На 29 септември 2026 година, во СОУ гимназија „Кочо Рацин“ во Велес се одржа обука за ученици за уредување на Википедија. Активноста беше организирана во рамките на образовната програма на Викимедија МКД, со цел младите подобро да се запознаат со Википедија, начинот на нејзиното функционирање и можностите за активно придонесување кон слободното знаење. На обуката учествуваа 14 ученици, кои преку теоретски и практичен дел имаа можност да ги направат своите први чекори во уредувањето на најголемата слободна енциклопедија.
На почетокот на обуката, Боса Филиповиќ, менаџер за Образовната програма на Викимедија МКД, одржа кратко воведно предавање за основните принципи на Википедија и нејзината улога како слободна и достапна енциклопедија. Таа ги запозна учениците со начинот на создавање и уредување статии, основните правила што треба да се почитуваат при внесувањето содржини. Посебно внимание беше посветено на неутралното и енциклопедиско претставување на информациите.

По воведното предавање следуваше практичниот дел од обуката, во кој учениците имаа можност непосредно да го применат стекнатото знаење. Тие се запознаа со алатките за уредување и со постапката за создавање статии на македонската Википедија преку преведување на содржини од англиската Википедија. Притоа, учениците учеа како правилно да го пренесат и приспособат текстот на македонски јазик, како да ја организираат содржината и како да ја оформат статијата во согласност со основните правила и начела на Википедија.
Во текот на практичната работа, на учениците активно им помагаше Лили Арсова, координаторка на Вики клуб Велес. Таа им даваше насоки при преведувањето и уредувањето на статиите, им помагаше при користењето на основните алатки и одговараше на нивните прашања. Со нејзина поддршка, учениците полесно се запознаа со целиот процес — од изборот на статија од англиската Википедија, преку нејзиното преведување и приспособување, до конечното уредување и објавување на Википедија на македонски јазик.

Во реализацијата на активноста учествуваа и професорките Гордана Саздова и Елизабета Николова од гимназијата „Кочо Рацин“, кои дадоа поддршка во организацијата на обуката и во работата со учениците. Соработката со наставниот кадар е важен дел од образовните активности на Викимедија МКД, бидејќи овозможува стекнатите знаења и вештини да продолжат да се применуваат и по завршувањето на самите обуки.

Како резултат на практичната работа, учениците создадоа 16 нови статии на Википедија на македонски јазик. На овој начин, обуката им овозможи не само да се запознаат со начинот на кој се создава енциклопедиска содржина, туку и самите да придонесат кон збогатувањето на содржините достапни на македонски јазик.
Преку ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ги вклучува младите во создавањето и споделувањето слободно знаење и да ја поттикнува нивната дигитална и информациска писменост. Обуките за уредување на Википедија им овозможуваат на учениците да развиваат дигитални вештини и одговорно користење на информациите на интернет. Активноста во СОУ гимназијата „Кочо Рацин“ претставува уште еден чекор кон создавање нова генерација млади уредници кои можат активно да придонесуваат кон Википедија на македонски јазик и кон ширењето на слободното знаење.
Фотографскиот материјал од обуката може да го погледнете на следнава врска.