Како најголема слободна енциклопедија во светот, Википедија им овозможува на луѓето од сите возрасти пристап до бесплатни информации од најразлични области, а воедно ја поддржува медиумската писменост, критичкото размислување и размената на знаење. Во оваа ера на брза дигитализација, таквата отворена платформа за знаење игра клучна улога во образованието, особено кај младите, кои се секојдневно изложени на голем број извори на информации.
Професорката по историја Ирена Трајковска Стерјовска, вработена во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Скопје, веќе неколку години го води Вики клубот во своето училиште, внесувајќи го духот на дигиталната писменост и отвореното знаење кај своите ученици. Водена од својата страст кон историјата и образованието, таа ја препознала важноста на Википедија како ресурс за младите, но и како средство за развивање на критичко размислување, соработка и медиумска писменост.
Во нaшето интервју, таа ги охрабрува сите наставници кои имаат желба за промовирање на нови начини на учење, да се вклучат во овој проект и да станат дел од „Вики-семејството.“ Според неа, да се биде дел од википедијанската заедница е чест и привилегија, но и одговорност да се создава и надградува знаењето кое ќе биде достапно за сите генерации.
ВМ МКД: Што ве привлече за да се вклучите во Википедија и да водите Вики клуб?
- Ирена Трајковска Стерјовска: Живееме во ера на брзата дигитализација каде пристапот на информации е брз и динамичен. Таа динамика се чувствува и во рамките на воспитно-образовниот процес каде младите имаат пристап до голем број на информации. Со оглед на моето работно искуство во наставата можам да воочам дека младите најчесто информациите ги стекнуваат преку социјалните мрежи, но и преку други канали на информација. Но, ваквиот пристап на информации овозможува поединецот да подлежи на користење на неточни информации. За завршување на своите домашни работни задачи зададени од наставниците, учениците најпрво добиваат основни информации од Википедија за било која област. Мотивацијата да се занимавам со овој проект е резултат на мојата желба да им помогнам на учениците да се запознаат со тоа што е Википедија, да стекнат вештини за критичко размислување и решавање на проблеми.
ВМ МКД: Колку години го водите Вики клубот во вашето училиште?
- Ирена Трајковска Стерјовска: Вики клубот во гимназијата „Јосип Броз Тито“ е формиран во 2017 година во соработка со здружението ГЛАМ Македонија.
ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водење на Вики клубот?
- Ирена Трајковска Стерјовска: Придобивките од водење на Вики клубот сметам дека се од големо значење за наставниците, но и за учениците, преку активностите на Вики клубот, при создавање на нови и квалитетни статии и дополнување на постоечките, учениците го негуваат македонскиот јазик и правопис и при тоа дополнително го усовршуваат и странскиот јазик.
ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот има врз учениците?
- Ирена Трајковска Стерјовска: Вики клубот има големо влијание врз учениците зголемувајќи ја самодовербата со објавување на нивната пишана статија бидејќи истата не останала скриена во фиоките на наставникот. Учениците преку учеството на уредувачките маратони, камповите, имаат можност да ги усовршат своите вештини за: читање и пишување, медиумската писменост, равивање на вештините за размислување како и врсничкото дружење, надминување на меѓусебните стереотипи и предрасуди. Збогатување на своето лично знаење од одредени области и негова примена во секојдневниот живот.
ВМ МКД: Што би им препорачале на наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб или ваше размислување за крај?
- Ирена Трајковска Стерјовска: Сакам да ги охрабарам младите колеги кои досега не се приклучиле, а имаат желба за стекнување на ново знаење да ја користат Википедија во наставата, да се приклучат и да ја поминат основната обука. Да се биде дел од Вики семејството е особена чест и привилегија. Ние како координатори на Вики клубовите работиме волонтерски, креираме, создаваме и обучуваме нови корисници кои ја збогатуваат Википедија на македонски јазик со нови содржини и со тоа ја правиме Википедија достапна за сите корисници од најмлада до најстара возраст.
Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk