Викимедија МКД континуирано организира обуки и едукативни активности наменети за ученици, наставници и млади кои сакаат подобро да се запознаат со Википедија и со можностите за придонесување кон слободното знаење. Преку образовната програма и активностите на вики клубовите, учесниците се запознаваат со основните принципи на Википедија и начинот на создавање и уредување статии. На овој начин, покрај создавањето нови содржини на Википедија на македонски јазик, се поттикнуваат дигиталната и информациската писменост и одговорното користење на информациите достапни на интернет.
Како дел од овие активности, во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Велес беше одржана обука за ученици заинтересирани за уредување на Википедија. На обуката учествуваа 13 ученици, кои под менторство на координаторката на Вики клуб Велес, Лили Арсова имаа можност да ги направат своите први чекори во создавањето енциклопедиски содржини. За учениците беше одржана кратка воведна обука, преку која тие се запознаа со начинот на функционирање на Википедија и со основните правила што треба да се почитуваат при создавањето и уредувањето статии.

Посебно внимание беше посветено на практичната работа. Учениците научија како правилно да пристапат кон создавање нова статија, како да ги организираат и обликуваат информациите и како содржината да ја приспособат на енциклопедискиот стил на Википедија. По кратката обука, тие имаа можност стекнатото знаење веднаш да го применат преку самостојна работа и создавање нови содржини.
На активноста присуствуваше и професорот Илко Стојановски од ООУ „Свети Кирил и Методиј“, кој им даде поддршка на учениците во текот на обуката и практичната работа. Соработката со наставниците и училиштата има значајна улога во ваквите активности, бидејќи овозможува учениците да продолжат да ги развиваат стекнатите знаења и да ја препознаат Википедија не само како извор на информации, туку и како простор во кој и самите можат да придонесуваат.

Како резултат на обуката, 13-те ученици создадоа вкупно 15 нови статии на Википедија на македонски јазик. Преку практичната работа тие директно придонесоа кон збогатувањето на слободните содржини достапни на македонски јазик, а воедно стекнаа искуство во пребарување, проверка и претставување информации на јасен и енциклопедиски начин.
Обуката во Велес претставува продолжување на активностите преку кои Викимедија МКД настојува да вклучи што поголем број млади во создавањето слободно знаење. Ваквите средби им овозможуваат на учениците практично да ги развиваат своите дигитални вештини, да се запознаат со принципите на слободното знаење и истовремено да дадат конкретен придонес кон развојот на Википедија на македонски јазик.
Фотографскиот материјал од обуката може да го погледнете на следнава врска.