„Клима и климатски промени“ – годишна тема на активностите на програмата ГЛАМ

Програмата „ГЛАМ“ е една од трите главни програми на организацијата, покрај програмата за образование и програмата за заедница. ГЛАМ е всушност англиски акроним за галерии (galleries), библиотеки (libraries), архиви (archives) и музеи (museums) и подразбира соработка, делување и спроведување активности во тесно партнерство во институции од овој вид.

Програмата ГЛАМ во својата суштина е визија за зголемување на содржината на Википедија преку тесна соработка со институции како  галерии, библиотеки, архиви, и музеи. Ваквата соработка подразбира активности од различен вид, како што се работилници на зададена тема, обука на кадар од институциите за користење на Википедија, уредувачки сесии за збогатување на содржините на Википедија и нејзините сродни проекти, испраќање матичен Википедијанец кој би бил врска помеѓу институцијата и здружението и кој активно ќе ја подобрува содржината на Википедија и нејзините сродни проекти. Дополнително, образовни и информативни предавања и прошетки или посети на институции се исто така активности кои даваат продуктивност и зголемена заинтересираност за дадените теми и инсутиции.

Тематската определба на активностите на ГЛАМ е пракса која Викимедија МКД ја спроведува во изминатите години. Одбирањето на една тема за сите проектни активности е обединувачки елемент и водилка за тоа кон што се цели заедницата која уредува или работи во делот на програмата ГЛАМ.

Во 2024 година програмата  ГЛАМ се фокусира на темата за „клима и климатските промени“. Преку уредување на нови статии на Википедија, подигнување на мултимедијална содржина на Заедничката ризница, организирање работилници, предавања, обуки и заеднички уредувања, заедницата ќе се стреми кон збогатување на содржините на Википедија од овој тип. Важноста на оваа тема за секојдневниот живот на луѓето е мотивација плус за придонес на нашата заедница кон оваа област.

Викимедија МКД сака и има желба да придонесе за подигнувањето на јавната свест за овој критичен аспект на нашата планета. Веруваме дека оваа наша мисија не само што ќе го зголеми бројот на статии, туку и ќе ја подигне јавната свест за еден од најголемите предизвици на современиот свет.

Уредувачки натпревар „Генетика“ – нова можност за збогатување на Википедија

Викимедија МКД секогаш се стреми кон збогатување на содржината на Википедија и нејзините сродни проекти. Создавањето нови статии на различни теми и подобрување на постоечките се меѓу најважните приоритети на организацијата. Токму поради тоа, Викимедија МКД организира голем број проекти и повици за збогатување на Википедија на македонски јазик.

Февруари 2024 година е месецот кога се органзира уредувачкиот натпревар на тема „Генетика“. Овој уредувачки натпревар трае од 1 февруари 2024 година до 29 февруари 2024 година. Сите корисници на Википедија можат да се пријават на овој уредувачки натпревар со тоа што ќе се запишат во списокот на натпреварувачи. Отворете ваша евидентна страница и додадете го вашето корисничко име на списокот. Оценувачкиот одбор составен од три члена ќе изврши преглед и оценување на вашите придонеси.

Уредувачкиот натпревар има предвидено и награди. За да освоите награда на овој уредувачки натпревар условот е да имате објавени најмалку 25 статии оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на Оценувачкиот одбор. Наградите кои се предвидени за овој уредувачки натпревар се:

  • Прва награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 12.000 денари.
  • Втора награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 6.000 денари.
  • Трета награда за најдобар уредник  – вредносен купон во висина од 3.000 денари.

Покрај овие три награди, овој уредувачки натпревар предвидува и:

  • Награда за најдобра статија – вредносен купон во висина од 5.000 денари
  • Награда најдобар нов учесник – вредносен купон во висина од 2.000 денари
  • Посебна награда ќе биде доделена за корисникот кој ќе напише „најмногу статии за различните човечки хаплогрупи“ – вредносен купон во висина од 2.000 денари

Уредувајте, придонесувајте и научете нешто плус за генетиката!

 

 

#1Lib1Ref 2024 – да ја подобриме цитираноста на Википедија!

Веродостојноста на изворите и создавање на статии и содржини на Википедија кои се соодветно поткрепени со релевантни извори е една од главните цели на корисниците кои ја прават Википедија тоа што е денес. Поради тоа, Вики-заедницата неуморно работи и посветува огромно внимание за создавање на неутрална и добро цитирана енциклопедија. Како резултат на тоа и оваа година Викимедија е дел од меѓународната иницијатива именувана како #1Lib1Ref.

 

Оваа меѓународна иницијатива во облик на натпревар има за цел да ја подобри цитираноста на Википедија и создавање на поквалитетна и поверодостојна енциклопедија. Овој натпревар се организира на локално ниво, односно на Википедија на македонски јазик, но и на регионално, односно во регионот на Средна и Источна Европа.

 

Заинтересираните уредници може да учествуваат на овој повик и да ја подобрат содржината на Википедија која нема или има мал број на наводи. Натпреварот трае од 15 јануари 2024 до 05 февруари 2024.

 

Натпреварот има предвидено и соодветни награди за уредниците кои ќе го исполнат критериумот и соодветно ќе зачуваат уредувањето, односно:

  1. За да се освои награда, потребно е да се наведат најмалку 100 веродостојни извори во најмалку 50 различни статии, и
  2. Во описот на измената задолжително да се внесе #1Lib1Ref и #1Lib1RefCEE.

Наградите кои се предвидени за овој натпревар се:

  • Месни награди:
    • Прва награда: купон во вредност од 6.000 македонски  денари.
    • Втора награда: купон во вредност од 4.000 македонски  денари.
    • Трета награда: купон во вредност од 2.000 македонски денари.
  • Регионални награди
    • Прва награда: купон во вредност од 80 американски долари.
    • Втора награда: купон во вредност од 50 американски долари.
    • Трета награда: купон во вредност од 50 американски долари.

Најдете извор, вметнете го во статијата и зачувајте! Можеби сте вие еден од потенцијалните добитници на награда.

Среќно!

 

Роденденски подароци за Википедија

Македонската Вики-заедница на 15 јануари 2024 година го прослави 23-тиот роденден на Википедија. Пред 23 години Википедија беше основана од Џими Вејлс и Лери Сангер. Првично оваа семрежна енциклопедија беше пуштена само на англиски јазик, но многу набрзо енциклопедијата прерасна во повеќејазична енциклопедија. Википедија, како една од најпосетуваните страници на Интернет, денес може да се прочита на над 326 јазици и има над 284.921 активен корисник.

Викимедија МКД и оваа година организираше заедничка прослава по повод роденденот на Википедија. На 15 јануари 2024 година во „Пјаца Либерта“ во Скопје Википедијанци и поддржувачи на Википедија се собраа и во пријатна атмосфера го прославија роденденот.

Покрај самиот настан и преувкусната торта, Википедија доби и свои подароци. На самиот ден на роденденот, на 15 јануари 2024 година, Викимедија МКД објави повик да сите корисници на Википедија да објават статии, нови или подобрени, како роденденски подарок за Википедија. Повикот траеше преку целиот ден, кога се објавиле 30 нови статии и 1 статија беше значајно подобрена. 27 Википедијанци дале свој подарок на Википедија и ја подобрија содржината на енциклопедијата.

Викимедија МКД го прослави 23-от роденден на Википедија

Глобалната Вики-заедница, и оваа година, го одбележа роденденот на Википедија со различен број на настани во различни земји. Македонската Вики-заедница и оваа година со свој настан ги прослави 23-те години постоење на најпознатата семрежна бесплатна енциклопедија.

Викимедија МКД оваа година, како и претходните години, со задоволство организираше настан за македонската Вики-заедница чија цел беше преку дружба и во пријатна атмосфера да се означат 23 години дружење и работење на Википедија. Настанот беше организиран на 15 јануари 2024 година во барот „Пјаца Либерта“ во Скопје со почеток во 19:00 часот. На настанот беа поканети сите љубители, придонесувачи и подржувачи на Википедија и нејзините сродни проекти.

24 Википедијанци успеаа да дојдат и со своето присуство да го разубават прославувањето на 23-от роденден на Википедија. Покрај прогодната закуска и пијалaци, неминовно за овој настан беше и роденденската торта. Специјално приготвнена за оваа пригода, тортата беше во централниот фокус на настанот со што и официјално се прославија 23 години дружење со Википедија.

Преку фотографии сакаме да ви го доловиме дружењето на Википедијанците за време на овој убав ден за Вики-заедницата.

 

 

 

 

 

 

 

 

Повеќе фотографии може да се прегледаат тука.

Викимедија МКД организира прослава за денот на Википедија

Википедија полни 23 години! Проектот „Википедија“ и идејниот концепт за истиот се родени пред точно 23 години, на 15 јануари 2021 година, кога Џими Вејлс и Лери Сангер дошле до идеја да ја основаат најпозната смрежна енциклопедија во светот.

Овој убав ден треба соодветно да се одбележи, и поради тоа, Викимедија МКД организира прослава за денот на Википедија. Поточно,  во понеделник на 15 јануари 2024 година во 19:00 часот во кафе-барот „ Пјаца Либерта“ во Скопје, Викимедија МКД организира роденденски собир. Настанот се одблежува на денот кога е основана Википедија, односно англиската верзија на Википедија, која воедно е и првата верзија на оваа повеќејазична енциклопедија.

Википедија денес е седма најпосетувана мрежна страница на Интернет и е достапна на 326 јазици. Таа се одржува и обновува со помош на огромна заедница на уредници-волонтери, кои се потпираат на повторувачки процес на објавување и коригирање. Се проценува дека 250.000 луѓе низ светот придонесуваат на „Википедија“, а месечно се проценува дека има 22 милијарди посети.

Енциклопедијата го слави својот роденден и во Скопје. Имено, Викимедија МКД ги повика сите заинтересирани уредувачи да напишат симболично по една статија на 15 јануари 2024 на слободна тема. Тоа ќе биде нашиот симболичен роденденски подарок за Википедија.

Исто така ве повикуваме и на забавата, истиот тој ден на 15 јануари 2024 во „Пјаца Либерта“ во Скопје.  Оваа наша прослава е дел од глобалната низа настани по повод роденденот и кои се одржуваат на шест континенти.

Среќен роденден Википедија!

Пишувај статии на Википедија и освои награди!

Во текот на 2024 година Викимедија МКД организира уредувачки денови и ќе се одржуваат секој вторник и четврток. Уредувачките денови се изведуваат во текот на денот од 24 часа, со почеток во 00:00 ч. и крај во 23:59 ч. истиот ден. Предвид се земаат сите создадени или подобрени статии на зададената тема од корисници на Википедија на македонски јазик кои ги пријавиле во уредувачкиот ден.

Исто така Во текот на 2024 година е планирано да се одржуваат и уредувачки викенди. Уредувачките викенди се изведуваат во текот на еден викенд, со почеток во 00:00 ч. во сабота и крај во 23:59 ч. во недела.

На крајот на годината ќе им бидат доделени награди на тројцата најплодотворни учесници кои ќе имаат највисок успех при заедничкото и споено бодување од уредувачките денови и уредувачките викенди. Наградите се во облик на вредносни купони за книги или техничка опрема, и тоа:

-Прва награда: купон во вредност од 15.000 денари.

-Втора награда: купон во вредност од 9.000 денари.

-Трета награда: купон во вредност од 6.000 денари.

За да се освои било која награда, потребно е да се исполнат следните критериуми:

-да се учествува во најмалку 100 изданија на уредувачките денови и/или викенди;

-да се учествува во барем 10 од 12-те календарски месеци; и

-да се создадат или подобрат најмалку 150 статии, предлошки или модули.

Бидете дел од најголемата мрежна енциклопедија во светот! Бидете дел од Википедија!

Среќна Нова година во ново руво!

Уште една година помина од заедничкото дружење, создавање, придонесување и делување на полето на споделување на слободни содржини. За многу од нас Википедија и активностите поврзани со Википедија и сродните проекти оставија добар впечаток, дадоа добри резултати и одлично поминати моменти работејќи заедно.
 

2023 година како успешна приказна ја привршуваме и активностите планирани за оваа календарска година се успешно завршени. Успешната приказна која траеше во текот на целата година сакаме да ја продолжиме заедно и тимски. Се стремиме сите заедно да работиме уште повеќе и да добиеме уште поголеми резултати – сите ние заедно тоа го можеме. Секој член е незаменлив за Движењето Викимедија, а секој придонес огромно богатство. Се гордееме на нашата работа и нашиот труд – на сите ние кои сме дел од ГЛАМ Македонија и Движењето Викимедија.
 

Новата 2024 година ја почнуваме со ново име, ребрендиран организациски облик и со здружени сили одиме кон поголеми успеси. ГЛАМ Македонија и Споделено Знаење стануваат ВИКИМЕДИЈА МКД. Ново име, поголеми цели, достижни стремежи!

 

Среќна нова 2024 на сите членови на ГЛАМ МАКЕДОНИЈА!

Обука на нови членови во Гимназијата „Никола Карев“ во Скопје

21.12.2023
На 21.12.2023 во просториите на Гимназијата „Никола Карев” во Скопје  беше одржана Обука на нови членови на веќе активниот Вики клуб.
Википедијанците, средношколци од Гимназијата „Никола Карев “ се досега активни во пишување статии, беа дел и од годинешниот Вика камп одржан во Михајлово и учествуваат на натпревари и други активности.
Со овие нови членови ВикиКлубот-Карев, брои над 20 ученици.
               
Вики клубот работи под водство на професорката Емилија Ристановска а нивната цел е се поголема ангажираност  во збогатување на Википедијата на македонски јазик со поголем број на статии.

Резултати од повикот за пишување статии во месец ноември 2023-Наградени статии

7. декември 2023
ГЛАМ Македонија ги повика  членовите на Вики клубовите од Македонија, што ги води Здружението, да се активираат со пишување на статии на Википедија на македонски јазик во периодот од 1 до 30 ноември 2023 година.
На повикот за сите членови од Вики Клубовите, за уредување и објавување на статии во месец ноември, учествуваа 25 Википдијанци од шест клубови во Македонија. Од 80-те пристигнати статии, жири комисијата ги одбера најдобрите кои добиваат вредносни ваучери.
Наградени статии за ноември 2023, создадени од членови на Вики Клубовите.

Наградени се шест статии  и тоа две со први награди и вредносен ваучер од по 2000 денари и четири статии по 1500 ден ваучер.

Име на статија – Корисничко име

  1. Севиљска катедрала   –  Марко К.
  2. Ментално здравје  – Kostovska
  3. Протоколи на сионските мудреци – Ivickagorgieva0404
  4.  Аменореја   –   SimonaWikiOhrid
  5. Деловен предлог – Emilija Dobreva
  6. Мирослав Завидовиќ–   Baek147

Бидете дел од светот полн со нови знаења!