Уредувачки натпревар на тема „Митологија“- учествувајте и освојте награди

Викимедија МКД продолжува со традицијата на организирање уредувачки маратони со кои се поттикнува создавањето и унапредувањето на слободната содржина на македонски јазик. Овие натпревари претставуваат можност сите љубители на знаењето – било да се почетници или искусни уредувачи – да придонесат во збогатување на Википедија, истовремено натпреварувајќи се за вредни награди.

Па така уредувачкиот натпревар на тема Митологија, се одржува во периодот од 29 ноември до 28 декември 2025 година. Целта на натпреварот е да се поттикне создавање квалитетни и проверливи статии поврзани со митологиите од целиот свет – антички, народни, религиски, регионални и современи митолошки системи.

Цел на натпреварот

Митологијата претставува значаен дел од културното и духовното наследство на човештвото. Преку овој натпревар сакаме да се прошири и продлабочи содржината на Википедија на македонски јазик во оваа област, со создавање или подобрување на статии кои обработуваат:

  • митови и легенди
  • богови, божества и херои
  • митолошки суштества и симболи
  • митолошки места, предмети и концепти
  • историски извори и традиции поврзани со митолошки наративи

Особено се охрабрува создавање статии од општа, интернационална и научна важност.

Во натпреварот може да учествува секој регистриран корисник на Википедија на македонски јазик, освен членовите на оценувачкиот одбор. Учесниците можат да креираат нови статии или да ги уредуваат, прошируваат и подобруваат постоечките, сè додека придонесите се нивни сопствени и усогласени со правилата на Википедија.

Какви статии се прифатливи?

Во натпреварот влегуваат статии што се директно поврзани со митологија, без оглед на потеклото или културата.
Не се прифаќаат содржини за уметнички дела (филмови, серии, книги, игри) кои само користат митолошки мотиви – освен ако не се обработува нивната историска или митолошка основа.

Сите статии треба да бидат:

  • добро напишани и енциклопедиски
  • со наведени извори
  • без машински преводи без учесникот да вложи напори за нејзино средување
  • структуирани според стандарди на Википедија

Статиите ќе ги прегледува Оценувачки одбор којшто ќе биде составен од тројца википедијанци кои не можат да учествуваат на натпреварот. Оценувачкиот одбор ќе ја донесе конечната одлука за победникот. Членовите на оценувачкиот одбор ќе ги прегледаат сите статии и секоја ќе ја бодуваат поединечно со бодови од 1 до 10.

Награди

За најуспешните учесници се обезбедени вредни награди во форма на вредносни ваучери:

  • I награда – 12.000 денари
  • II награда – 6.000 денари
  • III награда – 3.000 денари

Дополнителни награди:

  • Награда за најдобра статија – 5.000 денари
  • Награда за најдобар нов учесник – 2.000 денари

Со овој натпревар сакаме да ги поттикнеме љубителите на митологијата, ентузијастите и сите подготвени да придонесат кон слободното знаење, да се вклучат и да помогнат во збогатувањето на Википедија на македонски јазик со нови, квалитетни и добро проверени информации. Учеството е отворено и едноставно, а секој придонес има значење за заедницата и за развојот на енциклопедијата.

Ги охрабруваме сите заинтересирани да се приклучат, да создаваат и да споделуваат знаење, а воедно да ја почувствуваат динамиката и духот на вики-заедницата. Придружете ни се во овој уредувачки натпревар и дадете свој придонес во оформувањето на богата и достапна база на информации од митологијата на светот.

„Викиексперименти 2025“ – нови видеа и продолжување на научната мисија

Проектот „Викиексперименти“ веќе цела деценија претставува важна алка во популаризацијата на науката и достапноста на научните содржини на интернет. Во овие десет години, проектот се развиваше и надградуваше во континуирана соработка со научни институции, истражувачки центри и високообразовни установи ширум Македонија. Благодарение на поддршката од професори, асистенти и научни работници, „Викиексперименти“ успеа да создаде богата база на едукативни видеозаписи кои ги прикажуваат научните експерименти на јасен, визуелно разбирлив и пристапен начин.

Проектот започна во 2015 година со цел да се понудат квалитетни и отворено достапни материјали кои може да се користат во наставата, научната комуникација и самообразованието. Со текот на годините, неговиот опфат значително се прошири – денес видеозаписите покриваат широк спектар научни области, меѓу кои физика, хемија, биологија и други дисциплини. Секој експеримент се снима во стручна соработка со научни кадри од релевантни институции, што гарантира квалитет, точност и научна релевантност.

Сите создадени материјали се подигнуваат на Заедничката ризница на Викимедија – глобалната медиумска библиотека која ги снабдува проектите на Викимедија со бесплатни фотографии, илустрации и видеосодржини. Благодарение на тоа, видеозаписите од „Викиексперименти“ се користат на статии во Википедија на различни јазици, во едукативни презентации, училишни часови, како и во научнопопуларни содржини кои се достапни ширум светот.

Oвој пат на 26.11.2025 година во просториите на Институот за биологија при ПМФ, професорката Сара Цветаноска изведуваше експерименти по биологија од различна прирорда. Притоа, член на тимот на Викимедија МКД со камера со висока резолуција ги снимаше обидите, кои подоцна се доработуваат и прикачуваат на Заедничката ризница. Професорката Цветаноска на мошне вешт начин успеаа да направи експерименти со цел истите да бидат снимени и понатаму употребувани од пошироката публика. Самите видеозаписи може да се употребуваат за образовни цели од различни возрасти, студенти, но и од љубители на биологогијата кои сакаат да ја проучат подлабоко оваа природна наука.

Со влегувањето во десеттата година од своето постоење, проектот продолжува со нови обиди, нови снимања и уште поголема посветеност кон создавање квалитетни научни материјали што се слободно достапни за сите. „Викиексперименти“ останува пример за успешна соработка меѓу академската заедница и отвореното знаење, покажувајќи дека науката може да биде разбирлива, достапна и инспиративна за секој љубопитен ум.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Уредувачка седмица на тема „Риби”- нова можност за ваш придонес

Викимедија МКД постојано работи на промовирање и зголемување на слободната содржина на македонски јазик. Еден од начините на кои тоа го прави е преку организирање на уредувачки маратони и натпревари, кои овозможуваат на учесниците не само да придонесуваат кон создавање квалитетна и проверена содржина, туку и да го зголемат своето знаење од разни области. Со различни теми, но со иста цел – поттикнување на создавање и подобрување на статии – овие активности овозможуваат учесниците да ја применат својата креативност, а истовремено и да се натпреваруваат за вредни награди. Овој пат, Викимедија МКД организира уредувачка седмица на тема „Риби“.

Уредувачка седмица „Риби” се одржува од 21 ноември до 27 ноември 2025 година. Овој натпревар има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на оваа тема.

Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да бидат поткрепени со соодветни извори. При уредување на натпреварот, или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да си го запишат своето корисничко име на проектната страница, заедно со статиите кои ги напишале. Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаат можност и значајно да надополнат некоја постоечка статија.

Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.

Награди ќе им бидат доделени на тројцата најплодотворни учесници во облик на вредносни купони, и тоа:

  • Прва награда: купон во вредност од 4.000 денари.
  • Втора награда: купон во вредност од 3.000 денари.
  • Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.

За да се освои било која награда, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 20 статии!

Овој натпревар е одлична можност не само за натпреварување и освојување награди, туку и за практична работа со пишување и уредување, како и за придонес кон збогатување на македонската слободна енциклопедиска содржина. Вашиот придонес ќе биде траен и достапен за сите кои сакаат да учат, а учеството во уредувачката седмица „Риби“ може да биде почеток на долготрајно создавање на квалитетна содржина на Википедија на македонски јазик.

Уредувачки натпревар „Европска книжевност“- многу нови статии и нови награди

Уредувачките натпревари кои ги организира Викимедија МКД претставуваат еден од најуспешните и највлијателни начини за поттикнување квалитетно создавање содржини на Википедија на македонски јазик. Тие се наменети за сите корисници – од искусни уредувачи до ентузијасти кои сега го започнуваат својот пат на Википедија. Преку овие тематски активности се охрабрува пишувањето и подобрувањето на постојните статии, а воедно се поттикнува и соработката, размената на знаење и развивањето на чувството за заедништво во вики-заедницата.

Со секој нов натпревар, Викимедија МКД настојува да отвори простор за збогатување на содржините во важни и често недоволно обработени области. Токму таков беше и уредувачкиот натпревар на тема Европска книжевност, кој им овозможи на учесниците да се нурнат во богатите литературни традиции на европските народи и да придонесат кон создавање и подобрување на статии од оваа значајна област.

Уредувачкиот натпревар на тема „Европска книжевност“ се одржуваше од  13 септември до 12 октомври 2025 година. Главна тема на натпреварот беше европската книжевност и сите статии поврзани со неа беа признаени и бодувани. Темата вклучуваше статии за книжевници, книжевни дела, книжевни правци, но и општи статии за книжевноста во европските земји.

Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии требаше да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори.  При уредување на натпреварот или по неговото завршување, сите учесници требаше да се запишат со кои статии учествувале.

На натпреварот можеа да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, освен членовите на оценувачкиот одбор. Учествуваа 14 корисници и вкупно беа напишани 302 статии. Најдобрите учесници ги добија следниве награди:

  • Прва награда за најдобар уредник –Тиверополник– вредносен купон од 12.000 денари
  • Втора награда за најдобар уредник – 19user99– вредносен купон од 6.000 денари

Покрај овие награди беше предвидена и следнава награда:

Им упатуваме искрени честитки на сите добитници, а уште поголема благодарност на сите учесници кои вложија време, знаење и посветеност. Вашите статии претставуваат значаен придонес во развојот на слободното знаење и во промовирањето на богатото европско книжевно наследство.

Продолжуваме заедно да ја градиме поквалитетната, подостапна и побогата Википедија на македонски јазик!

 

Четврта и последна викиекспедиција за 2025 година – Општина Старо Нагоричане

Викиекспедициите се теренски активности на заедницата на македонските википедијанци чија цел е документрање на природното, културното и историското наследство на различни подрачја низ Македонија. Преку фотографирање, собирање податоци и разговори со локалното население, учесниците создаваат оригинална содржина што подоцна се користи за збогатување на статиите на Википедија. На овој начин, проектот придонесува кон зачувување на културната меморија и поголема видливост на помалку познатите делови на државата.

Во октомври нашиот тим на википедијанци ја реализираше својата четврта теренска експедиција, овојпат посветена на областите Козјачија и Средорек во Општина Старо Нагоричане. Поради близината на регионот до Скопје, тимот одлучи експедицијата да ја организира во две еднодневни посети – на 11 и 23 октомври, искористувајќи ги државните празници. Целта беше да се документираат селата кои не биле опфатени во претходните експедиции, како и да се дополнат податоците за културното наследство, инфраструктурата и природните карактеристики на овој крај.

Прв дел – 11 октомври

Првиот ден започна со посета на селата околу Кокино. Иако времето беше неповолно и со врнежи, тимот успеа да го реализира поголемиот дел од планираната маршрута. Прво беа документирани објекти во околината на Драгоманце, Челопек и Старо Нагоричане, каде беа направени дронски фотографии од теренот. Потоа следуваа посетите на Добрача каде се наоѓаше црквата „Св. Троица“, позната по украсената фасада.

Тимот продолжи кон Жегљане, Малотино, Кокино и Рамно, каде беа документирани неколку стари училишта, споменици од НОБ и урнати цркви, меѓу кои и срушената црква „Св. Никола“. Во текот на денот беа направени и снимки од селата Цветишница, Буковљане и М’гленце, иако поради ниските облаци и врнежите дел од материјалот беше ограничен.

Во завршницата на првиот дел беа посетени и селата Челопек, Коинце, Алгуња, Враготурце и Пелинце. Беа регистрирани неколку верски објекти, меѓу кои и црквите „Св. Ѓорѓи“, „Св. Петка“ и „Св. Недела“. Денот заврши во Куманово, каде тимот ја заокружи успешната празнична експедиција.

Втор дел – 23 октомври

Вториот дел на експедицијата, реализиран на 23 октомври, беше насочен кон селата долж државниот пат А2 и источниот дел на општината. Иако временските услови повторно беа променливи, тимот успеа да изврши целосна теренска документација.

Посетата започна со селата Војник и Стрезовце, каде беа направени дронски фотографии и беше идентификуван „Шупливиот Камен на Крале Марко“. Потоа следуваа Облавце и Руѓинце, каде беа регистрирани повеќе јавни објекти, меѓу кои училишта и цркви. При снимањето во Руѓинце имаше и инцидент со оштетување на една дронска перка, но активностите продолжија без прекин.

Во селото Орах беа документирани споменици од НОБ и уникатната црква „Св. Никола и Св. Ѓорѓи“,со два влеза и посветена на двата светци. Црквата претставува заштитено културно наследство на Македонија.  Тимот го посети и Карпинскиот манастир, каде беше направена пауза и беше воспоставен пријателски контакт со локалните жители.

Во завршниот дел беа посетени селата Макреш, Канарево, Цвиланце и Бајловце. Во Бајловце беа регистрирани неколку интересни локации, меѓу кои црквата „Св. Димитриј“ и необичниот верски комплекс „Св. Троица“, познат по локалните преданија за лековити камења и лековита вода.

Исход

Со вкупно 16 ново фотографирани села, 6 повторно посетени населени места и поминати над 400 километри тимот имаше одлична викиекспедиција. Собраните фотографии, дронски снимки и белешки ќе придонесат кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик, со цел подобра видливост и зачувување на културното и природното наследство на североисточна Македонија.

Така, чекор по чекор,  нашиот тим на википедијанци ја испишува современата карта на Македонија – со фотографии, факти и приказни од секој нејзин крај.

Фотографскиот материјал од викиекспедицијата можете да го погледнете на следнава врска.

Уредувачки натпревар за средношколци на тема „Реки и езера“- нови статии и нови награди

Преку образовната програма на Викимедија МКД, учениците од средните училишта низ земјата имаат можност да се запознаат со процесот на создавање и уредување на содржини на Википедија. Преку оваа програма, младите учат како критички да пристапуваат кон информации, како правилно да користат извори и како да придонесуваат кон слободното знаење достапно за сите. Една од активностите што поттикнува активно учество и креативност се уредувачките натпревари, кој им овозможуваат на учениците да ги применат стекнатите вештини на конкретна тема.

Уредувачкиот натпревар на тема „Реки и езера“  започна на 6 октомври 2025 година и заврши на 26 октомври 2025 година. Овој натпревар имаше за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на темата „реки и езера“. Право на учество на натпреварот имаа исклучиво ученици средношколци. На натпреварот учествуваа 28 средношколци и вкупно беа напишани 112 статии.

Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии мораа да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори.  Статиите ги прегледуваше жири, кое беше составено од тројца википедијанци. Жирито ја донесе конечната одлука за победниците. Членовите на жирито ги прегледуваа сите статии и секоја ја бодуваа поединечно со бодови од 1 до 10. Па така со гордост ги објавуваме добитниците на награди:

  • Прва награда: Горазд Војнески – вредносен купон во вредност од 6000 денари.
  • Втора награда: Ritxyql – вредносен купон во вредност од 4000 денари.
  • Трета награда: Doni12345 -вредносен купон во вредност од 2000 денари.

Покрај овие награди беа предвидени и награди за најдобри статии и тоа за секоја седмица поединечно. Добитниците на овие награди се следните:

  • Прва седмицa: Doni12345  со статијата „Камел “– вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
  • Втора седмицa: Doni12345 со статијата „Ејвон“  – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
  • Трета седмица: Doni12345 со статијата  Сарасвати (река) – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.

Со овој натпревар, Викимедија МКД уште еднаш ја потврди важноста на соработката меѓу образованието и дигиталното знаење. Преку ваквите активности, младите стануваат дел од глобалната заедница на Википедија и придонесуваат кон развојот на слободното знаење на македонски јазик. Натпреварот „Реки и езера“ покажа дека ентузијазмот, љубопитноста и желбата за учење можат да создадат вредни содржини што ќе им служат на идните генерации.

Искрени честитки до сите добитници на награди за нивниот труд, посветеност и креативност! Воедно, голема благодарност до сите ученици кои учествуваа и со своите статии придонесоа кон збогатување на Википедија на македонски јазик. Вашиот ангажман е доказ дека младите луѓе можат да бидат двигатели на слободното знаење и да бидат позитивен пример во заедницата.

Викимедија МКД одржа конференција за наставници во ООУ „Наум Охридски“ во Црешево, Скопје

Образовната програма на Викимедија МКД има за цел да ја приближи слободната енциклопедија Википедија, како и останатите Викимедија проекти до наставниците и учениците. Преку оваа програма се охрабрува употребата на слободни образовни ресурси и критичко мислење, како и развивање на уредувачки вештини кај младите. Наставниците можат да ги користат овие алатки како дополнителна поддршка при изработка на проекти, подготовка на наставни материјали и вклучување на учениците во активности кои придонесуваат кон зголемување на слободното знаење достапно на интернет.

Во рамките на оваа образовна програма, Викимедија МКД на 5 ноември 2025 година одржа конференција за наставници во ООУ „Наум Охридски“ во Црешево, Скопје. Настанот беше наменет за запознавање на наставниот кадар со можностите што ги нудат проектите на Викимедија во наставниот процес. На конференцијата присуствуваа 20 професори од училиштето, кои се запознаа со можноста како Википедија да се интегрира во наставата и да ја поттикне дигиталната писменост кај учениците.

На конференцијата предавање одржа Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД. Во своето излагање, таа на присутните им ја претстави мисијата и визијата на Викимедија, како и нејзината улога во унапредувањето на слободниот пристап до знаење. Филиповиќ детално ги запозна наставниците со самата енциклопедија Википедија – нејзината историја, структура, начинот на функционирање и принципите врз кои е изградена оваа глобална платформа за споделување информации.

Во текот на предавањето, таа објасни како Википедија може да се користи како ефективно наставно средство кое поттикнува критичко размислување, истражувачки дух и дигитална писменост кај учениците и студентите. Филиповиќ ги нагласи придобивките од активното користење и уредување на содржините на Википедија, меѓу кои се развивањето на вештини за проверка на факти, правилно цитирање извори и соработка во дигитална заедница.

Посебен акцент стави на тоа како правилно да се користи Википедија како информативен извор – нагласувајќи ја важноста од проверка на изворите, препознавање на веродостојни информации и избегнување на непотврдени или пристрасни податоци. Таа ги истакна и најчестите грешки што корисниците ги прават при уредувањето на статиите и сподели конкретни совети за тоа како тие можат да се избегнат.

На крајот од своето предавање, Филиповиќ ги презентираше основните принципи на Википедија, како што се неутралноста, проверливоста и слободниот пристап до знаење, со што го поттикна интересот на учесниците да станат дел од заедницата на уредници и активни придонесувачи во ширењето на слободното знаење.

Настанот заврши со интерактивна дискусија во која присутните наставници имаа можност да ги споделат своите впечатоци, искуства и идеи за тоа како можат да ја применат Википедија во рамките на својата образовна програма. Во разговорот беа истакнати бројни можности за користење на Википедија и сродните проекти како алатки за развивање на аналитичко и критичко размислување кај учениците, како и за зајакнување на нивната медиумска и дигитална писменост.

Конференцијата беше дел од пошироката иницијатива на Викимедија МКД за промовирање на отвореното знаење како клучна вредност во современото учење. Настанот уште еднаш потврди дека отвореното и слободното знаење е моќен инструмент за градење на поинформирано, активно и креативно општество, а Викимедија МКД останува посветена на оваа мисија.

Дел од атмосферата ви ја доловуваме преку фотографски материјал кој може да се погледне на следнава врска.

Работилница на тема „Езера во Северна Америка“ за учениците од СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип

Во рамките на образовната програма на Викимедија МКД, континуирано се реализираат активности насочени кон промовирање на слободното знаење и развивање на медиумската писменост кај младите. Преку соработка со основни и средни училишта, како и со различни образовни институции, учениците имаат можност да се запознаат со принципите на Википедија, да научат како да уредуваат статии и да придонесат кон збогатување на Википедија на македонски јазик со нови и проверени содржини.

Како дел од оваа програма, на 4 ноември 2025 година беше одржана работилница на тема „Езера во Северна Америка“ со ученици од СОУ „Коле Нехтенин“во Штип. На почетокот се обрати Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма која ги запозна учесниците за самата енциклопедија, како функционира Википедија, кои се придобивките од употребата на Википедија како наставно средство и како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации.

Потоа под водство на координаторот на вики клубот во Штип професорката Лиљана Манова и со поддршка од тимот на Викимедија МКД учениците започнаа да пишуваат статии. Целта на работилницата беше да се поттикне интересот кај младите за природните богатства во светот, преку  пишување за езерата како важни природни екосистеми. Работилницата се одвиваше во пријатна и работна атмосфера, каде учениците покажаа голем интерес за темата и активно се вклучија во сите делови од активноста.

На работилницата учествуваа 15 ученици кои научија  како да структурираат статија на енциклопедиски начин и како резултатот од оваа активност беше создавање на 27 нови статии, со што беше даден придонес во зголемувањето на достапноста на информации за природните ресурси во светот. Работилницата претставуваше можност учениците да ги поврзат своите знаења од географија со практична примена во дигитален контекст, но и да развијат критичко размислување, тимска работа и дигитална култура.

Со ваквите активности, Викимедија МКД продолжува да ја гради својата мрежа на активни вики клубови и да го поддржува младинското учество во создавањето на слободно и отворено знаење. Работилницата во Штип уште еднаш покажа дека младите имаат огромен потенцијал да придонесуваат и да ја збогатуваат Википедија на македонски јазик со квалитетна и корисна содржина.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Започнува фотографскиот натпревар „Вики ја сака храната 2025“- нова можност за ваш придонес

Храната е многу повеќе од само потреба — таа е култура, традиција, уметност и љубов. Во неа се огледува душата на секој народ, а преку нејзините вкусови и бои можеме да ја почувствуваме приказната на целиот свет.
Со таа идеја, започнува „Вики ја сака храната 2025, фотографски натпревар кој оваа година се одржува од 1 до 30 ноември 2025 година.

Целта на овој натпревар е да се соберат фотографии од најразновидни јадења од целиот свет. Секоја фотографија ќе претставува мало парче од богатството на гастрономијата и ќе придонесе за подобра визуелна претстава на храната во Википедија и нејзините сродни слободни проекти.

Правила за учество

Учесниците – љубители на храната, фотографи и ентузијасти – ќе можат своите фотографии да ги прикачуваат на Ризницата на Викимедија (Wikimedia Commons) под лиценца за слободна документација (Криејтив Комонс,4.0). На тој начин, нивните дела ќе бидат достапни за целата заедница и ќе придонесат кон збогатување на слободното знаење.

Авторот на фотографијата мора да биде самиот учесник, или да ги има стекнато авторските права врз делото.
За учество е потребна пријава преку пополнување на официјалниот образец за учество.

Минималниот услов за конкурирање за награда за бројност е поставување најмалку 20 различни фотографии од храна или специјалитети, додека наградата за највисоко оценета фотографија не зависи од бројот на испратени фотографии.

Награди

Најуспешните учесници, според оценката на стручно жири, ќе бидат наградени со вредносни ваучери од Pix+:

  • Прва награда– за најголем број различни видови храна, традиционални јадења и специјалитети: ваучер во бруто-износ од 400 евра
  • Втора награда– за бројност и разновидност: ваучер во бруто-износ од 300 евра
  • Трета награда– за бројност и разновидност: ваучер во бруто-износ од 100 евра
  • Награда за највисоко оценета фотографија – ваучер во бруто-износ од 200 евра

Зошто да учествувате?

„Вики ја сака храната“ не е само натпревар — тоа е прослава на културната разноликост и на убавината што храната ја носи со себе. Со секоја фотографија, учесниците придонесуваат кон создавање богата архива на визуелни прикази од кулинарската традиција на човештвото, достапна за сите генерации.

Приклучи се, фотографирај, сподели и инспирирај! Нека твојата фотографија биде дел од глобалната приказна што ја слави храната и љубовта кон неа.


Обука за уредување на Википедија за студентите од Природно-математичкиот факултет

На 31 октомври, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се одржа обука за уредување и пишување на статии на Википедија на македонски јазик, наменета за студентите од факултетот. Настанот беше организиран во рамките на соработката помеѓу Викимедија МКД и ПМФ, која официјално започна со потпишувањето на Меморандум за соработка на 7 октомври 2025 година.

Оваа обука претставува прв конкретен чекор кон реализација на заедничката цел – поттикнување на младите академски граѓани да придонесат кон збогатување на слободното знаење на македонски јазик. Преку учеството во овој проект, студентите имаат можност својата стручна пракса да ја реализираат на креативен и општествено корисен начин, со тоа што ќе пишуваат, уредуваат и надополнуваат статии на Википедија.

Обуката ја спроведоа Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД и Јован Тасевски, менаџер за заедница на Викимедија МКД, кои ги запознаа студентите со основните принципи на Википедија, нејзината структура, правилата за уредување и проверливост на изворите, како и техничките аспекти на создавање содржина. Присутните имаа можност и практично да се запознаат со процесот на пишување и објавување на нови статии.

На настанот присуствуваа 6 студенти, кои за време на обуката напишаа вкупно 9 статии на теми поврзани со нивните студиски насоки и интереси. Со тоа, тие го направија својот прв чекор кон станување активни придонесувачи во Википедија на македонски јазик и во заедницата на слободното знаење.

Оваа активност е само почеток на континуираната соработка меѓу Викимедија МКД и Природно-математичкиот факултет, која има за цел да ги охрабри студентите и академската заедница да станат дел од глобалното движење за слободен пристап до информации. Во наредниот период се планираат дополнителни обуки и активности што ќе ја продлабочат оваа плодна соработка.

Со вакви иницијативи, Викимедија МКД продолжува да ја гради мрежата на партнери во образовниот сектор и да создава можности младите луѓе активно да придонесуваат кон развојот на слободното знаење во нашата земја.