Започнува „Макпортрет“ – нова можност за ваш придонес!

Викимедија МКД секогаш се труди да ги зголеми слободните содржини на Википедија и нејзините сродни проекти. Заложбата на организацијата е да се создадат што повеќе слободни содржини на македонски јазик, содржини кои ќе бидат достапни за целата општа јавност.

Макпортрет 2024 е фотографски натпревар кој се одржува од 15 октомври до 15 ноември 2024 година и чија главна цел е да се соберат фотографии од личности од Македонија што се занимаваат со култура, наука, просвета, уметност, музика, спорт, телевизија, политика, медицина и други полиња. Овој настан го организира „Викимедија МКД“, со цел обезбедување на слободни фотографии на значајни македонски современи дејци, кои ќе бидат користени на Википедија и други слободни проекти.

Цел на натпреварот?

Со овој натпревар собираме фотографии од познати македонски личности, кои ќе бидат слободно достапни за документирање и информирање на пошироката јавност преку Википедија.

Како да учествувате?

1. Прочитајте ги правилата за учество и погледнете го видео-упатството.

2. Направете фотографии од личности кои делуваат во областа на културата, науката, спортот, уметноста, и др., или прикачете постоечки фотографии на Ризницата со слободна лиценца.

3. Пријавете се преку образецот за учество.

Најуспешните учесници според оценката на стручно жири ќе бидат наградени со ваучери од Pix+, и тоа:

  • Прва награда: 400 евра (во ваучер)
  • Втора награда: 300 евра (во ваучер)
  • Трета награда: 100 евра (во ваучер)
  • Специјална награда за најдобра фотографија: 200 евра (во ваучер)

Не пропуштајте ја можноста да учествувате во „Макпортрет 2024“ и да дадете свој придонес во документирањето на македонските истакнати личности. Секој ваш кадар може да стане дел од трајното наследство достапно за сите!

Вики Камп Струга – шестиот по ред Вики Камп на Викимедија МКД!

Збогатувањето на содржината на Википедија и нејзините сродни проекти со слободни содржини достапни за секого е примарната цел на целата заедница на Викимедија МКД. Преку здружување на волонтерските сили сите активни членови на Викимедија МКД се стремат да постигнат што поголеми резултати и успеси. Викимедија МКД токму тоа ја води напред, заедничка визија и стремеж кон целта.

Вики камповите, како еден од големиот број проекти на организацијата, има за цел токму тоа: достигнување големи резултати преку заеднички вложен труд пропратено со забава и заедничко дружење. По шести пат активните членови на Вики клубовите имаа можност заедно да се дружат, да се забавуваат, да придонесуваат на Википедија и да учат нови знаења и вештини.

Во периодот од 11 октомври до 13 октомври 2024 година, Викимедија МКД во хотел „Бисер“ во Струга го одржа шестиот по ред Вики камп. Тродневниот настан се покажа успешен, ги надмина очекуваните резултати и знаењето кое беше презентирано на кампот ги едуцираше сите 40 учесници на овогоднишниот камп. Бидејќи секој камп на Викимедија МКД е тематски, така и оваа година, кампот имаше тематски карактер. Климатските промени беа главната тема на уредување на Википедија, се создаваа голем број статии на Википедија на македонски јазик на оваа тема, и се учеа голем број нови работи и вештини. Неуморните учесници вложија големи напори и сето тоа се исплатеше! Википедија на македонски јазик се стекна со нови 215 статии!

Покрај придонесувањето, кампот имаше и едукативен карактер. Учесниците имаа можност да научат голем број работи за климатските промени од предавањето на проф. д-р Игор Кузмановски, како и за идеите на зелената транзиција од предавањето на м-р Ненад Шундовски. Дополнително, учесниците имаа одлична можност да научат како да ја зајакнат својата семрежна безбедност преку предавањето на м-р Валентина Трајкоска.

 

Вики камп Струга 2024 година го покажа својот шарм и успех. Кампот произведе голем број нови содржини на Википедија, се стекнаа голем број пријателства, а волонтерството и заедничкото помагање беа издигнати на највисоко ниво. Петте најплодни и најквалитетни учесници се стекнаа со награди, на кои од срце им честитаме, а на сите учесници им се заблагодаруваме за секој придонес и подобрување на нашата омилена енциклопедија!

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следната врска.

Стојна Арсовска Доневска- Како станав дел од википедијанскиот свет

Начинот на кој размислуваме и мотивите кои ги носиме со себе директно влијаат врз нашиот придонес кон заедницата. Без разлика дали тоа се образовни иницијативи, хуманитарни активности или општествени ангажмани, секој има своја причина зошто и како да го користи своето време за да остави позитивен белег. Во википедијанската заедница, освен стремежот кон обезбедување на слободна информација, постојат и различни лични и колективни поттици кои го водат нашиот ангажман.

Професорката Стојна Арсовска Доневска, која предава српски јазик во ООУ „Светозар Марковиќ“ во Старо Нагоричане, ни ги сподели своите размислувања за тоа што ја инспирирало да стане дел од википедијанската заедница во Македонија.

Преку нејзината вклученост, таа ги открива и можностите што ги нудат вики клубовите организирани од Викимедија МКД. Со ова кратко интервју, тимот на Викимедија МКД сака да ви ги претстави придобивките од вики клубовите и да ве запознае со нивниот потенцијал за развој на заедницата.

        ВМ МКД:  Колку години го водите Вики клубот во вашето училиште и што ве мотивираше да почнете да се занимавате со овој проект?

  • Стојна Арсовска Доневска: Вики клубот го водам од 2017-та година. Она што ме мотивираше да почнам да се занимавам со овој проект беше не само тоа што учениците можеа да научат нешто ново преку преведување и правење на нови статии туку и можноста да се дружат со други ученици на Вики камповите.
       ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водење на Вики клубот?
  • Стојна Арсовска Доневска: Најголемите придобивки за мене како наставник по српски јазик ги гледам во тоа што учениците ги подобрија своите знаења и од српскиот и од македонскиот јазик преку преведување на статии.
        ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот има врз учениците?
  • Стојна Арсовска Доневска: Вики клубот има позитивно влијание во подобрување на нивните социјални вештини и продлабочување на нивните знаења од различни области.
     ВМ МКД: Што би им препорачале на наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб или  нешто за крај ваше размислување?
  • Стојна Арсовска Доневска: Секако би им препорачала да се вклучат во водење на свои или помагање во веќе постоечките клубови во поголемите училишта каде има повеќе заинтересирани ученици за создавање нови статии или преведување/ подобрување на веќе постоечките статии на Википедија. Освен работа Википедија нуди можности и за дрижења на Вики камповите  како и патувања низ светот на Викиманите кои се одржуваат секоја година во различни држави.

Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk

 

Вики клуб Велес зголемен со 4 нови ученици

Викимедија МКД продолжува со својата мисија за едукација и ангажирање на младите преку иновативната образовна програма. Главен фокус на програмата се младите генерации, со цел да се поттикне нивната љубов кон знаењето и слободната енциклопедија, Википедија.

Преку Вики клубовите, кои веќе подолго време успешно функционираат, младите уредувачи се обучуваат да создаваат и подобруваат статии на македонски јазик, придонесувајќи кон збогатувањето на дигиталната библиотека на слободни информации. Еден од истакнатите Вики клубови е Вики Клуб Велес, кој е активен од 2020 година под водство на координаторката Лили Арсова.

На 2 октомври 2024 година, клубот доби нови членови, со што се организираше обука за четири млади уредувачи. Обуката започна со запознавање на учениците со основите на Википедија, како функционира, и колку е важно волонтерството за глобалната енциклопедија. Координаторката Лили Арсова ги водеше низ процесот, обезбедувајќи им детални упатства за тоа како да креираат кориснички профили и да ги совладаат основните принципи на уредувањето. По воведниот дел, следуваше практичната обука за уредување, каде што новите членови имаа можност самите да создаваат и уредуваат нови статии, со поддршка од организаторот.

Учениците покажаа голема посветеност и желба да придонесат кон збогатувањето на содржините на Википедија, со што клубот доби нова енергија и ентузијазам. Со оваа обука, Вики клубот во Велес се зголеми со нови амбициозни уредувачи кои ќе продолжат да придонесуваат и во иднина. Им посакуваме топло добредојде и успех во нивната волонтерска работа, додека тие ја шират слободната едукација и го збогатуваат знаењето на глобалната сцена.

Викимедија МКД успешно се претстави на Саемот на организации во МУ „Нова”

Викимедија МКД постојано вложува напори да го прошири кругот на волонтери кои придонесуваат кон развојот на Википедија на македонски јазик. Наша цел е да ги вклучиме новите генерации и да ги инспирираме да станат активни учесници во збогатувањето на слободното знаење. Веруваме дека токму младите се иднината на оваа иницијатива, која овозможува достапност на знаењето за сите.

На 30 септември 2024 година, извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска, и менаџерот за образование, Боса Филиповиќ, ја претставија Викимедија МКД на Саемот на организации, организиран во Mеѓународното училиште „Нова“. Овој саем, кој се одржува по вторпат, е дел од програмата CAS (Креативност, Активност, Сервис), чија цел е да ги поттикне учениците да излезат од своите комфорт зони и да се вклучат во општествено-одговорни активности. Овие проекти имаат за цел да создадат позитивно влијание во различни сфери на општеството и да ја развијат свеста кај младите за нивната улога во заедницата.

Настанот започна во 10:30 часот и привлече големо внимание од страна на учениците. Тие со голем ентузијазам го посетија штандот на Викимедија МКД, каде што имаа можност да се запознаат со различни проекти на организацијата. Многу од нив покажаа интерес да се вклучат како волонтери и да придонесат во збогатувањето на содржините на Википедија. Дополнително, учениците споделија свои идеи за идни проекти, што е од особено значење за нашата организација. Слушањето на новите идеи од најмладите ни помага да ја оформиме нашата визија за иднината и да создадеме проекти кои се релевантни и инспиративни за новите генерации.

Фокусот на Викимедија МКД останува на младите, бидејќи тие се идните носители на слободната енциклопедија. Со нивната енергија, креативност и иновативни идеи, веруваме дека заедно ќе продолжиме да го шириме слободното знаење и да градиме една глобална заедница каде секој има пристап до информации.

Одржана обука за ученици во МУ „Нова“ во Скопје

Викимедија МКД вложува значителни напори во развојот на својата образовна програма, посветувајќи особено внимание на вклучувањето на младите во процесот на уредување на Википедија на македонски јазик. Нашата мисија е да ги обучиме и инспирираме новите генерации да станат активни волонтери и придонесувачи во збогатувањето на слободното знаење. Учениците се сржта на оваа наша визија, бидејќи тие се идните носители на слободната енциклопедија.

На 26 септември 2024 година, во приватното меѓународно училиште „Нова“, Викимедија МКД организираше обука наменета за учениците. Овој едукативен настан беше отворен од менаџерот за образовна програма на Викимедија МКД, Боса Филиповиќ, која ги запозна учениците со основите на Википедија, нејзиниот начин на функционирање и значењето на волонтерството за глобалната енциклопедија.

По воведот, започна практичната обука за уредување на Википедија, каде што учениците, со поддршка од организаторите, научија како да креираат кориснички сметки и добија детални инструкции за основните принципи на уредувањето. Покрај тоа, беа водени низ процесот на создавање, уредување и објавување нови статии, при што практично ги применија научените вештини.

Обуката започна во 14:30 часот и траеше еден час, во текот на кој беа напишани вкупно пет нови статии. Учениците покажаа исклучителен интерес и мотивираност, со силна желба да продолжат со уредување на Википедија и понатаму, придонесувајќи кон зголемувањето на квалитетните и слободни содржини на македонски јазик.

Фотографиите од настанот може да ги погледнете на следната врска.

Истанбул домаќин на најголемиот собир на Википедијанци од Средна и Источна Европа

Викимедија СИЕ 2024“ е годишна конференција која ја обединува Википедијанската заедница и други ентузијасти на проектите на Викимедија од Средна и Источна Европа, а во поново време и од Централна Азија. Оваа конференција претставува одлична можност за вмрежување, размена на искуства и презентирање на идеи, сè со цел да се промовира и развива концептот на слободни содржини. Секоја година, настанот носи нови можности за споделување на успешни приказни и иновативни пристапи во рамките на Викимедија проектите како што се Википедија, Википодатоци, Викиизвор и многу други.

Оваа година, Викимедија СИЕ 2024 се одржа во еден од најфасцинантните градови на светот, Истанбул, познат по својата уникатна позиција на два континента – Европа и Азија. Од 20 до 22 септември, оваа метропола беше домаќин на конференцијата, која ја организираше турската википедијанска заедница. Во текот на тридневниот настан, учесниците имаа можност да учествуваат на разновидни предавања, работилници и дискусии насочени кон продлабочување на нивните знаења и разбирање за активностите на википедијанската заедница.

Македонија беше претставена од петмина членови, кои со гордост ги презентираа своите достигнувања и идеи, Снежана Штрковска, Бојан Велковски, Нино Богдановски, Кирил Симеоновски и Тони Ристовски. Кирил Симеоновски и Нино Богдановски го споделија своето искуство од проектот „Викиекспедиции“ – иницијатива која има за цел да документира културни и историски знаменитости низ Македонија. Нивните презентaции предизвикаа голем интерес кај присутните, кои имаа можност да се запознаат со методите и техниките што ги користат македонските активисти при собирање на нови податоци и фотографии за Википедија. Покрај тоа, извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска,  зборуваше за образовната програма која ја спроведува здружението, нагласувајќи го нејзиното значење за младите генерации и промовирањето на слободните образовни ресурси.

Тематиката на конференцијата беше многу разновидна, опфаќајќи широк спектар на прашања како што се развој на заедницата, образовни програми, ГЛАМ иницијативи (музеи, библиотеки, архиви и галерии), како и напори за намалување на јазовите во содржините на проектите на Викимедија. Присутните имаа можност да разменат мислења, идеи и да научат од успесите и предизвиците на своите колеги од различни земји.

Последниот ден од конференцијата беше резервиран за незаборавен настан – крстарење по Босфорот. Ова исклучително доживување им овозможи на учесниците да се опуштат и да го разгледаат Истанбул од водите што ги поврзуваат двата континента. Додека пловеа по Босфорот, учесниците уживаа во глетките на импресивните архитектонски зданија на градот, како и во богатата историја што овој град ја има во себе. Овој момент на релаксација и восхитливи сцени ја заокружи конференцијата на најдобар можен начин, создавајќи посебни спомени за сите присутни. Дополнително, гостопримливоста на турските домаќини направи секој момент да биде исполнет со топлина и пријатна атмосфера, оставајќи траен впечаток кај сите учесници.

Викимедија СИЕ 2024 не само што беше платформа за вмрежување и размена на знаења, туку и одличен пример за тоа како заедниците можат да работат заедно кон една заедничка цел – создавање и промоција на слободни знаења достапни за сите.

 

Наташа Старделова – Како станав дел од википедијанскиот свет

Личните мотиви и перцепцијата кон нештата се двигателите за тоа на кој начин ние допринесуваме за општото добро на заедницата. Дали тоа се некои образовни придобивки, хуманирани дела или социјално-политички делувања, луѓето имаат различни двигатели што ги тераат на кој начин и со каква цел да го искористат слободното време и преку делување да дадат нешто корисно за заедницата. Нашата заедница, Википедијанска, покрај посветеноста за овозможување на слободна содржина достапна за сите, има и дополнителни мотиви и цели за нејзиното делување.

Професорката Наташа Старделова, вработена во ООУ„Св Климент Охридски“  во Драчево, Скопје, ни ја доловува личната мотивација и причините за тоа зошто станала дел од википедијанската заедница на Македонија. Дополнително, нејзината посветеност и задлабочување во активностите и ги откриле и вики клубовите во организација на Викимедија МКД.

Тимот на Викимедија МКД преку кратко интервју сака да ви ја претстави поголемата слика за Вики клубовите, нејзините бенефити и потенцијали.

ВМ МКД:  Колку години го водите Вики клубот во вашето училиште и што ве мотивираше да почнете да се занимавате со овој проект?
  • Н.С.: Веќе 4 години го водам Вики клубот во моето училиште, но пред тоа мојата колешка 5 години водеше Вики Клуб во нашето училиште, така што може да кажеме дека Вики клубот кај нас е присутен уште во самиот зародиш на Клубовите во училиштата. Учениците кои тогаш започнаа сега се веќе студенти и изградени Википедијанци.  Главната мотивација да започнам ја наоѓам во проширување на знаењата на учениците и понудата да се излезе од рамките на класичното образование и програмите.
ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водење на Вики клубот?
  • Н.С.:Вики клубот нуди бројни придобивки. Врската на наставникот/ библиотекарот со учениците се гради на ново ниво, тука наставникот покрај тоа што е ментор е и соработник на една заедничка платформа.
ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот има врз учениците?
  • Н.С.: Учениците сакаат да припаѓаат во една ваква глобална платформа како што е Википедија, а уште повеќе ги поттикнува тоа што можат да придонесат да се збогати Википедија на мајчиниот македонски јазик. Секогаш уште на првите средби  ги упатувам на основната премиса на Википедија, „Што ако како човештво создадеме место каде целокупното знаење може да биде на дофат на прстите на секој кој сака да научи“. Учениците покрај тоа што се градат како членови на Вики заедницата, се оспособуваат за критичко мислење и проверка на фактите, напоредно со збогатувањето на енциклопедијата.
ВМ МКД: Што би им препорачале на наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб или нешто за крај ваше размислување?
  • Н.С.: Наставникот кој има ентузијазам да се посвети на своите ученици тука ќе наиде на вистинска поддршка од тимот на Википедијанци, особено образовната програма на Викимедија МК, кои се секогаш спремни да помогнат и да мотивираат со различни активности во текот на целата година, а организирањето на Вики камповите претставува дополнителна мотивација и за наставниците, но посебно за учениците. Секој кој има потреба да излезе надвор од кутијата и да проба да создаде посветена група на ученици кои ќе претставуваат лидерски тим во училиштето, е добредојден да се приклучи.

Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk

Општина Демир Хисар и Викимедија МКД – новопотпишан меморандум за соработка!

Викимедија МКД ја проширува својата мрежа на партерства и соработки. Организацијата има за цел да стапи во контакт и да оствари плодна соработка со голем број институции и организациски единици кои имаат волја и потенцијал да помогнат при креирањето на слободни соджини и да го направат пристапот до информации бесплатен за целата македонска читателска и образовно-научна јавност.

Најновата формализирана соработка доаѓа од Демир Хисар. Општина Демир Хисар и Викимедија МКД на 11 септември 2024 година потпишаа Меморандум за соработка. Овој меморандум ги потврдува заложбите на двете организации да соработуваат заедно, а поконкретно Општина Демир Хисар со својот потенцијал да помогне на Викимедија МКД при достигнување на своите зацртани цели – бесплатен пристап до слободни содржини и знаење. Преку културни, научни, историски, музејски и општествено-политички материјали, Демир Хисар ќе даде значајна помош и поддршка за остварување на целите на организацијата. Градоначалникот г-дин Никола Најдовски и извршниот директор на Викимедија МКД г-ѓа Снежана Штрковска во просториите на Општина Демир Хисар го потпишаа овој значаен документ за Викимедија МКД со што потенцијалите за делување на Викимедија МКД се значајно зголемени.

Викимедија МКД останува посветена на својот план за организациски и програмски раст. Сржта на својот развој го гледа во волонтерските капацитети на организацијата, како и соработката со македонските институции, организации, научно-културни и општествени органи. Зголемениот број на соработки ветува поголеми резултати за Викимедија МКД и организацијата стои на тој пат и ќе се води од тие принципи и понатаму во иднина.

Заврши кампањата „Статии без илустрации”- нови илустрации, нови награди!

Викимедија МКД продолжува со кампањите кои имаат за цел да ја збогатат содржината на Википедија, но исто така создавањето добро напишана статија, со добро внесени наводи и добри илустрации за нас е од големо значење. Недостатокот на илустрации во статиите остава простор за дополнително доуредување на статијата, и токму тоа овој пат беше наша цел.

Статии без илустрација или на англиски јазик: Wikipedia Pages Wanting Photos (WPWP) е кампања на меѓународно ниво за вметнување на илустрации во статиите на кои им недостигаат. Илјадници фотографии се поставени на Заедничката ризница преку разни ГЛАМ проекти, како и преку фотографските натпревари низ годиниве. Идејата е да се искористат фотографиите и останатите илустрации во соодветните статии. Ова е огромен јаз кој оваа кампања се обидува да го премости. Викимедија МКД и оваа година им овозможи на уредувачите да дадат свој придонес и да бидат дел од потенцијалните добитници на награди.

Кампањата се одржа од 1 јули 2024 година до 31 август 2024 година. Наградите беа предвидени за најплодните учесници, кои имаат поставено илустрација на најмалку 100 различни статии на Википедија на македонски јазик. Поените се пресметуваа по принципот: една статија еден поен за илустрациите, без разлика колку илустрации се поставиле во таа статија. Важно е да се напомене дека илустрации се вметнуваа на веќе постоечки статии, новосоздадени статии за целите на вметнување фотографии не се земаа во предвид. Немаше ограничување во врска со бројот на илустрации што можеа да се употребат. Фотографијата која беше користена мораше да биде поставена под слободна лиценца или во јавна сопственост. Учесниците исто така го вклучуваа записот #WPWPMK на секое зачувување на промени кога внесуваа илустрација, и на секоја статија на која внесуваа илустрација. Така, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:

– I награда – добитник е Тиверполник : 1622 бодови- вредносен купон во вредност од 12.000 денари

– II награда – добитници се следните корисници:

  • SirGoldenBlade :160 бодови– вредносен купон во вредност од 6.000 денари.
  • Lili Arsova  :155 бодови- вредносен купон во вредност од 6.000 денари.
  • P.Nedelkovski: 152 бодови- вредносен купон во вредност од 6.000 денари.

Учествуваа 5  уредници и беа поставени 2165 илустрации. Благодариме на сите учесници за нивните напори и нивниот придонес.