Одржана обука за ученици од основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје

На 16 февруари 2026 година, Викимедија МКД организираше обука за уредување на Википедија за ученици од основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје. Настанот се реализираше во рамките на образовната програма на здружението, со цел учениците да се запознаат со основите на уредувањето и активно да се вклучат во збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик.

На обуката учествуваа 6 ученици и 2 професорки од училиштето под менторство на професорката Бранка Ивановска-Блажевска. Тие имаа можност да се запознаат со начинот на функционирање на Википедија и со практичните чекори при создавање и подобрување на статии.

Активноста започна со кратко воведно предавање од Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД. Во своето излагање таа ги запозна учениците со мисијата и значењето на Википедија како слободна енциклопедија што ја уредуваат самите корисници, како и со можностите што ги нуди за стекнување нови знаења и вештини. Беше направен краток осврт на техничките аспекти на уредувањето, начинот на преведување содржини и приспособување на текстовите на македонски јазик.

По воведниот дел следуваше практична работилница, во рамките на која учениците работеа на преведување и прилагодување на статии од англиската верзија на Википедија на македонски јазик. Со поддршка од менторката и присутните обучувачи, тие се фокусираа на јазична прецизност, енциклопедиски стил и соодветно структурирање на текстот. Учениците покажаа висок степен на ангажираност, соработка и интерес за процесот на уредување.

Како резултат на нивната работа, беа напишани и објавени вкупно 18 статии на Википедија на македонски јазик, со што директно придонесоа кон збогатување на содржините достапни на македонски јазик.

Оваа обука претставува значаен чекор во поттикнување на младите да станат активни учесници во создавањето знаење. Преку практична работа, учениците стекнаа искуство во преведување, обработка и прилагодување на енциклопедиска содржина, како и поголема самодоверба во користењето на дигитални алатки.

Викимедија МКД продолжува со реализација на вакви активности во соработка со образовни институции, со цел унапредување на содржините на македонската Википедија и поттикнување на младите да бидат дел од глобалната вики-заедница.

Фотографскиот материјал од обуката може да го погледнете на следнава врска.