Одржана обука за ученици од ООУ „Коле Неделковски“ во Скопје

Обуките за уредување на Википедија наменети за ученици претставуваат значаен дел од активностите на Вики заедницата, бидејќи тие им овозможуваат на младите да се запознаат со принципите на слободното знаење, критичкото користење на извори и начинот на кој се создава енциклопедиска содржина. Преку ваквите обуки учениците добиваат практични вештини за пишување, истражување и дигитална писменост, а воедно придонесуваат и за збогатување на содржината на Википедија на македонски јазик. Посебен акцент се става на преведување и прилагодување на статии од англиската верзија на Википедија, со што се овозможува квалитетни и проверени информации да станат достапни и за читателите на македонски јазик.

На 13 март 2026 година се одржа обука за уредување на Википедија за ученици од ООУ „Коле Неделковски“ во Скопје. Настанот имаше едукативен и практичен карактер, при што учениците имаа можност да се запознаат со основите на уредувањето на Википедија, правилата за пишување енциклопедиски статии.

Во текот на обуката, присутните ученици најпрво беа запознаени со основните принципи на Википедија. Потоа следеше практичен дел, во кој учениците научија како да креираат и уредуваат статии, како да додаваат внатрешни врски, категории и референци, како и како правилно да преведуваат содржина од англиската верзија на Википедија на македонски јазик.

На обуката учествуваа 5 ученици и една наставничка од училиштето, кои активно се вклучија во процесот на создавање нова содржина. Како резултат на нивната работа, беа напишани вкупно 12 нови статии на Википедија на македонски јазик. Статиите беа преведени и прилагодени од англиската верзија на Википедија, при што учениците се погрижија содржината да биде јазично и енциклопедиски соодветна за македонските читатели.

Ваквите активности имаат големо значење за развојот на младата уредувачка заедница и за збогатување на слободната енциклопедија со нови и корисни информации. Воедно, учениците стекнуваат практично искуство во дигиталната соработка, критичкото размислување и одговорното користење на интернет.

Со реализацијата на оваа обука уште еднаш се потврдува важноста од вклучување на учениците во создавањето на слободно знаење, како и потенцијалот на образовните активности за понатамошно развивање и унапредување на Википедија на македонски јазик.

Викимедија МКД го одбележа Меѓународниот ден на жената

По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон, на 6 март 2026 година во просториите на Викимедија МКД, во МКЦ. Овој настан беше посветен на поттикнување на родовата еднаквост на Википедија, имајќи предвид дека жените и нивните достигнувања сè уште се помалку застапени во енциклопедиските содржини. Преку вакви активности се настојува да се намали родовиот јаз во содржината на Википедија и да се зголеми видливоста на значајните придонеси на жените во различни области. На настанот учествуваа  9 ученици од СУГС Гимназија “Јосип Броз Тито”- Скопје, кои активно се вклучија во збогатувањето на содржините на Википедија на македонски јазик.

Уредувачкиот маратон беше посветен на темата Жени ботаничари“, со што се истакна значајниот придонес на жените во развојот на ботаниката и природните науки. Преку процесот на уредување, учесниците имаа можност да се запознаат со животот, научната работа и достигнувањата на бројни ботаничарки кои дале значаен придонес во проучувањето на растителниот свет.

Темата на уредувачкиот маратон се поврзува со годишната ГЛАМ програмата на Викимедија МКД за оваа година, насловена „Ботаника на Македонија“, која има за цел збогатување и подобрување на содржините поврзани со ботаниката и растителниот свет во Македонија. Преку оваа програма се поттикнува создавање на нови енциклопедиски статии, како и проширување на веќе постојните содржини, со цел подобра достапност на знаење на македонски јазик.

Голем дел од овие теми сè уште не се доволно обработени на Википедија на македонски јазик, па така учениците ги преведуваа и прилагодуваа статиите од англиската верзија на Википедија. Учениците работеа на преведување на постоечки енциклопедиски содржини, при што се запознаа со начинот на адаптација на текстови, уредување на енциклопедиски статии и почитување на правилата и стандардите на Википедија. На овој начин се овозможува проширување на Википедија на македонски јазик со квалитетни и проверени информации, кои претходно биле достапни само на други јазици.

Во исто време, уредувачките активности се одвиваа и во рамки на вики клубовите низ државата, каде што членови од Вики клуб Куманово, Вики клуб Велес и Вики клуб Драчево паралелно пишуваа статии на истата тема, придонесувајќи кон заедничката иницијатива за одбележување на овој ден и за збогатување на Википедија на македонски јазик. Во текот на активноста, вкупно учествуваа 22 ученици и напишаа вкупно 45 статии, со што придонесоа за подобрување на застапеноста на жените научници на Википедија на македонски јазик.

Настанот се одвиваше во работна и мотивирачка атмосфера, при што учениците со голем интерес учествуваа во процесот на создавање слободно знаење. Покрај пишувањето на статии, тие имаа можност да научат повеќе за функционирањето на Википедија, за важноста на слободните лиценци и за значењето на придонесувањето кон отворени образовни ресурси.

Со ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ја исполнува својата мисија за поттикнување на младите да учествуваат во создавањето и споделувањето на слободно знаење. Воедно, преку теми поврзани со жените во науката се придонесува кон зголемување на нивната видливост во енциклопедиските содржини и кон подигнување на свеста за нивниот значаен придонес во научниот и општествениот развој.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Резултати од уредувачките денови и викенди за февруари 2026

Во текот на февруари 2026 година, Викимедија МКД успешно ги спроведе редовните уредувачки денови и уредувачки викенди, продолжувајќи ја динамиката на активно создавање и подобрување на содржините на Википедија на македонски јазик. И овој месец, заедницата покажа посветеност, ентузијазам и висок степен на соработка.

Во активностите учествуваа вкупно 17 уредници, кои со заеднички ангажман придонесоа за значително зголемување на енциклопедиската содржина. Во текот на февруари беа создадени 196 нови статии, а дополнително беа подобрени 10 постојни статии. Овие бројки претставуваат значаен раст и уште една потврда за континуираниот развој на уредувачката заедница.

Уредниците работеа на разни тематски области, од култура и историја до наука и современи настани, со што придонесоа за разноврсноста и длабочината на содржината. Со секое ново уредување и подобрување, се зголемува пристапот до квалитетни и проверени информации за пошироката јавност. Овој процес не само што ја збогатува енциклопедијата, туку исто така ја поттикнува размената на знаење и зајакнува чувството на заедништво меѓу волонтерите.

Врз основа на вкупниот придонес и активност во текот на месецот, беше избран и добитникот на месечната награда за февруари 2026 година. Добитник на наградата е:

  • SirGoldenBlade– вредносен ваучер од 2500 денари

Им упатуваме благодарност на сите учесници за нивниот труд, време и посветеност. Токму преку ваквата континуирана активност се зајакнува заедницата и се создава стабилна основа за понатамошен развој на Википедија на македонски јазик. Со нетрпение очекуваме и наредните уредувачки денови и викенди, како и нови придонеси кои ќе продолжат да го зголемуваат обемот и квалитетот на слободното знаење.

Извлечен добитникот на наградата од уредувачкиот маратон „Медалисти на ЗОИ 2026“ – напишани рекордни 98 статии

Уредувачките маратони кои ги организира Викимедија МКД претставуваат еден од клучните механизми за збогатување и унапредување на содржината на Википедија на македонски јазик. Преку овие настани се поттикнува активно учество на заедницата, се привлекуваат нови уредници и се создава простор за соработка, учење и размена на знаење. Уредувачките маратони имаат двојна улога – од една страна придонесуваат кон зголемување на квантитетот и квалитетот на содржината, а од друга страна ја зајакнуваат заедницата и ја промовираат културата на слободно, проверливо и неутрално информирање.

Во рамките на овие активности, на 23 февруари 2026 година се одржа уредувачкиот маратон „Медалисти на ЗОИ 2026“. Целта на маратонoт беше да се создадат нови статии за спортистите кои освоиле медали на ова значајно меѓународно спортско натпреварување, со што се збогати спортската содржина на Википедија на македонски јазик и се обезбедија точни, проверени и детални информации достапни за пошироката јавност.

Маратонот беше отворен за сите заинтересирани, без разлика на нивното претходно искуство во уредување. Учесниците требаше да имаат корисничка сметка на Википедија и да изберат статија од подготвениот список на медалисти кои сè уште не беа опфатени на Википедија на македонски јазик. Еден од основните критериуми беше статиите да содржат минимум околу 500 зборови или повеќе од 5000 бајти. Секоја создадена или уредена статија требаше да биде евидентирана во списокот на резултати, со што се овозможи транспарентно следење на придонесите.

Овој маратон се покажа како особено успешен, при што беа напишани рекордни 98 статии, што претставува значаен придонес кон развојот на спортските теми на Википедија на македонски јазик. Овој резултат ја потврдува посветеноста и ентузијазмот на уредувачката заедница, како и важноста на ваквите организирани настани.

Па така, на 26.02.2026 година, во 13:00 часот, се одржа јавното извлекување на наградата во живо на инстаграм профилот на Викимедија МКД. Во извлекувањето беа вклучени сите учесници кои ги исполнија условите предвидени со правилата на маратонoт.

Добитник на вредносен ваучер е Ivan dren со статијата Џејк Кантер“.

Со ова официјално се заокружи уште еден успешен уредувачки маратон, кој не само што резултираше со рекорден број нови статии, туку и дополнително ја зацврсти и мотивираше заедницата на уредници. Викимедија МКД изразува искрена благодарност до сите учесници и ги охрабрува и понатаму активно да придонесуваат кон создавање квалитетна, проверлива и слободна енциклопедиска содржина на македонски јазик.

Одржана конференција за наставници во СОУ „Богданци“ во Богданци

Конференциите за наставници што ги организира Викимедија МКД претставуваат значаен сегмент од образовната програма на организацијата и имаат за цел да ги доближат можностите на Википедија до образовниот кадар. Преку овие настани, наставниците се запознаваат со концептот на слободно знаење, начинот на функционирање на Википедија и потенцијалот што го нуди како современа образовна алатка. Воедно, конференциите претставуваат простор за размена на искуства, идеи и добри практики, како и поттик за воспоставување долгорочна соработка меѓу училиштата и Викимедија МКД.

На 25.02.2026 година во просториите на СОУ „Богданци“ во Богданци се одржа конференција за наставници, на која учествуваа 16 наставници. Настанот се одвиваше во позитивна и интерактивна атмосфера, при што присутните имаа можност да поставуваат прашања и да дискутираат за практичната примена на Википедија во наставниот процес.

Најпрво, свое обраќање имаше Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД, која зборуваше општо за Википедија, нејзината мисија и основните принципи – неутралност, проверливост и користење доверливи извори. Таа ја истакна важноста од развивање на критичко размислување кај учениците и нивно насочување кон одговорно користење и создавање на онлајн содржини. Притоа беше нагласена улогата на наставниците како ментори во процесот на креирање квалитетни и енциклопедиски содржини.

Во рамки на конференцијата, Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД, ја презентираше образовната програма на организацијата, нејзината структура, тековните активности и постигнатите резултати. Таа ги информираше наставниците за можностите за вклучување во програмата, организирање обуки и формирање вики клубови во нивните училишта, со цел поттикнување на активно учество на учениците во создавање слободно знаење.

Валентина Трајковска, член на извршниот одбор на Викимедија МКД, сподели искуство од нејзината работа со вики клуб, посочувајќи конкретни примери за тоа како учениците преку вакви активности ги унапредуваат своите јазични и дигитални вештини. Таа зборуваше за предизвиците и придобивките од водењето на вики клуб, како и за позитивното влијание што ваквиот ангажман го има врз мотивацијата и самодовербата на учениците.

Конференцијата заврши со отворена дискусија и изразен интерес за идни соработки, при што наставниците ја истакнаа важноста од вакви едукативни иницијативи кои придонесуваат за модернизација на наставниот процес и активно вклучување на учениците во дигиталната средина.

Конференциите за наставници претставуваат значаен чекор кон градење посилна мрежа на соработка меѓу наставниците и Викимедија МКД, создавајќи основа за нови проекти, вики клубови и заеднички активности. Преку континуирана поддршка и едукација, се отвораат можности за активно учество на учениците во креирањето на квалитетна и слободна содржина на македонски јазик, со што директно се придонесува кон збогатување на Википедија и развој на дигиталната писменост во образованието.

Фотографскиот материјал од конференцијата може да го погледнете на следнава врска.

Одржана обука за ученици од ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ во Скопје

На 23 февруари 2026 година, во просториите на ООУ „Невена Георгиева Дуња“ се одржа едукативна обука за уредување на Википедија на македонски јазик, во организација на Викимедија МКД. Обуката беше реализирана како дел од активностите за поттикнување на младите да се вклучат во создавање слободна содржина и активно да придонесуваат кон развојот на Википедија на македонски јазик.

На обуката учествуваа 8 ученици, кои покажаа голем интерес за процесот на уредување и креирање енциклопедиски статии. Обуката започна со воведен дел, на кој учениците се запознаа со историјатот и значењето на Википедија како најголема слободна енциклопедија во светот, како и со улогата на Викимедија МКД во поддршката и развојот на заедницата на уредувачи во Македонија. Посебен акцент беше ставен на значењето на слободното знаење, одговорното користење на информации од интернет и почитувањето на енциклопедиските стандарди.

Во практичниот дел од обуката, учениците работеа на отворање кориснички сметки и се запознаа со основните алатки за уредување. Тие научија како се структурира една статија, како се користат наслови и поднаслови, како се вметнуваат внатрешни врски, категории и шаблони, како и како текстот да биде јасен, неутрален и енциклопедиски оформен. Преку директна работа на Википедија, учениците имаа можност веднаш да ги применат стекнатите знаења и да видат како нивниот придонес станува дел од слободната енциклопедија.

Обуката беше тематски поврзана со тековниот уредувачки маратон „Медалисти на ЗОИ 2026“, кој има за цел да ја збогати Википедија на македонски јазик со содржини за спортистите што освоиле медали на Зимските олимписки игри 2026. Учениците работеа на превод и прилагодување на статии од англиската верзија на Википедија, водејќи сметка текстот да биде јазично и стилски соодветен на македонски јазик. Овој процес им овозможи да развијат вештини за внимателно читање, селекција и обработка на информации, како и за нивно соодветно енциклопедиско претставување.

Во текот на обуката беа напишани вкупно 16 статии. Со тоа, учениците дадоа конкретен и видлив придонес кон збогатување на спортските содржини на Википедија на македонски јазик, особено во делот поврзан со олимписките медалисти. Нивната работа претставува значаен чекор кон намалување на јазичниот јаз меѓу различните јазични изданија на Википедија и зголемување на достапноста на информации на македонски јазик.

Покрај техничките вештини, обуката придонесе и за развој на тимска работа, одговорност и самостојност кај учениците. Тие активно дискутираа, си помагаа меѓусебно и со голема посветеност работеа на своите статии. Настанот покажа дека младите имаат потенцијал и мотивација да бидат активни создавачи на знаење, а не само негови корисници.

Оваа обука претставува уште еден успешен пример за соработка меѓу образовните институции и Викимедија МКД. Преку ваквите активности се создава простор за континуирано вклучување на учениците во уредувачки иницијативи, се поттикнува нивната љубопитност и се зајакнува свеста за важноста на слободното и достапно знаење. Викимедија МКД и понатаму ќе продолжи со организирање на вакви едукативни настани, со цел збогатување на Википедија на македонски јазик и градење нова генерација активни уредувачи.

Фотографскиот материјал од обуката може да го погледнете на следнава врска.

Уредувачки маратон на тема „Медалисти на ЗОИ 2026“

Викимедија МКД организира уредувачки маратон посветен на медалистите од Зимските олимписки игри 2026. Овој маратон има за цел да ја збогати Википедија на македонски јазик со точни, проверени и детални информации за најуспешните спортисти кои освоиле медали на ова големо спортско натпреварување. Со создавање и уредување статии за овие олимписки медалисти, маратонoт овозможува ширење на знаење, зачувување на спортската историја и обезбедување трајна и достапна база на информации која ќе биде корисна за сите идни генерации и љубители на спортот.

Маратонoт се одржува на 23 февруари 2026 година и трае цел ден. Учесници може да бидат сите кои имаат интернет-врска и корисничка сметка на Википедија, без разлика на нивното претходно искуство во уредувањето на статии. Заинтересираните учесници ќе можат да изберат статија од списокот со медалисти кои сè уште не се опфатени на Википедија на македонски јазик. Целта е секоја статија да биде детална и информативна, со минимум од околу 500 зборови или повеќе од 5000 бајти, за да се обезбеди квалитетна и проверлива содржина која ќе служи како релевантен извор на информации.

Учесниците треба да ги додаваат своите статиите во список со резултати на маратонoт, што овозможува следење на нивното учество и бројот на создадени и уредени статии. Наградата ќе биде извлечена по случаен избор, јавно и во живо, на инстаграм профилот на здружението.

Овој уредувачки маратон претставува повеќе од обичен натпревар во пишување и уредување. Тоа е можност за градење заедница, промовирање на култура на соработка и поттикнување на граѓанската ангажираност во создавањето на бесплатни и отворени извори на знаење. Секоја статии создадена во рамките на маратонoт значи нов придонес кон зачувувањето на спортската историја и промовирањето на медиумски проверливи информации за спортистите на меѓународната сцена.

Маратонoт е отворен за сите, од почетници до искусни уредници, и овозможува секој учесник да ги развива своите пишувачки способности и да создава содржина која е проверлива и точна. Преку овој процес, учесниците стануваат дел од глобалната заедница на википедијанци, учествувајќи во заедничка мисија за ширење на слободно знаење на македонски јазик.

Викимедија МКД ги повикува сите заинтересирани да се вклучат во овој маратон, да создадат нови статии и да придонесат кон создавање на квалитетна и трајна база на знаење на Википедија на македонски јазик и за спортската историја на олимписките игри.

Одржана обука за ученици од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Скопје

На 20 февруари 2026 година, во просториите на Викимедија МКД, сместени во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје, се одржа обука за уредување на Википедија наменета за ученици од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“. Настанот беше реализиран како дел од образовните активности на Викимедија МКД насочени кон вклучување на младите во создавањето слободна енциклопедиска содржина на македонски јазик.

На обуката учествуваа 5 ученици, под менторство на професорката Ирена Трајковска Стерјовска, кои покажаа интерес за стекнување практични знаења и вештини поврзани со уредување на Википедија. За нив ова беше прво директно запознавање со процесот на создавање статии.

Обуката беше организирана во два дела. Во првиот дел, Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма во Викимедија МКД, одржа предавање во кое ги запозна учениците со мисијата на Википедија и со улогата на волонтерите-уредници во нејзиното развивање. Таа говореше за значењето на слободното знаење, за можноста секој да придонесе со пишување и подобрување на статии, како и за начинот на кој се гради и проширува содржината на Википедија на македонски јазик. Учениците беа запознаени со техничките аспекти на уредување — отворање корисничка сметка, користење на визуелниот уредувач, поставување на наслови и поднаслови, додавање внатрешни врски и категории, како и основно средување на изгледот на статијата.

Во вториот дел од обуката следеше практична работа, која претставуваше и најдинамичниот сегмент од настанот. Учениците избраа теми што веќе постојат на англиската верзија на Википедија и започнаа со нивно преведување и прилагодување на македонски јазик. Работејќи индивидуално, но со постојана поддршка од менторката и од присутните обучувачи, тие го обликуваа текстот во енциклопедиски стил, внимаваа на јазичната точност и на соодветната терминологија. Во текот на неколкучасовната работа беа успешно напишани вкупно 5 нови статии, со што учениците директно придонесоа кон проширување на содржината на Википедија на македонски јазик.

Настанот помина во работна, но пријатна атмосфера, со активна комуникација и заемна соработка. Учениците поставуваа прашања, разменуваа мислења и си помагаа меѓусебно при техничките предизвици со кои се соочуваа. Преку ова искуство тие не само што стекнаа нови дигитални вештини, туку и развија чувство на одговорност кон создавањето јавно достапна содржина.

Обуката претставува уште еден успешен пример за соработка меѓу Викимедија МКД и училиштата во Македонија. Ваквите активности придонесуваат за поттикнување на младите активно да се вклучат во креирањето и збогатувањето на знаењето на македонски јазик, како и за создавање нова генерација уредници кои ќе продолжат да ја надградуваат Википедија на македонски јазик и во иднина.

Фотографскиот материјал од обуката може да го погледнете на следнава врска.

Одржана работилница за уредување на Википедија за вики клубот во Демир Хисар

Вики клубовите претставуваат важен дел од образовните и младинските активности насочени кон поттикнување на дигиталната писменост, критичкото размислување и активното учество во создавање слободно знаење. Преку организирани обуки за уредување на Википедија, учениците и младите се запознаваат со основните принципи на енциклопедиското пишување, како и со техничките аспекти на уредување на содржини. Овие активности не само што придонесуваат кон збогатување на содржината на Википедија на македонски јазик, туку и ги охрабруваат младите да споделуваат знаење со пошироката заедница.

На 19 февруари 2026 година во Демир Хисар се одржа работилница за уредување на Википедија за членовите на локалниот вики клуб. Настанот се реализираше во салата за состаноци на ОУ „Гоце Делчев“ во Демир Хисар, под менторство на координаторката на вики клуб Демир Хисар, Александра Шундовски во пријатна и работна атмосфера што овозможи активно учество и посветена работа. На работилницата учествуваа пет ученици, кои со голем ентузијазам се вклучија во активностите.

Фокусот на работилницата беше на практична работа – создавање и уредување статии поврзани со добитници на медали од Зимски олимписки игри 2026. Учениците работеа на преведување и прилагодување на содржини од англиската верзија на Википедија на македонски јазик, водејќи сметка за стилот, енциклопедискиот тон и техничките елементи како вметнување внатрешни врски и категории. Во текот на работилницата беа напишани вкупно седум нови статии за спортисти кои освоиле медали на овие игри.

Работата се одвиваше тимски, со меѓусебна поддршка и размена на искуства, што придонесе за поефикасно совладување на техничките аспекти на уредувањето. Учениците покажаа одговорност и внимателност при обработката на содржините, со цел текстовите да бидат јасни, точни и прилагодени на енциклопедискиот формат.

Со реализацијата на оваа работилница, вики клубот во Демир Хисар уште еднаш го потврди својот континуитет и посветеност кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Седумте новосоздадени статии претставуваат конкретен придонес кон спортската тематика, а учениците стекнаа дополнителна сигурност и искуство во самостојно уредување, што ќе им користи и во идните активности на клубот.

Уредувачкиот ден „Острови во Хрватска“ донесе голем број на статии- 52 статии во еден ден

На 17 февруари 2026 година, Викимедија МКД го реализираше уредувачкиот ден на тема „Острови во Хрватска“, кој донесе многу успешни резултати и значително збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Во рамки на активноста учествуваа 14 уредници, кои во текот на денот создадоа вкупно 52 нови статии – што претставува еден од најуспешните уредувачки денови досега.

Со овој резултат не само што се напишаа голем број на статии, туку и се покажа континуираниот раст на продуктивноста меѓу уредниците. Темата „Острови во Хрватска“ овозможи систематско и стратешко проширување на енциклопедиската содржина поврзана со географијата на Јадранското Море. Беа опфатени бројни острови – од поголеми и познати, до помали и помалку обработени – со податоци за нивната местоположба, површина, релјеф, административна припадност, население и други релевантни карактеристики. Со ова значително се подобри покриеноста на оваа област на Википедија на македонски јазик, а читателите добија пристап до структурирани и проверливи информации на македонски јазик.

Уредувачките денови и уредувачките викенди претставуваат важен сегмент од програмските активности на Викимедија МКД, бидејќи овозможуваат фокусирана работа на конкретна тема, поттикнување на активноста во заедницата и создавање мерливи резултати во краток временски период. Тие се покажаа како ефикасен модел за систематско пополнување на содржински празнини и за унапредување на опфатот на различни тематски области.

Рекордните 52 нови статии се јасен показател дека заедницата на уредници е мотивирана и посветена на својата мисија – развој и унапредување на слободното знаење на македонски јазик. Со вакви резултати, се поставуваат високи стандарди и позитивни очекувања за следните уредувачки денови, кои несомнено ќе продолжат да ја збогатуваат Википедија со квалитетни и корисни содржини.