Извлечен добитникот на наградата од уредувачкиот маратон „Медалисти на ЗОИ 2026“ – напишани рекордни 98 статии

Уредувачките маратони кои ги организира Викимедија МКД претставуваат еден од клучните механизми за збогатување и унапредување на содржината на Википедија на македонски јазик. Преку овие настани се поттикнува активно учество на заедницата, се привлекуваат нови уредници и се создава простор за соработка, учење и размена на знаење. Уредувачките маратони имаат двојна улога – од една страна придонесуваат кон зголемување на квантитетот и квалитетот на содржината, а од друга страна ја зајакнуваат заедницата и ја промовираат културата на слободно, проверливо и неутрално информирање.

Во рамките на овие активности, на 23 февруари 2026 година се одржа уредувачкиот маратон „Медалисти на ЗОИ 2026“. Целта на маратонoт беше да се создадат нови статии за спортистите кои освоиле медали на ова значајно меѓународно спортско натпреварување, со што се збогати спортската содржина на Википедија на македонски јазик и се обезбедија точни, проверени и детални информации достапни за пошироката јавност.

Маратонот беше отворен за сите заинтересирани, без разлика на нивното претходно искуство во уредување. Учесниците требаше да имаат корисничка сметка на Википедија и да изберат статија од подготвениот список на медалисти кои сè уште не беа опфатени на Википедија на македонски јазик. Еден од основните критериуми беше статиите да содржат минимум околу 500 зборови или повеќе од 5000 бајти. Секоја создадена или уредена статија требаше да биде евидентирана во списокот на резултати, со што се овозможи транспарентно следење на придонесите.

Овој маратон се покажа како особено успешен, при што беа напишани рекордни 98 статии, што претставува значаен придонес кон развојот на спортските теми на Википедија на македонски јазик. Овој резултат ја потврдува посветеноста и ентузијазмот на уредувачката заедница, како и важноста на ваквите организирани настани.

Па така, на 26.02.2026 година, во 13:00 часот, се одржа јавното извлекување на наградата во живо на инстаграм профилот на Викимедија МКД. Во извлекувањето беа вклучени сите учесници кои ги исполнија условите предвидени со правилата на маратонoт.

Добитник на вредносен ваучер е Ivan dren со статијата Џејк Кантер“.

Со ова официјално се заокружи уште еден успешен уредувачки маратон, кој не само што резултираше со рекорден број нови статии, туку и дополнително ја зацврсти и мотивираше заедницата на уредници. Викимедија МКД изразува искрена благодарност до сите учесници и ги охрабрува и понатаму активно да придонесуваат кон создавање квалитетна, проверлива и слободна енциклопедиска содржина на македонски јазик.