Претставници на Викимедија МКД на најголемиот собир на википедијанци од Средна и Источна Европа во Романија

Од 18 до 20 септември 2026 година во Клуж-Напока, Романија, се одржа Викимедија СИЕ митинг 2026 (Wikimedia CEE Meeting), еден од најзначајните годишни регионални настани на википедијанското движење во Средна и Источна Европа. Годинешното издание се одржа на Универзитетот „Бабеш-Бојаи“ и собра претставници на википедијанските организации и заедници, уредници, вработени и други активни учесници во движењето од земјите од регионот. Настанот претставуваше можност за размена на искуства, претставување успешни проекти и иницијативи, развивање нови идеи и зајакнување на регионалната соработка.

Македонија и оваа година имаше значајно присуство на СИЕ митингот. На настанот учествуваа Кирил Симеоновски, Боса Филиповиќ, Јован Тасевски и Нино Богдановски од Викимедија МКД, како и Тони Ристовски, вработен во Викимедија СИЕ Хаб (Wikimedia CEE Hub). Македонските учесници беа вклучени во повеќе делови од програмата, а дел од нив преку свои презентации ги споделија искуствата од работата во Македонија со пошироката регионална википедијанска заедница.

Кирил Симеоновски, активен википедијанец и член на Извршниот одбор на Викимедија МКД, покрај учеството на конференцијата имаше и значајна улога во подготовката на програмата на годинешниот СИЕ митинг. Тој беше претседавач на Програмскиот комитет, кој беше задолжен за обликување на програмските содржини на конференцијата и изборот и распоредувањето на сесиите. Неговото учество во организацискиот дел на настанот претставува уште еден пример за активното вклучување на македонската википедијанска заедница во регионалните процеси и активности.

Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД, ја претстави работата и искуствата од спроведувањето на образовните активности. Во својата презентација таа се осврна на практичната примена на проектите на Викимедија во образованието и на можностите Википедија да се користи како алатка преку која учениците и студентите не само што пристапуваат до знаење, туку и активно учествуваат во неговото создавање. Презентацијата беше можност пред регионалната заедница да бидат споделени искуствата стекнати преку долгогодишното спроведување на образовната програма на Викимедија МКД и соработката со образовните институции.

Јован Тасевски, менаџер на заедницата на Викимедија МКД, одржа презентација посветена на уредувачките натпревари и на начинот на кој тие се организираат во рамките на активностите на организацијата. Тој го претстави пристапот на Викимедија МКД кон организирањето уредувачки активности и искуствата од преминот кон почесто организирање тематски уредувачки денови и викенди во текот на годината. Преку презентацијата беа споделени искуства за поттикнување на заедницата да создава нови статии, да ги проширува постојните содржини и континуирано да придонесува кон развојот на Википедија на македонски јазик.

Нино Богдановски, член на Извршниот одбор на Викимедија МКД, одржа презентација посветена на можностите и предизвиците при обезбедувањето надворешно финансирање за создавање слободни содржини. Како конкретен пример беше претставен проектот за создавање 50 специјализирани видеа преку кои сложени банкарски и финансиски поими се преведуваат и објаснуваат на македонски знаковен јазик. Иницијативата произлегува од потребата финансиските информации да бидат подостапни и за глувите лица, имајќи предвид дека јазичните бариери можат значително да го ограничат пристапот до финансиска писменост и разбирањето на банкарската терминологија. Посебен аспект на проектот е начинот на неговото финансирање. Средствата се обезбедени од приватниот сектор, а Богдановски преку овој пример ги претстави можностите, но и предизвиците што ги носи ваквиот вид соработка. Презентацијата отвори тема за тоа како википедијанските заедници можат да бараат дополнителни извори на поддршка за создавање слободни и општествено корисни содржини, притоа задржувајќи ги принципите и вредностите на движењето за слободно знаење.

Значајно учество на годинешниот СИЕ митинг имаше и Тони Ристовски, кој е дел од тимот на Викимедија СИЕ Хаб. Тој учествуваше во повеќе програмски сесии поврзани со работата и идниот развој на Хабот. Меѓу нив беа претставувањето на состојбите во регионот, годишниот план на СИЕ Хабот за 2026 година, како и завршната пленарна дискусија посветена на следните чекори за заедниците од Средна и Источна Европа. Ристовски одржа и работилница посветена на совети и практични пристапи при подготовката на предлози за грантови.

Присуството на македонските учесници на СИЕ митинг 2026 беше можност искуствата од Македонија да бидат претставени пред пошироката википедијанска заедница, но истовремено и да се запознаат нови пристапи, проекти и практики од другите земји во регионот. Темите што ги претставија македонските учесници опфатија различни области – од образованието и активностите за развој на уредувачката заедница, преку пристапноста и финансиската писменост, до регионалната соработка, финансирањето и развојот на википедијанското движење.

Преку учеството на вакви регионални собири, Викимедија МКД продолжува да ги споделува своите искуства и постигнувања, но и да воспоставува и зајакнува врски со останатите википедијански организации и заедници. СИЕ митингот останува важен простор за размена на знаење и идеи, создавање нови партнерства и заедничко изнаоѓање начини за понатамошен развој на слободното знаење во Средна и Источна Европа.