонски јазик, како и подобрување на постоечките. Корисниците кои се пријавија на овој повик работаa на статии за значајни жени на локално и светско ниво – жени кои оставиле белег врз досегашниот човеков развој.

Покрај овој повик, Викимедија МКД организираше и два настани кои истовремено се одржаа во два различни града во Македонија. Членовите на Вики клубот од гимназијата „Јосип Броз“ од Скопје под менторство на професорката по историја, Ирена Трајковска Стејровска во Музејот на македонската борба се собраа заедно со раководни лица на клубот и организацијата. Членовите на Вики клубот водени од едукаторот Ана Вишинова имаа предавање за значајни жени во македонската историја, по што следеше заедничко уредување на зададената тема. Другиот настан беше во градската библиотека во Велес во организација на нашиот координатор Лили Арсова. Членовите на Вики клубот од Велес заеднички уредуваа и ја збогатуваа Википедија на македонски јазик со статии за познајачни жени од светот.

Крајниот исход на овогодинашниот уредувачки осмомартовски маратон е 52 нови и подобрени статии од страна на 24 различни корисници на Википедија. Дел од атмосферата ви ја доловуваме преку фотографски материјал кој може да се погледне на следната врска.

Нека е среќен 8 март – меѓународниот ден на жената!

Геоекспедициите продолжуваат со истражување на Македонија!

Геокспедиции“ и оваа година продолжува со истражување на Македонија и збогатување на содржините на Википедија во однос на македонски географски теми. Главната цел на проектот е да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за засебните и специфични географски области, предели и особености низ целата територија на Македонија.

Оваа година првата геоекспедиција се одржа на 18 февруари 2024 година, кога членови на Викимедија МКД се упатија на еднодневна геоекспидиција на „Станечки Водопади“ и „Плоче Литотелми“.

Првичната замисла на тимот беше посета на Длабочичкиот Водопад, но поради предизвиците на патот, експедицијата се упати кон друга насока.  Преку селото Страцин групата го посети природниот резерват Плоче Литотелми,  и таму тимот беше фасциниран од природното богатството, но и историското  наследството , вклучувајќи ја селската црква „Св. Димитриј“ и напуштениот бункер од ЈНА. Потоа членовите на експедицијата се упатија кон селото Ранковце, каде беше фотографирана селската црква.

Геоекспидијата заврши со посета на Станечкиот водопад до кој води патека од самото село Станци. Пристапот до водопадот е олеснет со изградбата на повеќе мовчиња на реката, а на крајот ве дочекува платформа на која има клупи на кои може да одморите. Во близина на големиот водопад, се наоѓаат и други помали водопади на помалите потоци, кои се влеваат во самата Козја Река.

Ова патување не само што ни го покажа огромното природно богатство, туку и ни помагнa  да ја истражиме историјата и културата на регионот. Од посетата на селските цркви до адреналинското искуство на Станечкиот Водопад, геоекспедицијата претставуваше вистинско уживање за сите учесници.

Со секое откритие и секој преминат километар, нашите геоeкспидиции нè поттикнуваат сите да се запознаеме за значењето на природата и наследството што ни го оставила, а на корисниците на Википедија на македонски јазик им помага во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за засебните и специфични географски области

 

Викимедија МКД го проширува својот тим!

Викимедија МКД, како невладина организација врши промоција и поддршка на Википедија и другите сродни проекти. Нашата  креативна заедница има за цел да ја рашири базата на знаења и да ја олесни достапноста до информации за сите.

Викимедија МКД е огранок на Фондацијата Викимедија, фондација која промовира слободно знаење и слободен пристап до информации, воглавно преку Википедија и нејзините сродни проекти.

Поради обемот на работа и зголемен број проекти за 2024, Викимедија МКД отвора две нови работни позиции, за кои ве охрабруваме да се пријавите. Имено, се објавуваат следните два огласа за работа:

1. Менаџер на заедница

*Потребни квалификации:

– ВСС VII/1 степен или еквивалентни 240 кредити според ЕКТС;

– Одлично познавање на англиски јазик;

– Познавање на работа со Википедија и нејзини сродни проекти се сметаат за предност;

– Работно искуство од најмалку 2 години во невладин сектор се смета за предност.

*Работно време:

– 6 часа дневно (4 платени и 2 волонтерски часа);

– Флексибилно работно време во зависност од проектите.

*Одговорности и задачи:

– Водење на активности и настани со заедницата;

– Спроведување на уредувачки повици и наградни активности;

– Проверка на уредувачките повици;

– Помош на другите членови при изведбата на настани и проекти;

– Организирање на материјали и услуги за проектите.

*Ние ви нудиме:

– Платена обука и вработување;

– Интересна и разновидна работа;

– Соработка со различни профили на луѓе;

– Патувања.

2. Менаџер на образовната програма

*Потребни квалификации:

-Најмалку ВСС VII/1 степен (или најмалку 240 кредити според ЕКТС);

-Одлично познавање на англиски јазик (пишување и зборување);

-Возачка дозвола Б – категорија – не е услов;

-Познавање на работа со Википедија и нејзините проекти се смета за предност;

-Работно искуство од најмалку 2 години во невладин сектор се смета за предност;

-Работно искуство од најмалку 2 години во образовние (на проекти и/или работа со ученици) се смета за предност.

*Работно време:

-Работното време е 6 часа дневно, од кои 4 платени и 2 волонтерски часа, но доколку проектите го бараат тоа, може да биде и попладневно или за време на викенди.

*Одговорности и задачи:

-Да ги води Вики клубовите кои ги имаме веќе воспоставено низ Македонија, како и да отвора нови;

-Да ги организира и да ги води обуките на учениците, наставниците и возрасните за уредување на Википедија;

-Да органзира и спроведе (со помош на останатите вработени и волонтерите): вики конференции за наставници, натпревари за уредување, работилници, вики камп и други активности поврзани со образовната програма; и

-Да врши организирање на материјали и услуги потребни за проектите.

*Ние нудиме:

-Платена обука, и потоа вработување;

-Интересна и исполнета седмица, соработка со различни профили на луѓе; и

-Патувања.

 

Сите заинтересирани можат да испратат кратка биографија, мотивационо писмо и фотографија на kontakt@wikimedia.mk.

Придружете ни се во нашата мисија да го подобриме пристапот до знаења за сите!

#1Lib1Ref 2024 – познати се резултатите и добитници за овогодишниот натпревар!

Кампањата  #1Lib1Ref 2024 која и оваа година Викимедија МКД ја организира за корисниците и уредниците на Википедија на македонски јазик се покажа како уште еден успешно завршен проект. Корисниците на Википедија кои се јавија на овој повик и кои активно учествуваа во овој уредувачки натпревар значително ја подобрија цитираноста на Википедија, а со тоа и веродостојноста на содржината на енциклопедијата.

Учесниците активно внесуваа наводи и извори во статии кои немаат наводи или има употреба на недоволен број наводи и цитирани извори. Натпреварот траеше од 15 јануари 2024 година и заврши на 5 февруари 2024 година.

Во овој повик на Викимедија МКД учествуваа вкупно 7 корисници, беа внесени 4248 наводи и беа збогатени 999 статии на Википедија на македонски јазик. Натпреварот предвидуваше награди на месно и на меѓународно ниво. По разгледувањето на резултатите по завршниот ден, се добија следните резултати, односно добитници на награди на месно ниво:

  • Месни награди:
    • Прва награда: купон во вредност од 6.000 македонски  денари – Dentedeleone со 2229 додадени наводи,
    • Втора награда: купон во вредност од 4.000 македонски  денари  – Тиверополник со 1444 додадени наводи,
    • Трета награда: купон во вредност од 2.000 македонски денари – Bojan9Spasovski со 297 додадени наводи.

Честитки за неуморните корисници кои беа дел од овој повик и освоија награда!

 

 

Викиексперименти 2024 – нови обиди, нови видео записи!

Проектот „Викиексперименти“ веќе деветта година успешно се реализира во соработка со научните институции во Македонија. Уште од почетокот на овој проект, односно од 2015 година, Викиескперименти создава видеозаписи од научни екперименти од различна област во тесна соработка со професори од научни институти и факултети од земјава. Видеозаписите се подигнуваат на Заедничката ризница на Викимедија, што пак служи како база на фотографски и видео материјали кои се користат на различните проекти на Викимедија, вклучително и Википедија.

Како и минатата година, така и оваа година Викимедија МКД продолжува со добрата соработка со Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Успешноста на проектот во изминатите години беше дополнителна мотивација за реализирање на оваа програма и оваа тековна година. Така, на 15 февруари 2024 година тројца професори од Институтот за хемија со почеток во 10:00 часот започнаа со хемиските експерименти од различна прирорда. Притоа, член на тимот на Викимедија МКД со камера со висока резолуција ги снимаше обидите, кои подоцна се доработуваат и прикачуваат на Заедничката ризница.

Професор Марина Стојановска, професор Владимир Петрушевски и професор Миха Буклевски на професионален и на мошне вешт начин успеаа да направат обиди за да може истите да бидат снимени и понатаму употребувани од пошироката публика. Самите видеозаписи може да се употребуваат за образовни цели од различни возрасти, студенти, но и од љубители на хемијата кои сакаат да ја проучат подлабоко оваа природна наука.

Обидите може да се прегледаат на следната врска и се надеваме ќе ви го збогатат вашето знаење од областа на хемијата.