ГОЛЕМО НЕДЕЛНО ИНТЕРВЈУ на kulturno.mk

За сите активности на Здружението зборува Снежана Штрковска, претседател на ГЛАМ Македонија: „Целта е да ја направиме Википедија на македонски јазик место каде може да се прочитаат точни информации.“

Целото интервју на следниот линк http://kulturno.mk/2018/09/01/intervju-na-nedelata-snezana-strkovska-direktor-na-glam/

Вики Камп 2018

ГЛАМ Македонија и оваа година е во подготовки за организирање на Вики Камп 2018. Љубителите на Википедија и младите корисници ќе имаат можност преку забава, дружба и едукативни активности подетално да ја запознаат Википедија, да придонесат со нови статии и содржини и да ја збогатат оваа семрежна слободна енциклопедија на македонски јазик. Оваа година Вики Камп се сели во Дојран, во хотел „Полин“. Успехот на минатогодишниот камп „Вики Камп Берово 2017“ дава уште поголема мотивација и очекуваме дека успехот и резултатите на „Вики Камп Дојран 2018“ ќе ги надминат нашите очекувања. Тродневниот камп ќе се одржи од 7 до 9 септември 2018 година. Учесниците на „Вики Камп Дојран 2018“ година ќе имаат можност да ги подобрат своите уредувачки вештини, да научат како се пишува академски текст, како да се објави на Википедија и активно да учествуваат во збогатувањето на оваа енциклопедија на македонски јазик. Забавата, спортско-рекреативните активности, дружбата и новите пријателства се неизбежни, и срдечно посакуваме и овој Вики Камп да биде исто така успешен настан кој ќе биде корисен како за учесниците така и за самата Википедија. Се гледаме во Дојран на 7 септември!

ВИКИМАНИЈА 2018

По четиринаесетти пат се одржа годишната конференција на Википедијанци од целиот свет,
годинава во Кејп Таун, Јужна Африка. Програмата беше разновидна, а имаше и постојани сесии на
кои почетниците можеа да научат како се уредува на Википедија и на Вики податоци.
Нашиот претставник имаше свое излагање на тема: „Соработка меѓу ГЛАМ и образование“,
односно, претставување на македонските активности на таа тема.
Меѓу другите сесии, би ја издвоиле дискусијата на тема родова нееднаквост, што можеме да
научиме од феминистичките групи, сесиите посветени на програмата ГЛАМ, како и средбите меѓу
организаторите на настани, и посебно средбата на претставниците од земјите од регионот на
централна и источна Европа.
Наредната година, Викиманија ќе се одржи во Шведска.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Нашиот претставник на конференцијата

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Дискусија за родова нееднаквост

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Настап на универзитетскиот хор од Кејптаун на завршната сесија

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Заедничка фотографија на претставниците од регионот на централна и источна Европа

Со уредување на статии до посета на Ереван

Ново наградно уредување во организација на здружението Викимедија Ерменија, а по повод 2800 годишнината на градот Ереван. На проектната страница се посочени 270 статии, сите поврзани со градот Ереван, за кои е потребен превод на други јазици, секако и на македонски јазик. Натпреварот ќе трае од 15 јуни до 15 јули 2018 година, односно статиите создадени или подобрени во тој период ќе бидат земени предвид.

За највредните е обезбедена награда: посета на Ереван за време на одржување на прославата во градот, односно во деновите 29 и 30 септември 2018 година.

 

Повеќе информации на следниот линк: Wiki loves Yerevan.

Уредувачки денови на тема Прва светска војна

Во организација на Матичниот Википедијанец во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, Гордана Јовиќ-Стојковска, организирана е уредувачка активност за збогатување и подобрување на Википедија на македонски јазик на тема „Прва светска војна“.

Во уредувањето кое се реализираше во периодот од 10 – 13 јуни 2018 година, учествуваа 12 Википедијанци кои внесоа 21 нови страници, а 25 статии беа надополнети и подобрени.

Во рамки на активностите организирани од страна на Матичниот Википедијанец ваква уредувачка активност беше реализирана и во месецот април во кој учествуваа 18 Википедијанци.

Уредувачките активности на зададената тема „Прва светска војна“ беше предизвик и за членовите на Вики клубот од Старо Нагоричане кои со својот раководител, наставничката Стојна Арсова- Донева подигнаа 11 статии.

Придружувајќи се на обележувањето на 100 години од крајот на Прва светска војна Википедијанците од ГЛАМ Македонија ќе продолжат да ја обработиваат оваа тема.

 

Посета во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

На 4 јуни 2018 година, во организација на матичниот Википедијанец, Гордана Јовиќ- Стојковска, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје беше организирана посета за членовите на Вики клубот, сите ученици од ОУ „Свети Климент Охридски“ од Драчево. Википедијанците беа запознаени со капацитетите на библиотеката,  со начините на користење на стручната литература, како и со читалните и атрактивни програми што ги организира библиотеката. На Википедијанците им беше овозможено да ја видат книговезницата во која се обновуваат многу од користените книги, а посебен интерес предизвика средбата со одделот за периодика.

Младите Википедијанци се запознаа со богатата збирка на дневен, неделен, месечен и периодичен печат од првите броеви на весниците објавувани на територија на Македонија. Мотивирани од исцрпни објаснувања од страна на нивната домаќинка на средбата, Валентина Малиќ-Андоновска, Википедијанците понудија нов вид на соработка: пребарување и подигање текстови од старите броеви на списанијата и весниците во склад со потребите на Википедија на македонски јазик. За ваква идна соработка интерес покажа и Библиотеката.

 

 

 

ГЛАМ АКТИВНОСТИ од јануари до април 2018 година

Во текот на првите четири месеци од 2018 година, активностите на членовите на ГЛАМ Македонија поврзани со ГЛАМ институциите (галерии, библиотеки, архиви и музеи) во Република Македонија беа плодни.

Годинава беа потпишани четири договори за соработка, и тоа: нов договор со Институт за национална историја, и обновени договори со Државниот архив на РМ, со Музеј на македонската борба Скопје и со градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Како резултат на овие договори за соработка, членовите на ГЛАМ Македонија ја збогатија Википедија на македонски јазик, со тоа што: создадоа 250 нови статии, 104 постоечки статии беа подобрени, 200 референци беа внесени и 25 слики беа подигнати.

Главните теми на кои се работеше најмногу беа: Првата и Втората светска војна, како и активностите на партизаните во Македонија.

НАГРАДИ ЗА АКТИВНОСТ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ВИКИ КЛУБОВИТЕ

Во периодот од 1 март до 30 април 2018 година, беа создадени 337 нови статии на Википедија на македонски јазик, а 27 постоечки статии беа надополнети и проширени со текст од страна на членовите на Вики Клубовите во Македонија. На овој натпревар на државно ниво зедоа учество вкупно 48 членови. Наградите на младите Википедијанци, членови на Вики Клубовите во Македонија, ќе бидат доделени според следниве најдобри резултати:

За најдобра статија е прогласена статијата: Јенс Столтенберг (Корисник:Gorazd Danevski)

Најголем број нови статии и најголем број придонеси:

Прва награда (тројца добитници):
Kalan Wiki (41 нови статии и 4 надополнети)
Krstevska123 (38 нови статии)
Bogdanovicm (33 нови статии)

Втора награда (тројца добитници):
Damjan Dojcinovski (29 нови статии)
Nani2568 (21 нова статија и 3 дополнети)
Wildwolf10 (20 нови статии)

Трета награда (тројца добитници):
Fcbking (14 нови статии)
TheAce1234 (13 нови статии и 2 дополнети)
Simona Trajkoska (11 нови статии и 1 дополнета)

Четврта награда (тројца добитници):
Veliskovskas (9 нови статии и 1 дополнета)
Kole23 (8 нови статии и 1 дополнета)
Jtasevski123 (8 нови статии)

Сите добитници покрај наградата (бежични мауси, маици со лого, чаши и друго), добиваат и „Диплома за најдобри резултати“. Им честитаме на добитниците.

Заедничко уредување на теми од Првата светска војна

Во текот на викендот на 21 и 22 април 2018 година, во организација на матичниот Википедијанец во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, Гордана Јовиќ-Стојковска, беше реализирано заедничко уредување на теми од Првата светска војна.  Зедоа учество 12 Википедијанци и 8 членови на Вики клуб Старо Нагоричане подготвија заедничка статија, а беа обучени двајца нови Википедијанци.

Во текот на уредувачкиот викенд беа создадени 15 нови статии, а шест постоечки статии беа надополнети со текст.

ВО СОРАБОТКА СО ВОЕНИОТ МУЗЕЈ: УРЕДУВАЊЕ НА ТЕМА НАТО

На 17 април 2018 година од 12:30 часот беше одржана уредувачка работилница со членовите на Вики Клуб во Музеј на македонската борба Скопје. На работилницата зедоа учество учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“, предводени од професорката Ирена Трајковска, како и други членови на Вики Клубот.

Оваа работилница се одржа во соработка со Воениот музеј на Република Македонија. На учесниците им беше прикажан кус документарен филм на тема „Република Македонија на патот кон НАТО“, како и изложбата на тема НАТО што се одвива во моментот во Воениот музеј.

Во текот на трите часа од уредувачката работилница, беа создадени осум нови статии на Википедија на македонски јазик, сите биографии на луѓе кои во својот живот биле Генерални секретари на НАТО. Изборот и содржината на текстовите го направија Вики Тасева од Воениот музеј во соработка со двете едукаторки од Музеј на македонската борба, Ана Вишинова и Даниела Митевска.

Дел од атмосферата на фотоградфиите: